Куќа во Максимир, Хрватска / Struktura, 2A1-BÜRO

Локација: Загреб, Хрватска

Година: 2022

Автори: Гргур Бутиган и Јаков Матас – Struktura & Раде Трбара – 2A1-BÜRO

Фотографии: Bosnic+Dorotic

 

Ви претставуваме исклучителен пример на индивидуално домување од регионот, каде што едноставната квадратна форма се преобразува во слоевито архитектонско искуство преку прецизно организиран просторен распоред.

Авторите Struktura и 2A1-BÜRO нè водат на прошетка низ Куќата во Максимир, Хрватска, започнувајќи од нејзиниот скулптурален преден двор, каде што геометриската форма се преплетува со утилитарната функција и доживувањето на целата архитектонска композиција.

 

 

 

 

Семејната куќа во Максимир е создадена од идејата за целина која фрактално се распаѓа на помали сегменти. Секој од сегментите што ја сочинуваат куќата, иако специфичен и навидум одделен, во себе ги содржи карактеристиките на општото или вкупното.

Нерафинираниот почетен волумен се одзема додека не ја достигне посакуваната форма. Конечната форма се сведува на есенцијалното, без вишокот. Проектирањето на куќата започнува од просто геометриско тело – половина коцка со димензии на 14 x 14 метри. Нејзината димензија произлегува од прагматична комбинација на условите на просторниот план и оптимална поставеност на објектот во рамки на парцелата. Така позиционирана и вкоренета во својот хабитус, куќата почнува да се модифицира.

 

 

 

 

Половина од Платоновата коцка е пресечена со две оски кои го делат планскиот квадрат на четири еднакви квадранти. Две дополнителни оски поместени од центарот создаваат централен „крст“ и два внатрешни и два надворешни простори. Истите принципи се применети и на преостанатите катови и подруми. Со воспоставување на збир на основни правила, зградата почнува самата да се генерира. Сите сервисни области се наоѓаат во централниот крст. Останатите внатрешни простори стануваат соби за живеење и спиење и гаража, а надворешните простори стануваат затворени интимни дворови и/или тераси. Ова создава јасна меѓусебна поврзаност и меѓузависност на поединечни делови од куќата, односно нејзините внатрешни и надворешни простори.

 

Откривањето на куќата започнува со влегување во дворот. Поминувајќи низ влезната капија, се наоѓаме во делумно покриен простор, заштитен од поглед со перфорирана фасада. Кружниот отвор горе, порозната фасада, тревната партер и големиот стаклен ѕид низ кој погледот продира сè до задниот двор, создаваат низа истовремени и многу моќни дразби. Во тој момент започнува процесот на разбирање на зградата.

Од малку фантазмагоричниот надворешен простор, зачекоруваме во влезниот простор, кој служи како феноменолошки „праг“ помеѓу внатрешноста и надворешноста на куќата. Поминувајќи низ него, стигнуваме до центарот на дво-аксијалната симетрија на зградата и куќата се отвора дијагонално кон нас. Дневниот простор, странично дефиниран со кујната и трпезаријата, како и скалите и влезниот простор во периферниот план го заменуваат пригушениот предпростор.

 

 

 

 

Од просторот облеан во природна светлина, продолжуваме во поинтимниот простор на скалите. Сместено помеѓу гаражата и малиот заден двор, скалите водат до нивото на подрумот или до првиот кат. Со качување или спуштање, се враќаме во самиот центар на распоредот на куќата. Ако стигнеме до првиот кат, повторно имаме поглед, овој пат во вертикална насока, на целата куќа и нејзиниот надворешен простор. Детските соби со работна површина, родителска соба и придружните услуги се наоѓаат покрај терасите на отворено.

 

 

 

 

Кружен балкон со филигранска метална ограда не поканува да го направиме последниот чекор во истражувањето на куќата. Моментот на максимална просторна интровертност повторно се меша со моментот на најголема екстровертност. Ова нагласено повторување на истото сценарио служи за подобро разбирање на конструкцијата. Влегувајќи во кружниот балкон, сфаќаме дека патувањето завршува таму каде што започна – во влезниот двор. Но, иако сме на истото место, нашата перцепција за куќата е целосно променета, а идејата за „целосност“ е многу поразбирлива.

Од авторите