Повеќе станбени објекти со деловен простор – Битпазар, Скопје/ Томовски
09.03.2026 • ХХ век / II половина
Архитект: Драган Томовски
Година: 1956 (според: Архитектурата на почвата на Македонија, од средината на XIX до крајот на ХХ век); 1958 (според: Скопските вертикали)
Локација: бул. Крсте Петков Мисирков бр.59-бр. 67
Фотографија: Ива Поповска
Периодот на повоената реконструкција на центарот на Скопје се одвива под значително влијание на модернистичките концепти формулирани во рамките на ЦИАМ, принципите на Атинската повелба и архитектонската мисла на Ле Корбизије, што резултира со стремеж на македонските архитекти и урбанисти кон проширување и модернизација на градската матрица според западно европските примери. Со урбанистичкиот план на Лудјек Кубеш од 1947 година и реконструкцијата на централното градско јадро се создаваат услови за демографски пораст во градот. Овие интервенции и зголемениот број на жители стануваат подлога за зголемен обем на градежна активност во доменот на станбени објекти за колективно домување во Скопје. Дел од овие објекти настрадуваат во земјотресот од 1963, но има и такви кои што денес сведочат за тој период низ целиот град. Меѓу нив се станбените кули кај ГТЦ, станбената кула Вртелешка, петте станбени објекти кај Битпазар и многу други.
-Извор: Facebook група: Стари Скопјани-
Петте станбени објекти проектирани од архитектот и урбанист Драган Томовски се наоѓаат помеѓу денешниот Битпазар, Скопската чаршија и Деловно трговскиот центар Мавровка, од западната страна на булеварот Крсте Петков Мисирков. Булеварот на кој се наоѓаат објектите е самиот по себе е од голема историска важност. Претставува првата оска која внесува дијаголанен правец во историското јадро на градот Скопје поврзувајќи го Бит Пазар со Железниот мост на „Мехмет Шефќет Паша“ подигнат 1905 година.
– Поширока ситуација со булевар Крсте Петков Мисирков-
-Извор: Facebook група: Стари Скопјани-
-Денешна состојба, поглед од бул. Крсте Петков Мисирков-
Станбените кули во приземјето се поврзуваат со деловен простор, низ чии пасажи се пристапува од булеварот кон влезовите на зградите. Деловниот простор, „Стоковна куќа 26ти Јули“ е дело на архитектот Љубе Пота, архитект и урбанист познат по своите придонеси во урбанизмот и пост-земјотресната обнова на Скопје во 60тите. Со стоковната куќа се формира полуприватна зона во приземјето, со јасно раздвоени пристапи кон станбените влезови поставени кон внатрешноста на парцелата и кон споредните улици, со што се избегнува директен контакт со интензивниот булеварски сообраќај.
-Ситуација / Станбени кули поврзани со Стоковна куќа „26ти Јули“-
-Извор: Facebook група: Стари Скопјани-
-Денешна состојба, поглед кон станбен објект и стоковна куќа „26ти Јули“-
Објектите се поставени како слободностоечки волумени во низа и секој волумен има карактеристична основа составена од три испакнати краци, со што се разградува монолитноста и се обезбедува подобра ориентација, осончување и визури. Ваквата диспозиција на трикраките волумени, создава ритам на повторување и празнини помеѓу објектите, што овозможува проветрување и визуелни коридори, а воедно се избегнува меѓусебното засенчување.
-Денешна состојба, петте станебни објекти со деловен простор-
Сите пет објекти се развиваат на приземје и пет ката со меѓунивоа, поделени на три со две станбени единици на меѓуниво. Карактеристичниот кат е организиран околу централно комуникациско јадро, од кое се пристапува кон станбените единици распоредени радијално. Решението со меѓунивоа, овозможува минимални ходничките површини, а формата на основата создава разновидни типологии на станови и динамични фасадни фронтови.
-Основа од приземје и карактеристичен кат-
-Денешна состојба, птичја перспектива на станбен објект-
Денес може да забележиме дека основната волуметрија на станбениот објект е во голема мера зачувана, при што се задржани првичниот габарит, катноста и вертикалната композиција на објектите. Сепак, фасадата покажува траги од стареење и различни адаптации, како затварање на дел од балконите со дополнителни доградби. Најголеми промени се забележуваат кај стоковната ќуќа, чија трговската функција е задржана, но визуелно е речиси непрепознатлива од нови локали и реклами. Урбанистички, изградбата на новите повеќе катни објекти во непосредна близина на станбените кули го менуваат првичниот просторен однос и визуелната композиција на целината.
Фотогалерија
Извори:
Архитектурата на почвата на Македонија, од средината на XIX до крајот на XX век – акад. Георги Старделов, акад. Крум Томовски, проф. д-р Михаил Токарев, 2006
100 години модерна архитектура – проф. д-р Михаил Токарев, 2006
Скопските Вертикали– д-р Јован Ивановски, д-р Ана Ивановска Дескова и д.и.а Владимир Десков, 2018
Соработник: Ива Поповска
Автор на статија: Sorabotnik














