Музеј на Македонија / Несторова, Муратовски

Објект: Музеј на Македонија

Автор:  Мимоза Томиќ Несторова , Кирил Муратовски

Година на изведба :  1971-76

Локација:  ул. ”Јосиф Михајловиќ” бр.7 ,  Стара скопска чаршија

Фотографии: Борис Јурмовски  /2025/

 

По Скопскиот земјотрес во 1963, односот кон старата Скопска чаршија и нејзиното густо историско ткиво е внимателен и со почит кон културното наследство. Урбанистичките интервенции се задржуваат на периферијата, но и покрај напорите за заштита на чаршијата, новиот генерален урбанистички план налагал деградација на рабовите. Во близина на Куршумли ан и Султан Муратовата џамија, бил планиран паркинг простор за кој најсоодветно решение бил тој да се интегрира со изградбата на нова музејска зграда. Така, рамната паркинг површина би била сместена под земја, додека музејот ќе ја збогати чаршијата со нова културна содржина. Сепак, останал ризикот дека новиот објект ќе го нарушти постојното, фрагментирано ткиво на чаршијата.

 

 

Новата музејска зграда требала да ги спои Археолошкиот, Етнолошкиот и Историскиот музеј по разурнувањата од земјотресот во 1963. Идејата била да се формира единствен национален музеј кој ќе ги обедини овие три музеја и да ги смести службите на Републичкиот завод за заштита на спомениците на кулутурата.

 

 

 

 

Музејот на Македонија е позициониран во комплексниот урбан и културно-историски контекст на Старата скопска чаршија, во непосредна близина на Куршумли ан и делумно разрушениот Ѓурчилер (Шенѓул) амам по земјотресот во 1963 година. Локацијата е јасно дефинирана со неколку периферни сообраќајни коридори: од запад е ограничена со улицата „Прохор Пчињски“, од југ и југозапад со „Опинчарска“ и „Свеќарска“, додека од северо-исток просторот се отвара во широко, репрезентативно плато насочено кон Куршумли-ан.

 

 

– ситуација –

 

 

 

– пресеци / изгледи –

 

 

 

– основа на приземје / основа на прв кат –

 

Архитектонскиот волумен е слободностоечки и асиметрично поставен во рамките на парцелата, со благо повлекување кон сртот на ридската конфигурација што ја формира северната падина на Калето. Локацијата е целосно ослободена од транзитен сообраќај; единствениот колски пристап е обезбеден до паркингот на западната страна, од улицата „Прохор Пчињски“. Влезните точки во музејскиот комплекс се ориентирани кон централното плато, со што се воспоставува јасна просторна и функционална врска меѓу јавниот отворен простор и институционалната содржина на објектот.

Микроурбанизамот на музејската зграда со вкупна бруто површина од околу 14.000 м² успешно совладува неколку просторни аспекти како што се вклопување на објектот во активен теренски релјеф, позиционирање меѓу историски споменици и постигнување на складна соседност на масите на музејската зграда со чаршијата.

 

 

 

Висинската разлика на теренот од 11 метри е водилка за просторното решение на објектот. Одразувајќи ја хетерогеноста на функционалната програма, волумените на објектот се третирани на два различни начина. Административниот дел има рамен покрив и е комбинација од натур бетон, тула и стакло. Изложбениот дел, пак, е карактеризиран со ритам на двоводни покриви над дијагонално и скалесто поставени призми со димензии 15х15 м. Големите, конзолни триаголни испусти над засечените и вовлечени простори на приземјето му даваат посебен интензитет на просторот. Преку доминантно хоризонтална диспозиција на градбата и расчленетоста на волумените објектот се вклопува во контекстот без да се наметнува на чаршијата со својата големина.

 

 

Постојаната музејска поставка, со нето површина од околу 6.000 м², е замислена како континуиран простор кој ги обединува археолошкиот, етнолошкиот и историскиот дел. Осветлувањето е претежно зенитално, преку дијагонални покривни процепи. Модуларните единици овозможуваат разновидни сценографски решенија и создавање амбиенти специфични за секој музејски сегмент.

Административниот дел е сместен во поврзувачкиот тракт и тој е наменет за персоналот на трите постојни музејски институции, археолошката, етнолошката и историската, додека делот покрај влезот е наменет за персоналот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.

 

 

 

Малa подземна гаража е сместена под горниот дел од внатрешниот плоштад, додека во долниот дел од подрумската зона се лоцирани бројни депоа, лаборатории и други технички простории. На источната страна, во подрумот, се изградени десетина мали дуќани, со што зградата органски се поврзува со чаршијата.

 

– детали од фасада –

 

Извори:

 

 

Објавата ја подготви: Ива  Поповска (соработник на МАРХ)