„Македонска архитектура?“ – Чипан

Извори: „Моето време во Македонската архитектура“ – Борис Чипан / Архитектонски факултет, Скопје

 

Македонска архитектура?

 

Прашање кое денес не се дискутира. Но, во векот кој остана зад нас има своја историја. По повлекувањето на Отоманската империја од Балканот се создадоа национални држави кои својата афирмација ја побараа во национализмот не само во политиката, туку и во архитектурата, повикувајќи се на архитектонското наследство. По создавањето на македонската држава и првите години на социјализмот, во потрага по национална афирмација, се почувствува миризбата на прикриен национализам и кај нас.

 

Моето учество во оваа епизода беше набљудувачко и само со забелешка типична за еден тукушто дипломиран млад архитект „социјализмот се презентира како прогресивна идеологија и нема потреба од имитации на стилови од времето на аристократијата и гнилиот капитализам.“ Но, нашите, исто така млади раководители на новото општество, беа слепо заразени од советската практика каде сталинизамот ја отфрли модерната архитектура која му се причинуваше непогодна за глорификација на социјалистичкиот апсолутизам и го прифати класицизмот од имепријалниот европски 19 век.

 

Наскоро, по кавгата наречена Информбиро, Југославија се ослободи од диктатот на Советите и тргна по свој пат кон некој поинаков соијализам. Архитектурата, како и сите области на културата, се ослободи од диктатот од врвот, но се уште останаа некои ретроградни сили.

 

Во 80-те години на минатиот век се организира еден репрезентативен симпозиум со учество на веќе зрели и афирмирани македонски архитекти во обид да се открие одговорот на прашањето поставено во насловот (целата дискусија е отпечатена во единствениот број од македонското списание А: за култура на просторот, Скопје 1983.). Без јасни критериум се беше збркано: граници на територијата, национална држава, историско наследство, имиња на домашни и странски архитекти и богат фундус на реализација во сите македонски градови, дури и една изложба со наслов „Македонска архитектура“ (1974) и каталог со текстови: Традиција, Архитектура на нашето време, Урбанистички настојувања и Архитектонското денес и утре.

 

Симпозиумот заврши без дефинитивен одговор со наизглед спротивставени стојалишта: Македонска архитектура или Архитектурата во Македонија? Едни се повикуваа на историското наследство, но не како имитација, туку препознатливо во современиот архитектонски израз и посебно место во светската архитектура; другите со аргумент: ако е создадена од македонски архитекти, таа е македонска; третите – контра: што бива со учеството на архитектите од странство, особено по скопскиот земјотрес?

 

Се чини дека дилемата навистина е од формален карактер: се зависи од контекстот: ако е македонска, може да звучи националистички претенциозно или со негативна конотација во смисол на квалитетот; ако е во Македонија и со учество на архитекти од странство може, сепак, да биде македонска.

 

 

 

Во меѓувреме архитектурата во светот помина низ повеќе фази и самите протагонисти на модерната преминаа во трансформации. Најдобрите реализации Ле Корбизие ги создаде во Индија (Чандигар), а заврши со црквата во Роншан. Валтер Гропиус во Америка градеше модерно, но изработи еден проект „соодветен на традицијата“ за Универзитетот во Багдад. Мис ван дер Рое, оној пуританец со поговорката „помалку е повеќе“ и со неговите стаклени облакодери се приклони кон новата идеологија за освојување на светот, а непредвидливиот Френк Лојд Рајт излезе од неговиот „бункер“ среде Њујорк со зградата на музејот „Гугенхајм“.

 

Така модерната архитектура тргна во промени, секако, соодветно на општествените мутации во светот. Следните генерации на архитекти кои сакаа да се ослободат од тортурата на протагонистите, тргнаа во движење наречено „постмодерна“ кое не траеше долго, но ја разбудија модерната од дремеж. Се продолжи со други „изми“ и конечно практиката покажа дека В. Гропиус имаше право кога тврдеше дека архитектурата ги следи општествените промени и непрекинато се менува.

 

И покрај сите варијации архитектурата од овој период го носи во суштина белегот на модерната и може да се потврди дека е тоа архитектонскиот стил на 20 век.

 

Во новиот 21 век се насетуваат нови движења кои, генерално, се именуваат како глобализација. Државите се уште се презентираат како национални, но архитектите станаа интернационални. Се испомешаа проектантски фирми и се појавија со проекти низ целиот свет каде што има повеќе пари. Како да ги наречам оние чуда од архитектура во пребогатите емирати на Арабскиот Полуостров, во Хонгконг, Сингапур и Малезија? Денес не вреди терминот национална архитектура во Франција, Германија и каде било во светот, освен ако не го употребиш во контекст кој означува одредена територија. Присутен е нов револузионерен скок во технологијата на градењето, проектирањето и комуницирањето помеѓу инвеститор, проектант и оператива. Тоа е видлив премин во 21 век, а тој не е веќе мој век.
И сега се прашувам дали беше залудна толкава дискусија за дефинирање на одговорот од поставеното прашање во насловот. Во денешниот свет, кој галопира во измислување на новитети, архитектурата стана навистина интернационална, но поинаква од толкувањето на постмодерните како досаден, интернацинален стил. Но, во Македонија се случува нешто спротивно од светот: наместо напред, се вративме во „палеотехничкиот пекол“ (Л. Мамфорд), а архитектурата која овде се создава денес може повторно да се именува само македонска затоа што се создава по шпекулантскиот модел од 19 век.
Долгата дискусија, сепак, не беше залудна затоа што ни помогна да ја согледаме вистината за нашата архитектонска беда и нашето место во архитектурата на светот.

– арх. Борис Чипан