Хотел ресторан „Есперанто” / Струмица

Проектант:  Проектантско претпријатие Струмица.

Инвеститор:  Народен одбор на општина Струмица.

Година:  1959

Локација:  Плоштад „Гоце Делчев” и Јосиф Јосифовски Свештарот

Хотел – ресторанот „Есперанто“ лоциран во строгиот центар на Струмица на плоштадот Гоце Делчев претставува икона и симбол на модерна архитектура во Струмица.
Подигнат во раните 60ти години во јасен и модерен стил, Есперанто е симбол на градот и пример на влијанијата на интернационалниот стил во Македонија. Како инвеститор на објектот се јавува општина Струмица која бара градба на хотел, ресторан и кафеана во еден објект на локација каде што завршува улицата Јосиф Јосифовски Свештарот, која воедно е главна пазарска улица во тоа време. Плоштадот „Гоце Делчев” како што го познаваме сега во почетокот на 20ти век е само влез во градот и простор за пазар.

Од архивските документи се согледува дека градењето на хотелот е само еден мал дел од поголем урбанистички развој на Струмица под дирекцијата на општината. Во истата година 1959 кога Есперанто ја добива градежната дозвола, Општата болница, Станбена зграда на Плоштад Борис Кидрич, трговски претпријатија , задруги и многу други, исто така се здобиваат со градежни дозволи. Ова е само мала слика за огромниот урбан развој на градот кој се случува во почетокот на 60ти години.

Архитектонското обликување на објектот “Есперанто” е јасно произлезен од неговата функција, кој е расчленет во „отворена фасада“ за јавна функција на приземјето и хотелот на катовите. Расчленувањето на функциите во различно обликување е пристап кој модернизмот го следи за прикажување на функцијата на фасадата во објектот. Како проектант се појавува Проектантско претпријатие Струмица.


Главниот влез за хотелот и ресторанот се јавува на првиот кат директно поврзан со висината на улицата Јосиф Јосифовски Свештарот додека архитектот умешно ја поврзува теренската разлика и на нивото на плоштадот го поставува ресторанот со отворена тераса. Пристапот кон плоштадот кон улицата е уреден со големо скалило кое води кон првото ниво на хотелот. На историските слики се гледа и канал по кој тече река, кое може де биде сливен канал. За истиот не пронајдовме повеќе информации.


Во архивските документи се говори дека за хотелот се поднесени два проекта. Со првиот проект се предвидувало градење на само два ката со капацитет од 20 соби и 38 легла и ресторан со 80 седишта и тераса. Во текот на бетонските и земјените работи било утврдено дека капацитетот е многу мал и дека функционалните одделенија на хотелот не се согласно стандардите. Заради горенаведената причина се врши измена на проектот во тек на градба кој може да одговори на сите функционални аспекти. Со истиот го добиваме сегашниот хотел со 3 нивоа, првично со 38 соби и 96 легла.

Обработката на фасадата е најекспресивниот дел од оформувањето на хотелот. Архитектите користеле изразена полихромија на фасадата и различни материјали. Јавните функции на приземјето се целосно обработени со големи прозорски платна. Обликувањето на горните нивоа на хотелот е бел кубус со вдлабнати волумени за терасите на хотелските соби. Токму тука белиот кубус е расчленет со користењето на полихромни бои на фасада и на столарските елементи. Како пример вратите од собите се светло обоени за разлика од прозорите. Од историските фотографии се забележува дека се користени примарните бои, како жолта, црвена и сина. На рамниот кров се јавува голема отворена тераса.

Денеска хотелот продолжува да ја врши својата оригинална функција. За жал архитектурата трпи огромни промени низ годините до тој степен што денеска реновираниот објект нема скоро никакви заеднички елементи со оригиналната архитектура и обработка на објектот. Од историските фотографии се забележува дека промените започнуваат кон крајот на 80те години додека последната реновацијата каде се менува целосно фасадата е извршена неодамна.

Рамната тераса е исто затворена и доградена, и отвореноста на фасадата е целосно затворена.
Непрепознавањето на исклучителните примери од модерната архитектура е најголемиот проблем со кој се соочуваат истите. Историските фотографии од Есперанто остануваат како тестамент за оригиналната форма на хотелот.

Историските фотографии се превземени од ФБ страната „Стара Струмица”