Античкиот град Лихнид

 

Лихнид е единствениот антички град во Македонија кој продолжува да живее до денес. Иако има ново име а и ново руво, стариот дел на Охрид  има историја која се протега низ три милениуми во кои тука живееле околу десетина различни народи.

Бидејќи станува збор за жив археолошки локалитет каде античкиот слој е покриен со денешниот град, многу е тешко да ја добиеме целосната слика за градот Лихнид. Но сепак, досегашните наоди укажуваат на многу активна и културно развиена метропола со низа интересни архитектонски примери.

 

 

Охрид – Стар град

 

 

Локација

 

Историскиот град се простирал на два рида кои формираа мини полуостров на брегот на Охридското Езеро. Повисокиот рид е „Горни Сарај“ или „Висок Град“ каде денес ја среќаваме Самоиловата тврдина, а понискиот е „Дебој“. Нивните јужни падини формираат форма на седло а потоа се спуштаат кон езерото. Одлична стратешка локација заштитена со природни бариери од сите страни.

 

 

3Д мапа на локацијата 

 

 

Историја на градот

 

Се верува дека тука прво биле населени Бригите пред и околу првиот милениум пред нашата ера, а потоа следеле Енхелеите, Дасаретите, па веројатно и Илирите. Сепак градот или поточно езерото Лихнид (Lychnidos) за прв пат се споменуваат во пишани извори тек дури во 358 г.п.н.е. со освојувањата на македонскиот крал Филип Втори.

Низа археолошки пронајдоци укажуваат дека уште во овој период градот бил административно организиран. Таков пример се гробоивите од Требениште исполнети со златни предмети вклучувајќи ги познатите маски. Ова укажува на богати владетели и умешни занаетчии, што е знак за присуство на напредна цивилизација која морала да има и урбани центри. Позначаен пример се монетите од II в.п.н.е. ковани за време на македонскиот крал Филип Петти, на кои е изгравирано „Лихнидон“.

 

 

парички од  II в.п.н.е

 

 

Кратко подоцна во 199г.п.н.е., за време на Римско-Македонските војни, Лихнид е освоен од страна на Римјаните. Тој се развива во римска метропола, а во одреден период е и центар на Илирската провинција. Откако се гради значајната магистрала Виа Егнација, која води од Јадранот до Костантинопол, градот станува една од нејзините главни точки и богато просперира. Докази за ова се низа археолошки откритија на предмети од злато, стакло и скулптури на различни локалитети низ Охрид.

 

трасата и градовите на Виа Егнација / www. commons.wikimedia.org – Eric Gaba

 

 

За време на почетоците на христијанството, во IV в.н.е свети Еразмо пристигнува во Лихнид и почнува да ја шири новата религија. Со ова започнува и новата етапа на градот, како ранохристијански центар, а евентуално станува и епископско седиште.

Во периодот по IIIв.н.е. градот е мета на низа варварски напади, а некое време подоцна започнува и масовната миграција на Словените. Лихнид за последен пат се споменува во историските извори во 526г.н.е кога градот е уништен од страшен земјотрес.

Со тоа започнува средновековната етапа кога градот добива ново име Охрид. Тој повторно станува значајна точка и урбана метропола која живее се до денес.

 

 

Наушници со негроидни ликови од Горна Порта, Охрид, III – I век пред н.е / www.museum.org.mk

 

 

 

Античка архитектура

 

Во пред-римскиот период градот се развивал на брдото „Горни Сарај“ помеѓу денешното Кале и црквата Св. Јован кај Канео. На другото брдо „Дебој“ се наоѓале некрополите.

Римјаните го развиваат градот повеќе на исток, на падините и рамнината помеѓу двете брда, градејќи цркви на место на некогашната некропола, и проширувајќи ги тврдините за да го опфатат и брдото „Дебој“.

 

 

Мапа на антички Лихнид

 

 

Денешните ѕидини претежно датираат од средниот век и Самоиловото царство. Но, веројатно ти е се изградени врз претходните антички ѕидини, од кои дел се и зачувани. Помеѓу двата рида, околу Горна Порта забележуваме киклопски камења, кои се верува дека датираат од римскиот период.

 

 

Горна порта 

 

 

 

Во Охрид среќаваме и низа поединечни антички објекти, кои наједноставно би можеле да ги поделиме на пред-римска и римска архитектура.

 

Пред-римска архитектура

 

Еден од ретките примери од антиката каде е зачувана и кровната конструкција, но тоа е поради фактот дека објектот е вкопан во карпа. Се наоѓа веднаш до театарот, но денес не е отворен за посети.

 

 

 

Театарот во Охрид е изграден во хеленистичкиот период. Исто како и тврдините тој подоцна бил преземен од Римјаните и доградуван.

 

 

 

 

Римска архитектура:

 

  • Храм на Изида

Објект пронајден во 60-те при изградба на зграда. Локалитетот не бил целосно истражен туку само неговиот северен дел каде се најдени две простории и две од познатите статуи на божицата Изида.

Поради недостигот на информации тешко е да се определи точниот период. Знаеме дека Изида е египетска божица чиј култ се развива откако македонските војски се враќаат од Египет но најсилно се шири помеѓу Хеленистичкиот и Римскиот период.

 

 

лево: основа на откриениот дел од храмот на Изида / скулптура на Изида од алабастер, извор: Во сенката на божествената Изида, М. Густин

 

  • Печка за тули

Под денешната Охридска чаршија, се пронајдени артефакти различни епохи од железно време до среден век. Тоа укажува дека и тука, надвор од ѕидините имало некакви населби. Најинтересен пример е оваа фурна за печење цигли која датира од римскиот период.

 

 

 

 

  • Римска бања – балнеон

Објект од I в.н.е. пронајден на Плаошник. Покриен со мозаик во опус вермикулатум со старо-грчко писмо.

 

 

 

римска бања на Плаошник / извадок од документарен филм „Охрид Град на Светлината“

 

 

  • Семејна гробница

Се наѓа надвор од стариот град во денешната населба Видобишта, веројатно таму каде што се наоѓале римските вили.

  • Палестра, гимназион, форум

Објекти кои ги среќаваме во пишани извори, но сѐ уште се скриени под денешниот град.

 

Ранохристијанска архитектура

 

Откако во доцната антика Рим го прифаќа христијанството, во Лихнид се градат низа базилики и сакрални објекти. Тие не целосно припаѓаат на антиката туку на новиот стил на ранохристијантсвото. Сепак бидејќи градот сѐ уште бил Лихнид заслужуваат да бидат споменати

Само на Плаошник се откриени остатоци од три ранохристијански градби:

  • Поликонхална црква со атриум и крстилница

 

 

 

мозаик на подот на црквата / www.muzejohrid.mk

 

 

  • Тробродна базилика со нартекс, атриум и крстилница
  • Уште еден објект кој најверојатно претставува епископски двор (?)

 

 

кртилницата на тробродната базилика / www.publicitet.mk

 

 

Но низ Охрид имаме остатоци и од други базилики, како што е онаа на брдото „Дебој“, исто така со подни мозаици, или таа на локалитет „Манчевци” која е само делумно откриена но повторно покриена со исклучителни мозаици.

 

 

ранохристијанска базилика на локалитетот „Манчевци“

 

 

 

насловна форографија: мозаик на римска бања на Плаошник / извор: документарен филм „Охрид Град на Светлината“

извор: најголем дел од информациите и голем дел од сликите потекнуваат од Macedonian antiquities [CD-ROM], Ein-Sof, 2000г.