Архитектонска анализа на Ресторан Инекс – Парк, Охрид / Балабанов

 

Година на изведба: 1989
Автор: Павел Балабанов
Проектантско биро: Завод за урбанизам и архитектура – Охрид
Инвеститор: РО за угостителство Инекс „Горица’’
Локација: Горица, Охрид
Површина: околу 2200м2 + 1100м2 надворешна ресторанска тераса

 

Пред само неколку дена изгубивме уште еден драгоцен примерок на модернизмот во Македонската архитектура. Во ресторанот Парк, архитектот Балабанов успеа да создаде иновативен конструктивен систем кој генерира уникатна скулптуралност и чувствителен однос кон живописната топографијата.

Неверојатно е што институциите не ја препознаа оваа архитектонска вредност на време, и дозволија еден ваков споменик да биде избришан од силуетата на Охрид.

Ви прикажуваме архитектонска анализа изработена од арх. Дарко Ангелески, која одлично го документира објектот, и преку која барем ќе спречиме тој да биде заборавен.

 

 

 

,,Бран на копно” / извор: ohridinfo.mk

 

 

 

Автор на ова дело е архитектот Павел Балабанов (1942-2017) од Охрид, најпознат по ОУ „Климент Охридски’’ –  Охрид, за кое ја добива и сојузната награда за архитектура во Југославија на весникот „Борба’’ во 1980-та. Сепак кога бил запрашан за најомилено свое архитектонско „чедо“, го издвојува ресторанот „Парк“, од причина што креативниот процес бил највозбудлив .

Ресторанот се наоѓа во областа наречена Парк, во Охрид, на локација со специфичен и богат контекст, како естетски таа и од биолошки аспект. Тука главна улога ја игра близината на езерото, крајбрежната трска, па дури и Студенчишкото Блато кое е оддалечено од објектот на околу 310м од ресторанот. На северниот раб на локацијата се наоѓа еден тесен канал со нестабилен водостој кој во минатото ја поврзувал трската од езерото со блатото, кое тогаш се протегало скоро до самата локација. Познато е  дека блато има биолошки диверзитет кој е од неопходно значење за целиот екоситем на езерото, а ваквите канали го одржуваат во живот.

 

 

 

Анализа-поширокиот контекст

 

 

 

Каналот се протега во позадина на ресторанот и формира услови за извишување на дрворед од тополи.

На локацијата е предвиден приземен паркинг за 30-тина возила,  а за персоналот посебен пристап кон затворен магацински простор, без кров, преку мала пристапна улица.

 

 

 

 

 

 

Влезовите се исто така функционално подвоени, како според корисници така и хиерархиски. Главните влезови во ресторанот и дискотеката, се архитектонско назначени и добиваат на важност.

 

 

 

 

 

 

 

 

Езерото е на само 43 метри (од фасадата ), 33м (од дрвените носачи), додека ресторанската тераса се доближува на само 25м, а сепак објектот со своето постепено намалување на висината се покорува кон теренот и езерото.

 

 

 

 

 

 

Закривеноста на површините во Архитектурата историски се воздигнува и масовно употребува во периодот на Барокот, особено во сакралните објекти. Во овој случај закривеноста на кровот е повеќе футуристички, наместо барокен елемент, поади тоа што се јавува на кровната површина и има геометриска тенденција, преку дрвените носачи да премине во аркада, односно перфорирана ѕидна површина. Ваквото преминување, односно бришење на границата на традиционалните површини ѕид/под е одлика пак на современата високо-технолошка архитектура, која овие површини ги смета како една единствена заедничка обвивка.

Оваа фасада е посебно значајна затоа што е видлива не само од копното туку и од пловните објекти во езерото. Нејзиното постепено издигнување, практично ја сокрива вертикалноста, односно ѕидовите на фасадата, и со тоа се добива една прикирена, скоро мистична, и уникатна слика, што не може ни да се нарече фасада.

Ваквата геометрија ја надополнува исто така реткиот спој со тополите, кои историски гледано во контекст на руралната слика во македонските села, заедно со минарето претставуваат некоја врста на природно/вештачки опоненти за вертикалното обликување и се своевремено можеби единствени од таков тип.

Македонските села се богати со речни токови, кои се пак иделна прилика за растењето на овие дрва.

 

 

 

Анализа – однос на фасада и силуета со околината

 

 

 

Во закривените волумени се наоѓаат главната ресторанска сала (заедно со кафаната и банкет салата) и дискотеката. Помеѓу овие простори е додадена кујната, со помала висина, заедно со останатите сервисни содржини, додека пак од страна на улицата кон дискотеката е додаден простор, исто така со помала висина, кој содржи минсофи/сепареа со услужните простори.

 

 

 

Анализа – волуменски односи

 

 

 

Конструктивниот систем е изработен од армиран бетон, во комбинација со ламелирани дрвени, закривени носачи, кои ја премостуваат ресторанската сала и дискотеката.

Како завршни материјали се употребени бело обоен бетон и темно фарбано дрво и лимен кров. Овие завршници укажуваат на фактот дека проектантот има јасна намера да ги истакне естетските квалитети на традиционалната охридска куќа во модернистички манир преку овој проект.

 

 

 

Анализа – конструктивен систем на ресторанската сала со детали

 

 

 

Анализа – материјали и текстури

 

 

 

Историчарот и тероетичар Кенет Фремптон во „Кон критичкиот регионализам: Шест точки за архитектура на отпор’’ ќе каже „Критичкиот регионализам треба да ја присвои модерната архитектура, критички, поради нејзините универзални прогресивни квалитети, но истовремено треба да се вреднува географскиот контекст на зградата’’

Дека проектантoт е потполно свесен за, и инспириран од, античкатата историја на Охрид, докажува и неговата скулптурална интерпретација на антички столб и антички аркади, повторно во свој индивидуален стил. Под влијание на модерната, го употребува бетонот како материјал и ги стилизираа, односно упростува споменатите антички форми.

 

 

 

Анализа – обликување на столбови, третман на фасада, дематеријализација на плафон

 

 

 

Оригинален цртеж од архивот на авторот-основа, пресек и изглед на столб

 

 

 

Како дополнителни модернистички елементи во делото се јавува доминантната употреба на лентовидни прозори и слободниот третман на фасадата кон езерото.

Се разбира главната моќ на локацијата е погледот кон езерото, трската и мал дел од стариот дел на градот.

 

 

 

Анализа – лентовидните отвори доминираат

 

 

 

Анализи – врамување на погледот

 

 

 

Поради големата плафонска и ѕидна површина обработена во темно дрво со изобилство на текстури, кои од ентериерот преминуваат и кон надворешноста на објектот, може да се насети и Скандинавско влијание  во стилот.

 

 

 

 

 

 

Светлата во ентериерот се осмислени со јазикот на кривата линија и се третирани како надворешни светилки, со што имаат тенденција гостинот, да се осеќа како надвор.

 

Просторот во влезот е детално обработен и третиран со желба да предизвика претставителност, преку внесувањета на решеткасти држачи за растенија, парапетни маски за радијаторите и мермерот како завршница.

 

 

 

Оригинална фотографија од архивот на авторот-ентериер со опрема

 

 

 

Оригинален цртеж од архивот на авторот-пресек и изглед на аркадна преграда

 

 

 

Оригинален цртеж од архивот на авторот-изометрија од влезен хол со гардероба

 

 

 

Оригинална фотографија од архивот на авторот-ентериер од влезниот хол

 

 

 

Големата површина на ресторанската тераса јавува потреба од сенка во летните денови. Авторите нудат решение за сенила изработени од челик со подвижен дел од платно.

 

 

 

 

 

 

Оригинални цртежи од архивот на авторот-изглед на сенило предложено за ресторанската тераса

 

 

 

Кога сето ова ќе се сумира и земе во предвид, се добива јасен впечаток дека се работи за еден добро осмислен објект, разработен од многу различни аспекти, со посебно чувство за прилагодување на контекстот, а сепак со еден просторно-архитектонски индивидуален израз карактеристичен за авторот.

 

 

 

Материјалот го приложи и обработи: Дарко Ангелески