Турбе на Ашик-Челеби – Гази Баба / XVI – ХХI век

Период:  првична градба – 1572г; прва обнова: XIX  век; втора обнова: 2013г.

Локација: ридот Гази Баба

 

Без разлика на неговите мали димензии ова турбе зазема многу впечатлива позиција во скопската панорама. Доколку го погледнеме ридот Гази Баба на сончев ден, ќе забележиме една блескава точка која отскокнува од густата шума. Тука речиси на врвот на брдото е закопан османлискиот поет, научник и кадија Ашик-Челеби, познат како Кади Баба или Гази Баба.

 

 

 

Турбето во денешен контекст, сателитска снимка (google.com) 

 

 

 

Турбето во денешен контекст, панорама од паркингот на МСУ (google.com) 

 

 

 

Вистинското име на Гази Баба е Мехмед Али ел Натаи. Тој бил судија на неколку места низ Турција и низ Балканот, а неговата последна позиција била во Скопје каде и починал во 1572г. Дал голем допринес на османлиската литература, преку преведување на голем број дела од Арапски на Турски, но и со неговата поезија и биографски текстови.

Тој бил погребан во Скопје на ридот кој денес го носи неговото име – Гази Баба. Изворите укажуваат дека неговиот гроб бил почитуван и често посетуван од народот, па дури имал и свој чувар, турбедар.

 

 

 

 

Историска фотографија (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр. 125)

 

 

 

Оригинално турбето било изградено во теќето на Локман Хеким, кое денес повеќе не постои. На ова место своевремено се наоѓало едно од најголемите и најстарите муслимански гробишта во Скопје, кое исто така било уништено околу 1955 година.

 

 

 

Историска фотографија  (www.ceipa.pmf.ukim.mk)

 

 

 

 

Историски фотографии   (лево: извор / десно:  www.ceipa.pmf.ukim.mk  )

 

 

 

Впрочем и самата градба на турбето не опстојува многу долго. Се споменува дека таа изгорела, а потоа кон крајот на XIX век,  била изградена нова. Ова турбе ја добива формата која ја воочуваме и денес – осумстрано, затворено турбе со купола.

Структурата била од тула со завршна обработка од малтер. На објектот имало и калиграфски натпис сместен во нишан.

 

 

 

 

 

Основа и пресек на објектот, К. Томовски (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998, стр. 125)

 

 

 

Само неколку децении по неговата обнова објектот повторно е урнат од уште една катастрофа – скопскиот земјотрес во 1963. Тој не бил вклучен во пост-земјотресната обнова и повторно е изграден во 2013 со финансиска помош од Општина Бурса, Република Турција.

Сепак, само неколку години подоцна објектот повторно се наоѓа во незавидна состојба. Поставувањето на висока ограда околу објектот е само очаен чекор, кој не го решава нашиот проблематичен однос кон културните споменици.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Иако денес среќаваме релативно нов објект, кој не е соодветно интегриран во градот или одржуван, тој сепак ја врши функцијата на оригиналното турбе – просторен маркер на местото каде е погребан еден посебен човек од нашата локална историја. Токму поради ова, како и поради својата османлиска форма, оваа градба го заслужува терминот архитектонски споменик, а со тоа и соодветната почит.

 

 

 

 

Фотографии од денешна состојба: Филип Михајлов