Се оддржа форумот SHARE SKOPJE 2022
16.11.2022 • Информации
Вчера во малата сала на Македонската филхармонија се оддржа форумот SHARE SKOPJE 2022, под наслов „Tomorrow Living and Working“ . Настанот беше отворен во 13:20 со пригоден говор на архитект Мартин Пановски од организациониот комитет на форумот. Потоа следеа говори и на коорганизаторите, арх. Мишко Ралев, претседател на ААМ, како и арх. Кристинка Радевски претседател на КОАИ.
Се обратија со поздравен збор партнерите и гости од Косово ( Бледион Баралиу и Масар Души) како и дипломатскиот претставник на Романската амбасада во Скопје.
Професорот Мартин Гулевски, беше почестен со свечено доделување на наградата SHARE OMNIA, за посебни достигнувања во полето на архитектурата. Потоа следеше мала дискусија во поглед на развојот на Скопје и неговата иднина.
Предавањата беа поделени во две сесии со пауза помеѓу за освежување. Сесиите ги водеше арх. Марта Илиевска, како дел од организациониот комитет.
Во првата сесија прв говореше гостинот од Унгарија, Zsolt Gunther, кој е ко-основач на 3H architects. Во својата работа претстави повеќе проекти кои се спој на старото и новото, современи реализации во склоп на постоечки комплекси и објекти од минатото.
Втор говорник беше преставникот на Zumtobel Group, Denis Bishkup, кој не воведе во работата на нивната компанија која се бави со илуминација и осветлување, поделбата на класите и општото влијание на вештачкото осветлување врз човекот и неговото расположение.
Како претставник на домашната сцена, следеше презентација на комплексот ГРАНД кој е во процес на изградба, од страна на арх. Јана Гугуловска, инаку партнер во RADIUs Architects. Идеите и инспирацијата за процесот на проектирањето беа претставени како континуитет на ГТЦ, отворен концепт на чаршија во партерната зона, додека поставувањето на кулите како спротивност на замислата на Танге. Отвореноста на внатрешниот парк во атриумскиот дел кон реката Вардар, беше објаснето како непотребно во новиот концепт, кој не се обидува да го следи оној за Републичкиот центар во минатото, туку да создаде сопствена приказна во внатрешноста.
Сесијата заврши со гостинот од Шпанија, Pepe Gascon, кој е основач на истоименото студио. Нивната работа беше согледана преку неколку проекти во кои доминираше индивидуалното домување, како спој на современите материјали и традиционалните техники.
Втората сесија започна со скопското студио ATTIKA Architects, во чие име говореше арх. Никола Томевски. Презентацијата на нивната работа започна со сателитска компарација на урбанизмот од крајот на XX век и урбанизмот на XXI век, како вовед во нивната професионална борба за похумана архитектура. Акцентот беше ставен на конкурсниот труд за комплекс со мешана намена во Кавадарци, кој се обидува да создаде хибрид од повеќе типологии на блоковски концепти. Проектот е во разработка и истиот се очекува следната година да започне со изградба.
Во понатамошниот дел, презентација оддржаa и Адис Реџепи, претставник на RIO KOMPANI , како и Блажен Зотовски во име на KNAUF, кој меѓудругото го најави и новиот додатен софтвер за bim програмите, со цел полесна интеграција на нивните материјали.
Предавањето на Lulia Stanciu, основач на STARH студиото од Романија, покажа еден различен пристап кон архитектурата, кој ја третира природата како примарна и главна, додека архитектурата како споредна и пратечка во нивните интервенции. Низ сите три наградени трудови концептуалниот пристап беше очигледен меѓутоа далеку од наивен, поткрепен со суштинска анализа.
Како последен говорник се претстави Subharthi Guha, во име на Zaha Hadid Architects кој низ обемна презентација го прикажа хронолошки развојот на идеите на ова студио за напредна и параметричка архитектура. Видно различниот пристап, кој е пропратен со високотехнолошки процеси, користење на посебни софтвери и заедничка работа на инженерските струки го одвои ова предавање со чувство на недостижност за нашата реалност.
Сесијата заврши со прашања со гостите и кратки одговори на темата на овогодинешниот форум Tomorrow Living and Working
Автор на статија: Filip Koneski
Share Skopje 2022 / Tomorrow Living and Working / Македонска филхармонија / Предавања / форум