Проблемот со визуелното загадување во урбаните средини
Дефинирање визуелно загадување/оптоварување
Визуелното загадување претставува чин на нарушување на јавните површини преку неселективно и произволно загушување на просторот со различни елементи. Елементите што не се во склад со околината и се издвојуваат по својата одвоеност негативно влијаат врз архитектонската и функционалната целина на градот. Ваквата состојба предизвикува јавниот простор да стане визуелно хаотичен, без изразен идентитет, еколошки деградиран и напорен за подолготраен престој.
Елементите што придонесуваат за визуелно загадување може да бидат:
– отпад на улиците и хаварисани возила,
– рекламен материјал на тротоари, згради и автобуси,
– светлосни инсталации кои непрекинато го привлекуваат вниманието,
– несоодветно изведени згради, клима-уреди, настрешници и тераси,
– неуредно прикачени кабли и антени,
– напуштени и запоставени градби и урбани средини,
како и сите други компоненти што ја нарушуваат околината и естетиката на просторот.
Клима уредите се едно од најчестите примери на визуелно загадување
Градските власти често го перципираат јавниот простор под нивна надлежност како извор на економска заработка, што доведува до оптоварување на јавните средини со рекламни елементи. Прекумерната слобода за рекламирање предизвикува натпревар меѓу компаниите за привлекување на вниманието на минувачите. Дополнително, во предизборна еуфорија често се појавуваат и рекламни објекти кои се надвор од регулацијата, како што се висечки реклами и постери.
Фотографија од улица во Тетово за време на предизборна кампања во 2020 / Извор: www.pina.mk
Естетиката, но и функционалност
Градот Скопје и остантите урбани средини низ Македонија се презаситени од рекламни материјали и неуредени јавни површини. Често се среќаваат билборди и „привремени“ инсталации во централното градско подрачје и старата чаршија, кои не се во склад со естетиката на просторот. Елементите кои ги перципираме дека го огрдуваат просторот често и директно влијаат на функционланоста на просторот. Така, на пример, јавниот превоз покриен со рекламен материјал го попречува видикот на патниците, пешачките зони узурпирани од хаварисани возила и билборди ја нарушуваат мобилноста, а несоодветно инсталираните клима уреди често ги валкаат минувачите. Визуелното оптоварување директно влија врз нашето ментално здравје и предизвикува отуѓување од просторот и околината.
Автобус покриен со рекламен материјал кој го попречува видикот на патниците / извор: www.slobodenpecat.mk
Регулација
Во македонското законодавство постојат неколку законски и подзаконски акти во кои се дефинира што претставува јавен простор и урбана опрема, како и кој е одговорен за нивното одржување. Со Законот за јавна чистота се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистота.
Во Правилникот за урбанистичко планирање се дефинира улогата на урбанистичкиот план и елементите на јавните локации (член 136), стандардите за непречено движење и заштитните зони на тротоарите (член 158), растојанијата за поставување на комерцијални елементи (член 160) и регулацијата за поставување на рекламни паноа (член 194).
Понатаму, општините и Град Скопје се служат со „Одлука за комунален ред“, која дополнително ги регулира јавните средини. Одлуката за комунален ред на Град Скопје пропишува правила за рекламирање на фасадите (член 8), уредно поставување на клима-уредите (член 11), забрана за противправно поставување подвижни реклами (член 48), како и забрана за оставање хаварисани возила (член 49) и други.
При спроведувањето на урбанистичките планови и издавањето дозволи за рекламирање и поставување комерцијални елементи, Правилникот за урбанистичко планирање и Одлуката за комунален ред често не се почитуваат. Одговорноста за нивното спроведување ја имаат општинските и градските одделенија за просторно и урбанистичко планирање.
Низа недоследности со регулативите: противправна подвижна реклама, несоодветно поставена количка, елементи од градежен шут, фрижидери и кафемати кои ја надминуваат дозволата за одалеченост од самиот локал
Препораки
Општините и Град Скопје треба да посветат внимание на следните активности:
- изработка на планови за намалување на визуелното загадување во историските и архитектонските целини (на пример: чаршија, плоштад, улица Македонија);
- построга регулација за поставување на клима-уредите, рекламните елементи, градежниот шут и слично;
- доделување субвенции за замена на несоодветните комерцијални или урбани елементи со нови, усогласени со околината;
- унифицирање на законските и подзаконските акти во еден поконцизен и поефикасен документ.
Пример ор рекламни материјали кои не се вклопуваат во постојното опкружување
Позитивни примери
Во Македонија може да се издвојат Град Скопје и Општина Охрид како примери на институции што направиле мали, но позитивни чекори кон намалување на визуелното загадување. Во 2020 година, Град Скопје спроведе акција за отстранување на 240 рекламни објекти, со што придонесе за ослободување на јавните површини, расчистување на некои од главните урбани визури и враќање на акцентот на архитектонските споменици.
Пред и по акцијата / извор лево: imgur.com, десно: www.commons.wikimedia.org
Од друга страна, Општина Охрид од сопствени приходи во два наврати издвои средства за изработка на унифицирани рекламни табли за дел од дуќаните во чаршијата. Охрид претставува интересен пример бидејќи располага со целосна анализа за состојбата со визуелното оптоварување во централното градско подрачје.
Новите табли низ охридската Чаршија / извор: www.ohridnews.com
Во најава е и реновирањето на Железничката станица во Скопје, со кое се предвидува отстранување на рекламните паноа и регулација на комерцијалните објекти, со цел зачувување на архитектонската целина.
Денешната состојва наспроти оригиналниот изглед на Железничката станица во Скопје / извор лево: www.nezavisen.mk
Извори:
- Анализа за визуелно оптоварување на градот, Општина Охрид
- И. Петрунова, Е. Рустемоска, Град во транзиција од еколошки, социо-просторни и архитектонски промени до одржлив град: Скопје помеѓу теоријата и можностите, 2019
- Е. Рустемоска, Одржливи градови меѓу теоријата и практиката: еколошки компоненти на урбаното планирање и развој на град Скопје, 2019
- Hassan , S. Khalil Visual Pollution: Causes, Health Impacts, And Mitigation Strategies for Enhancing Environmental Aesthetics and Public Well-Being – A Review
- Правилник за урабнистичко планирање, Министерство за Транспорт и Врски, 2020
- Одлука за за комунален ред во градот Скопје, Совет на Град Скопје, 2014
- Закон за јавна чистота
Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Визуелно загадување / Зна / Рекламен материјал / урбани елементи









