Архитектурата на вистината / Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ
30.07.2015 • Став
По објавата на текстот „Архитектурата на архитектите” на Аљоша Симјановски, во Утрински весник, претседателот на ААМ, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ реагираше со свој текст „Архитектурата на вистината”.
Реакцијата на Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ ја пренесуваме во целост (со лично одобрување), додека текстот на Аљоша Симјановски можете да го прочитате во оригиналната форма на страниците на Утрински весник.
Архитектурата на вистината
„Скопје 2014“ денес не може да се прифати ни како изложба од ААМ, евентуално само во Министерството за култура каде што посетителите ќе бидат доведени како заложници
Архитектонската школа во Македонија точно дека е под влијание на модерната. Се придржува и на Атинската повелба од 1931 г. која претставува збир на препораки за изградба на градови какви што денес ги познаваме, која е револуционерна во потенцирањето на сложените потреби на градот и радикално подобрување на условите за живот, а бара и решавање на станбениот проблем на широките маси. Никој не открил топла вода кога ги гледа како „руски монтажни комплекси“, па дури и на Корбизје западни реакционерни кругови гледале како на „тројански коњ на болшевизмот“.
Проблемите, недоразбирањата, дилемите, наметнувањата, дискусиите, критиките во архитектурата на професијата и на архитектонската школа им се познати. Точно е дека за да има прогрес во школата, треба учениците да се подобри од своите учители. За жал, кај нас тоа не се случи, особено по реформите во образованието и се разбира, по влегувањето на Болоња на универзитетот, за што Европа е виновна, нели.
Отпор кон грандиозност, јасни и чисти геометриски форми, симетрија, пропорција, негување на однос кон колепката на европската култура и архитектура – стара Грција, творечки, голем и рационален ум, нема. Историјата и архитектурата се многу сериозни науки. Првата е учителка на животот, а втората секогаш не’ опкружува, „архитектурата е уметност, користи техника за да предизвика емоција“ (Ренцо Пијано).
Можеме да се лутиме колку што сакаме, но Скопје долго време било турска касаба, па полека почнало да прераснува во урбана балканска средина, па потоа во гратче по европски терк. Тоа почнало да се случува помеѓу двете светски војни кога е направен водоводот од Рашче, хидроцентралата „Матка“, болници, зоолошка градина, железничка станица (и денес од наведеното ништо немаме направено).
Новите сознанија за старо-новите корени не се купуваат на „пластичарската улица“ (таму е поевтино), па се делат како евтина бижутерија да сјае повеќе (ама не е злато се’ што сјае). Никако да се научи лекцијата. Историја е сигурно нешто што треба да се почитува, не смее да се дозволи да се срамиме од својата историја. Трајче, Стојче, Страше, па и Сања, бидејќи кај нас исплашеноста често се поистоветува со скромност, а на исплашен човек се знае дека се’ може да му се прави, не треба да бидат скромни. Треба да бидат горди, храбри и подготвени да се соочат со реалноста и да бидат свесни каде и на што припаѓаат. И се разбира, треба да се горди на својата припадност и да ја создаваат историјата дневно. Нема тука дилеми и несогласувања, постојат научни институции и многу литература како сведоштво на минатите времиња, па макар замижал некој и на едно око. Но, повторно забораваме дека историјата никогаш не простува. Бајките се раскажуваат за деца, грубо кажано за се’ уште несозреани, но тие за да допрат до целната група не се во оригиналната верзија, стигаат прочистени. Оригиналните бајки се сурови и брутални. Шарл Перо во 14 век прв ја запишал приказната за Црвенкапа. Во оригиналната верзија волкот ги јаде и неа и баба и’, без среќен крај.
Така е и со архитектурата. Таа претставува наука и толку сериозна и комплексна творба, така што во неа импровизација, глумата, лагата се невозможни да опстојат. Тоа значи дека тезата „Барокот и проектот Скопје 2014 еден ден ќе бидат историско наследство“ е невозможна. Се разбира дека постои срам и несогласување од историски интерпретации, но не и од историски вистини. Сигурно дека историјата треба постојано да се изучува и да се пронаоѓаат релевантни артефакти. Веројатно е точно дека историја пишуваат победници. Па, ај да победиме и ние еднаш, еве барем во фудбал. Не мора да сме светски шампиони, барем да се квалификуваме во таа трка. Овој пат навистина мислам дека ќе немаме ни алиби, како по обичај, дека постојано некој друг ни е виновен, а ние сме најдобри, најчесни, сите не’ мразат и не’ мачат, веројатно поради инает, што знам.
Фер е да се признае дека Скопје било касаба, дека селективно по земјотресот се рушеле објекти и споменици од само една причина, дека биле градени со лош квалитет и дека не било исплатливо нивното реновирање.
По Втората светска војна, многу малку области од човековото творештво доживуваат толку квалитетно и квантитетно унапредување како архитектурата и урбанизмот. Европа на разурнати градови реагирала со творечка обнова. Југославија реагирала на сличен начин. Во Скопје е тоа уште поизразено поради катастрофалниот земјотрес. Важно е да се каже дека изградбата се случувала во земја која во добар дел немала ни искуство, ни кадар, како што имал поголемиот дел од Европа.
Раководството на социјалистичката држава одлучило да реализира смел, сложен и скап проект за индустријализација, електрификација, регулација на реки, поврзување со автопати на една главно аграрна земја со голем дел селско население. Тоа население донесено во градовите требало да се смести во станбени населби кои биле урбанизирани, каде што плански граделе за секоја од нив градинки, училишта, амбуланти, супермаркети, паркови, игралишта за деца, спортски сали (се’ уште се во функција истите, нови и подобри нема). За разлика од другите источни земји, југословенските (тука спаѓаат и македонските) архитекти не само што не го прифатиле т.н. соцреализам во архитектурата, туку биле и промотори на модерна архитектура. За мала земја ова е огромно сведоштво.
Архитектите во Југославија (се разбира тука спаѓаат и македонските) ја применувале Атинската повелба. Потврда за ова се и 12 европски градови (од кои 9 престолнини) кои биле домаќини на изложби на современа архитектура на Југославија. Модерната кај нас многумина ја сметале за поттикнувачка. „Скопје 2014“ денес не може да се прифати ни како изложба од ААМ, евентуално само во Министерството за култура каде што посетителите пак ќе бидат доведени како заложници.
Постојат повеќе значајни меѓународни документи кои се однесуваат на прашањето на градовите, одржливиот развој, планирањето, архитектурата. Атинската повелба е првиот, има и многу други, Хабитат 1 и Хабитат 2, Европска урбанистичка повелба на Советот на Европа, Лисабонска стратегија итн.
Се задржав на Атинската повелба како пионер и значаен документ врз кој се потпираат архитектонските школи, благодарение на неа вештината на планирање на просторот денеска е толку напред отидена.
Каде отишле парите од обновата на Скопје, кој со службена кола и државен бетон направил викендичка, е маѓепсан круг од кој нема излез. Кој го пошуми Водно, кој го насели, а кој ја исече шумата и го пренасели, знаат и птиците. Кој за багателни цени ги откупи општествените станови, па речиси сите. Кој за едно евро легализира, речиси сите. Некогашната моќна градежна оператива од Македонија градеше по СССР, Африка и Азија, не плоштатчиња на Трајче и Сања, Олимпиското село во Минхен, на пример, комплекси во Русија слушајќи го Чајковски. Денес тие работници или возат такси или се без работа и седат дома гледајќи турски серии или се пред пензија и работат во „моќните“ компании за 9.000 денари плата. Тие исти градежни компании ги купија по багателни цени заедно со целиот нивни имот, деловни објекти, бетонски бази, градежни машини, одморалишта низ Македонија и регионот, но ја немаат моќта, можат само да глумат локал-патриоти.
Точно е дека „Скопје 2014“ остава без здив. Се прашуваш, зар е можно ова, па ги триеш очите мислејќи дека си во лош сон. И пак е тука и си викаш, како дозволивме да ни се случи. Па, си мислиш, толку е несериозно да не можеш да го сфатиш сериозно. Е, сега, уште ни преостана да снимаме сатирични документарци за изграденото, што веќе и го прават по регионот или перформанси како со ајкулите, за што повторно се известуваше во регионот. Доаѓаат и странци, да. Еве, ако ни се тие некој критериум, бидејќи сами на себе не си веруваме (макар што и тоа како кога и за што ни одговара), сите странски новинари кои се дојдени да направат документарец за СК2014, прво се обраќаат во ААМ. Коментарот на сите е ист. Велат дека слушнале, виделе, прочитале што се случува, но кога ќе го видат во живо, изгледа уште погротескно и трагично. Едноставно, не можат да разберат како е можно. Ама лесно им е нив „и јас сакам театар, но не во својата куќа“.
СК2014 судот на историјата не може дека го дочека бидејќи и конзерва месен нарезок од ЈНА има подолг рок на траење.
Штета што архитектурата не е филм, па ќе можеше да го исклучиме. Поразот мора да се прифати и признае, за да може да се победи.
Автор на статија: marh