Што (не) е одржлива архитектура?

 

Терминот „одржлива архитектура“ редовно се актуализира во време на предизборни кампањи или при најава на големи градежни проекти. И додека медиумите се преплавуваат со компјутерски рендери на кои сѐ е возможно, луѓето почнуваат да губат чувство за тоа што всушност е технички изводливо, исплатливо и важно од аспект на одржливост, а што е само заводлив маркетинг.

 

Па што навистина се крие зад терминот „одржлива архитектура“ и кои се најчестите заблуди за него?

Дали е тоа синоним за згради обвиткани во зеленило? Или пак можеби архитектура со фокус на термичка изолација, соларни панели и енергетска ефикасност?
Знаете ли дека ова не е ниту половина од целата приказна?

 

 

Извор: Freepick AI Image Generator  

 

 

Терминот одржливост се јавува уште во 1970/80-тите кога веќе станува јасно дека човештвото почнува негативно да влијае на природната рамнотежа.

Најпрво се формализира терминот „одржлив развој“, како начин на функционирање што ги задоволува потребите на сегашните, без да му штети на развојот на идните генерации.

А кога придавката „одржливост“ ќе се додаде на терминот „архитектура“ всушност станува збор за дизајн што го намалува негативниот ефект што еден објект го остава на неговата средина.

Ова подразбира аспекти поврзани со потрошувачка на ресурси, како што се материјалите или просторот кои се користат при изведба на еден објект, но исто и енергијата, водата и отпадот кои се потребни за операција на истиот.

Но, темата за одржлива архитектура не запира на прашањето на ресурсите. Таа подразбира каков било отпечаток што нашите објекти го имаат врз сите системи што се во допир со нив. Со други зборови, каков ефект објектите имаат врз: екологијата, односно биодиверзитетот, колку се отпорни на климатските промени, како влијаат врз самите корисници, и функционирањето на градот.

Само кога напоредно ги разгледуваме сите овие категории може да кажеме дека имаме интегративен пристап на темата на одржлива архитектура. Тоа не значи дека еден објект мора да ги задоволи сите категории, но секоја категорија придонесува кон повисока одржливост.

 

 

Извор: Daesun Kim за Unsplash

 

Одржлива архитектура = зелена архитектура?

Аспектите што се кријат зад одржливата архитектура (ресурсите и влијанието на објектите врз системите што се во допир со нив), се премногу технички за да ги опишеме или сведеме на една боја. Но сепак, едноставниот епитет „зелена“ архитектура понекогаш ни помага полесно да комуницираме надвор од техничкиот речник.

Тука лежи и можеби најзастапениот мит дека – одржлива архитектура нужно мора да има зеленило и дрва на објектите.

Точно е дека дрвата и природните материјали се потребни за одржлив развој, но нивно вметнување, само по себе, во проектите не мора да значи дека објектот е воопшто одржлив.

Понекогаш важи токму спротивното. За да изведеме зелена фасада со големи дрва треба да употребиме многу повеќе бетон и енергија за структурата да може да ја издржи нивната тежина, што на крај ќе потрошиме повеќе ресурси отколку што ќе „произведеме“ чист воздух.

 

 

Извор: Mattia Spotti за Unsplash

 

 

Одржливите објекти се секогаш поскапи?

Како кај сите споредби, најнапред треба да знаеме што споредуваме. Доколку се фокусираме само на иницијалниот влог во изградбата на објектот, одговорот е – да, честопати одржливите објекти вклучуваат понапредни технологии и поквалитетни материјали и поради тоа тие бараат поголема инвестиција.

Но ова не се ни одблиску сите трошоци што ги има еден објект. Честопати целосно ги занемаруваме трошоците за одржување на градбите, нивни идни модернизации, реновации и пренамени, па дури и нивното потенцијално рушење и градење одново.

Доколку ги разглдуваме сите овие трошоци заедно, одржливите објекти најчесто се поефтини, бидејќи трошат помалку и траат подолго.

Наспроти интересот на инвеститорите и изведувачите, економските бенефити на одржливата архитектура се повеќе играат улога за оние кои ги купуваат објектите и кои на дол рок ќе треба да ги покриваат трошоците за нив.

 

 

Извор: Bill Mead за Unsplash

 

 

Одржливата архитектура е возможна само во „богатите“ земји?

Речиси секаде градежништвото лежи во рацете на инвеститорите и изведувачите, кои гледаат да ги минимизираат иницијалните трошоци за градба. Со други зборови, освен ако не се законски приморани тие не инвестираат во одржливост.

Всушност оние кои најмногу размислуваат за животниот век на зградите се нивните финални корисници, луѓето кои живеат во нив и кои ја плаќаат цената на трошоците. А како што тие стануваат посвесни за тоа, така и пазарот почнува да се движи кон одржливост.

Ова веќе се случува во низа развиени земји низ Европа, но не само таму. Оние кои ги купуваат куќите и становите, сакаат да купат одржливо, не само заради инвестиција за подобро утре, туку и за намалување на идните трошоци поврзани со нивните недвижнини.

Ова се околности кои значително влијаат на целиот пазар за недвижнини и придонесуваат одржливата архитектура да се развива сама од себе, врз основа на побарувачка и понуда.

Тоа што недостасува во Македонија, не се средствата неопходни за инвестирање во одржлива архитектура. Фактот дека постојано се купуваат и се градат нови згради говори дека парите се присутни на пазарот. Она што недостасува е свеста на актерите во светот на недвижнини, како кај корисниците и банките кои го финансираат градењето и купувањето на станови, така и кај инвеститорите кои не знаат технички да ги изградат, ниту пак да ги продаваат одржливите објекти.

 

 

Извор: micheile henderson за Unsplash

 

 

Автор на статија: