Старата католичка црква во Битола
04.11.2021 • XVI - XIX век ХХ век / I половина
Година: 1857 / 1870 / 1909/ 1938 год.
Автор: француски архитект (името не ни е познато)
Локација: Широк Сокак
Извор: текст – cineculture.online
Фотографии: Филип Конески, 2021 год.
Локација
Основач на католичката парохија во Битола бил Јозеф Лепавек кој во 1857 година го купил хотелот Локанда на Широк сокак. Во објектот бил направен мал параклис каде што на Велигден во1857 година била отслужена првата Божествена литургија.
Уличен фасаден фронт / Широк Сокак / Google earth
Во 1870 година на истата локација била изградена нова црква во барокен стил која била опожарена во 1900 година, а денешниот објект е изграден во неоготски стил во 1909 година. Планот за изградба бил дизајниран од француски архитект, но реализиран од локални мајстори.
Широк сокак од почеток до крај бил оформен со објекти, нанижани во една логична визура, кои никогаш не го надминувале венецот со доминантна вертикала. Се сметало дека висината му припаѓа на духовното, па затоа единствено вертикалите ги среќаваме кај џамиите преку минарињата и кај црквите преку камбанариите. Од тој контекст, тежнеењето на католичката црква била да добие своја камбанарија, која ќе излезе над кровните простори.
Главниот олтар од костеново дрво во готски стил бил изработен во Минхен, Германија. Останатите два помали олтари биле изработени во новоготски француски стил. Новите делови како и амвонот биле изработени во 1975 год. од ореово дрво, а ги изработил копаничарот Ѓорѓи Караџов.
Камбанаријата на црквата која била подарок од словенечките верници била изградена во периодот од 1938 до 1940 год.
Денес Католичката црква продолжува да им служи на верниците во битолскиот регион и со гордост стои како една од главните туристички атракции во Битола.
Автор на статија: Filip Koneski
1909 / Битола / Католичка црква / неоготика / свето срце исусово