Детска градинка во Волково / Конески, Спасевска

Инвеститор: Општина Ѓорче Петров

Фирма: Прима Инженеринг

Година на проектирање: 2018 год.

Идеен проект :  Филип Конески

Основен проект:  Филип Конески, Даница Спасевска

Соработник:  Анета Мартулкова

Техничка поддршка: Aнѓа Смилевска

Консултации и менаџмент:  Веселинка Герасимова,

Градежно конструктивен проект: С. Доковски

Електротехнички проект: Р. Недељковска, С. Манева

Термотехника: И. Спиров, П. Бендевски

Водовод и канализација: Д. Чубриноски

Сообраќај: Н. Костов, В. Николиќ – Огњеновиќ

ППЗ: В. Деловски

Ентериер: Александар Наумчески и Душица Диновска Пановска

Мебел и опрема: Kids hut

Изведувач: Вардар Градба

Година на реализација: 2019 – 2021 год.

Фотографии: Борис Јурмовски, Филип Конески

 

 

Детската градинка е лоцирана во с. Волково на ГП 1.4, КП 1912/3 КО ВОЛКОВО. Основниот проект е изработен врз основа на одобрениот идеен проект од инвеститорот и изводот од план бр. Сл/2018 односно АУП  за ГП 1.4 на КП 1912/3 КО Волково од опш акт Волково. Градежната  локација е со површина од 6134.83м2, предвидена површина за градба на габарит од 2460м2, бруто развиена површина од 4920м2 и максимална дозволена височина до венец 8.2м со П+1. Согласно ДУП-от на градежната парцела е предвидена изградба на објект од класа В2 – детска градинка.

 

 

КОНЦЕПТ

Во поглед на светските искуства  последната деценија и појавата на исклучително смели концепти кои сериозно го третираат престојот на децата во градинките, инвеститорот насочи на размислување на обликовен јазик инспириран од потковица или круг со дополнителни можности за развој на програмата вон и над објектот.

По увидот на терен, проектната програма и балансирањето на финансиските можности со вонредноста на проектот за домашните услови, пристапивме кон разработка на концепти и нивна компарација.

 

 

 

Согласно направените архитектонски анализи, затворениот круг се потврди како соодветен и логичен, овозможувајќи еднакво растојание на средиштето, прегледност, подобро осончување и омекнато присуство во просторот. Поради достапноста на парцелата единствено од една страна, вметнувањето на внатрешен сообраќаен прстен околу објектот беше од исклучително значење за пристап за возило и задоволување на ППЗ стандардите. Од тука правиот агол создава проблем во природниот тек и сообраќајната логика на свртување. Затоа круг :).

Кругот како волумен во кој интегрираме градинка, во светот особено изминатата деценија се покажа како силен визуелен и функционално оправдан избор. Тоа значи нетипичен концепт во поглед на домашните искуства, т.е симбиоза на стандардите произлезени од правилниците, нивното соодветно и алтернативно толкување со цел вистински квалитетно решение, правејќи еден чекор напред кон посмело размислување во македонската пракса.

 

 

 

Пристапувањето на локацијата се случува од нејзината највисока точка. Од тука логичната кота на приземјето каде се сместуваат корисничките простории (занималните и јаслите) е во иста т.е во блага разлика со влезот во парцелата. Затоа објектот се распослува согласно развивањето на парцелата кон југоисток, каде се протега „зелениот дол“.

 

 

Адаптирањето на теренот значеше развој на објектот во обратна насока, од горе – надолу, постигнувајќи рационалност во организацијата и конструкцијата според условите на околината. Тоа е во складност со функционалните потреби за економските и дополнително потребните простории во сутеренскиот дел кои на спротивната страна имаат директна достапност од терен.

 

 

Нагибот на локацијата наложи и поинакво решение за поврзување на занималните со надворешноста. Најчесто истото се постигнува директно преку терасите од каде постои директна врска со дворот. Но, условите не дозволуваа таков пристап поради висинските разлики со што се загрозува безбедноста на децата и неможноста да се достигне природниот терен без вертикални комуникации. Дури и еркерното исфрлување на независни балкони претставуваше  само уште еден проблем за внатрешната кружна патека, која е важна за пристап на ППЗ возило, како и возила за дотур до економските простории во сутеренот.

 

 

Затоа се пристапи кон оформување на внатрешно  двориште – атриум каде дефиниравме рамна површина, во улога на главен двор и заедничка тераса за социјализација и игра. Таа е достапна до сите корисници на еднакво растојание преку прстенестиот коридор кој ги обединува внатрешните функции.

 

Организацијата на објектот предвидува два главни влеза за корисниците. Едниот е наменет за јаслите додека другиот за останатите повозрасни корисници. Со цел да се постигне дополнителен спореден излез во случај на оневозможена евакуација преку некој од двата влезови, се предвидува продор на истата оска од спротивна страна преку атриумот. Со овој гест се обезбедува врска меѓу внатрешниот и надворешниот двор, додека скалиштето добива дополнителна намена на покриен амфитеатар за настава на отворено, приредби и слично.

 

 

Со желба да се надокнади изгубеното од површината која го опфаќа објектот, потоа губењето на класичните балкони и позитивните аспекти за животната средина се отвори патот за дефинирање на кровна градина. Истата може да биде користена за игра, едукативно одгледување на земјоделски растенија, парковска површина итн. Во првата варијанта на проектот истата беше достапна преку надворешни скали и рампа, додека во втората варијанта која е реализирана, рампата е заменета со лифт. Кровната градина и нејзината изведба е предвидена во идната – втора фаза.

 

Варијанта 1 / Пресек низ 3Д модел и погледи на модел

 

Рампата од првата варијанта на проектот, требаше да биде изведена во помеѓуто на двата влеза, насочена кон аулата. Истата беше проектирана со соодветен нагиб и силен визуелен идентитет во обликовен јазик близок до објектот. Во средиштето беше предвидено овошно дрво, чии плодови во иднина ќе беа достапни на децата преку завиената рампа. Околу дрвото покрај конструктивните армирано бетонски платна, се предвидува урбана опрема создавајќи чекална за родителите.

Втората варијанта беше финансиски поприфатлива за инвеститорот. Таа се надоврзува на вертикалата на лифтовското окно кое го врзува сутеренот со приземјето. Лифтот досегнува до кровната тераса, додека атриумските скалила остануваат исти во двете варијанти.

 

Варијанта 2 / Пресек низ 3Д модел и погледи на модел

 

Поради економски причини, кровната градина се предвидува за реализација во следната втора фаза, притоа внимавајќи во изведбата (во првата фаза) да се постават сите потребни слоеви кои ќе го озвоможат истото во иднина. Во моментов, завршниот слој е изведен од песок со крупна гранулација создавајќи кровна „плажа“. Површината на кровната површина е околу 1200 м2.

 

 

Останатата површина од парцелата вон објектот опфаќа паркинг на самиот влез,  паркинг простор за одложување на сообраќајниот прстен, детско игралиште и хортикултурно уредување по ободот на оградата и внатрешноста.

Големиот двор се користи при строго контролирани посети во придружба на воспитачи поради падот на теренот.

 

ФУНКЦИОНАЛЕН ОПИС

Објектот е проектиран на две нивоа, приземје и сутерен. Притоа не е окупирана целата дозволена површина во рамките на максимално дозволената градежна линија. Потребната содржина на детската градинка е проектирана – димензионирана врз основа на правилникот за стандарди и нормативи за детски градинки  и проектната програма на инвеститорот.

 

 

Предвидени се два  главни влезови раздвоени меѓусебно  со аула- повеќенаменски простор, од кој со едниот се стигнува до администрацијата и јаслите, додека со другиот до занималните. Во склоп на едната групација предвидени се  3 занимални од кои една за група од 6-18 месеци и две за групи од 18-24 месеци. Поставеноста на занималните е со ориентација – исток овозможувајки максимална инсолација во утринските часови, на просториите за престој на децата. Во склоп на овој функционален дел предвидени се сите потребни пратечки содржини – прием (тријажа), гардероби, санитарии како и пристап кон атриумот како заеднички простор на  отворено (во улога на голема заедничка тераса). Излезот/влезот  од занималните  кон дворната површина е преку коридорот. Во склоп на овој дел е предвидена и млечна кујна.

 

Од предвидениот влез за јасли, делот за вработени – административен хол е издвоен со двоен ходник. Тука функционално се надоврзува блокот во кој се организирани простории за вработените, доктор, изолација, скалишно јадро  и лифт, кој води до екомомските простории  во сутеренот.

 

 

Групата на занимални за деца од 2-6 години ја сочинуваат 4 занимални  кои се функционално организирани преку вториот влез до аулата.Поставеноста на занималните – просториите за престој на деца е со ориентација исток – југ – запад овозможувајќи нивна максимална инсолација. За секоја група предвидени се санитарии и гардероба од која се излегува на отворените простори, атриумот и кон детските реквизити на кровната градина. Ваквата функционална поставеност на санитариите е со цел истовремено да имаат улога на хигиенски пропусник. Сите простории помеѓу се визуелно прегледни преку прозорските отвори.

 

 

Повеќенаменскиот простор/ аулата истовремено има улога на сала за спортски активности, приредби како и простор наменет за креативни катчиња. Таа е функционално поставена помеѓу двата влеза  денивелирана во однос  на занималните за 84 см со што се добива и дефиниран простор за седење, гледање, визура кон надвор. Денивелирањето учествува во играта на децата, овозможувајќи поставување на реквизити – лизгалки.

 

 

Се предвидува  кота на  плоча на приземје 0.00 – усвоена теренска кота 314.70 мнв, спратна висина на приземјето од 380см  како и кота на плоча на сутерен – 3.20 односно кота на терен 311.50 мнв.

 

Сутеренскиот дел кој е поставен во идеална позиција да се надмине разликата во нагибот на теренот, претставува и линија на дилатација на конструкцијата на објектот. Во овој дел се предвидува машинска просторија, во која е сместена опремата за централна припрема на вода. До машинската просторија е предвиден простор за хидрофор. Останатите сутеренски простории се наменети за кујна, остави, електро соба, перална, шивална, магацински простор. Во економскиот блок се предвидени дистрибутивна кујна со капацитет од 150-180 оброка, магацин за кујната како и простор за нечисти работи, перална со магацин за чист веш. Пратечките содржини и гардеробата со санитарии се предвидени за кујната и за пералната во нивна непосредна близина.

Во крајниот дел на сутеренот е предвидена повеќенаменска занимална која треба да овозможи катче за музицирање. Со физичкото поместување од приземје кон сутерен се постигнува подобра звучна изолација и директна врска со дворот. Градинката е проектирана за 150 деца или 175 деца во случај да е потребно, каде оваа сутеренската занимална за дополнтиелни активности се пренаменува во класична.

 

 

 

ОТСТАПКИ ОД ПРОЕКТОТ

Од проектантскиот став до конечна изведба на објектите во Македонија, често се случуваат промени во реализацијата. Тие некогаш имаат логична природа, но повеќе пати истите се предизвикани од волјата на инвеститорот.

Во таквиот процес не е поштедена ниту градинката во Волково. Со истиот се предизвикани промени на финалниот впечаток и естетика на објектот.

Некои од промените кои треба да се напоменат се материјалите на внатрешниот под, изборот на дезенот на внатрешната столарија, промената на композитниот под во атриумот со бекатон елементи, поместување на оградата на кровната градина од позиција на фасада кон внатрешната страна на цоклето, промена на материјалот на скалниците во пасажот. Потоа измена на решението за одведување на атмосферската вода од кровната тераса со класични видливи олуци, затворање на достапноста од надвор на занималната во сутеренот и замена на фасадните колор роло завеси со внатрешни, со што се наруши оригиналниот визуелен впечаток и композиција.

 

 

Разбирајќи ги условите во кои функционира македонската сцена, реализацијата на објектот пропратен со споменатите измени, сепак претставува одреден чекор напред во борбата општините посмело да размислуваат за својот простор и за иднината на своите граѓани. Изведбата на градинката ги задржа просторните и организациони вредности на авторскиот обликовен јазик, оставајќи простор во иднина некои од пропустите да бидат корегирани. Инвестирањето во субурбаниот дел на Скопје, во објект кој ги поместува границите на домашното перцепирање на типологијата на функцијата – градинка, се надеваме дека позитивно ќе влијае во општеството за следни архитектонски предизвици.

 

 

Приземје – нето корисна површина 1144.62м2.

Сутерен – нето корисна површина  398.25м2.

Вкупно нето корисна површина на градба изнесува 1542.87м2.

 

 

.