Општина Центар ја започна јавната анкета за деталните урбанистички планови за просторот на Кале, МСУ и подридието
23.07.2022 • Урбанизам
Општина Центар објави неколку предлог детални урбанистички планови кои го опфаќаат ридот Градиште и просторот помеѓу истиот и реката Вардар. За овој простор неодамна го реобјавивме написот „УЗУРПИРАНИ ПОГЛЕДИ / СЛУЧАЈ 1: СКОПСКАТА ТВРДИНА И МСУ“ бидејќи се реактивирани градилиштата во подридието.
Овој простор кој треба да има највисок приоритет за Градот и Општината, и кој допира до срцето на Скопје претставува запуштена зона на пропаднати можности.
Јавните презентации по предложенти Детални урбанистички планови Градска четврт ЦС 14-Кале и СРЦ Кале и Градска четврт ЦС 01-Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 ќе се одржи во Музејот на современа уметност, на 29.08.2022 година.
До тогаш, општинската власт ја отвори јавната анкета која се одвива по писмен и електронски пат. Општината информира дека предлог-деталните урбанистички планови ќе бидат изложени во читалната „Славко Јаневски“ на улица „Димитрие Чуповски“ бр.23, секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот од 20.07.2022 до 16.09.2022 година. Истите можете детално да ги погледнете и на следниот линк >>> (на дното на страната).
Ги повикуваме локалните жители и засегнатите професионалци да пополнат анкетни листови и со тоа да ги упатата своите забелешки до одговорните.
Автор на статија: Filip Koneski
Градска четврт ЦС 01-Француски гробишта / ДУП / кале / Парк 2 / Тетовска трошарина / ЦС 14-Кале