Објект Богос Армагањан, Скопје / Артемушкин, 1933г
17.04.2026 • ХХ век / I половина
Локација: ул. Никола Кљусев, плоштад Јадран, Скопје
Автор: Иван Артемушкин
Година на изведба: 1933 г.
Извори: публикација „Артемушкин и Скопје“, Чаусидис, Ефремовски; Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Богос Армагањан 6.1.305.55/590-640.
Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски
Во срцето на Скопје, околу ул. Максим Горки и плоштадот Јадран, се наоѓа една од најгустите концентрации на автентични градски палати од меѓувоениот период. Токму тука се издвојува и имотот на фамилијата Армагањан, трговци со ерменско потекло, кои изградиле неколку објекти еден до друг, оставајќи јасен архитектонски белег во градот.
Највпечатлив меѓу нив е аголниот објект што денес ја сместува Шпанската амбасада. Но овојпат вниманието го насочуваме кон неговиот поскромен, често занемарен северен сосед. Тоа е зградата спроти хотел Јадран, изградена во 1933 година од архитектот Иван Артемушкин.
Во денешниот контекст, објектот стои вграден меѓу понови структури – соседниот објект лево првично не постоел, додека аголниот објект е денешната Шпанска амбасада, проектирана од арх. Б. Дутов. Оваа поставеност уште повеќе ја нагласува неговата оригинална урбана логика.
Објектот во неговиот денешен контекст – соседниот објект лево првично не постоел, додека следниот објект на аголот од блокот е денешната Шпанска амбасада, проектирана од арх. Б. Дутов. / автор: Б. Јурмовски
Објектот оригинално бил наменет за домување, но денес има деловна намена. Додека фасадата е делумно изменета со поновото реновирање, оригиналниот дизајн може да го прочитаме од архивската документација, потпишана од оригиналниот архитект.
Зградата е составена од приземје и три ката, обликувана во компактна, речиси строга форма, карактеристична за раниот модернизам од 1930-тите.
Архивска документација – изглед и пресек, проектиран од И. Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје
Интересно е што јужниот дел од парцелата првично бил празен, што му овозможило на архитектот да третира две фасади како главни – североисточната и југоисточната. Токму тука се појавува и најголемата разиграност: уличната фасада е расчленета на сегменти, а терасите на страничната страна постепено се намалуваат кон врвот, создавајќи чувство на движење и леснотија.
Фасадата содржи одредена доза на рустичност (линиски вдлабнувања) кои откриваат влијанија од неокласицизмот и академизмот. Орнаментот е воздржан, но внимателно применет.
Скалишниот простор кој е означен со десетици мали квадратни прозорци / фотографија од денешна состојба, автор: Б. Јурмовски
Особено впечатлив е скалишниот простор, означен со издолжен вертикален отвор исполнет со низа мали квадратни прозорци. Тие не се само функционални, туку и силен визуелен мотив. Оригиналните железни огради (денес исчезнати) и декоративниот венец со мотив на „рибина коска“ дополнително ја збогатувале фасадата.
Покривот на објектот е исфрлен и е точка на заземјување на објектот. Тој е додаден во проектната документација, која го покажува објектот со рамен покрив.
И покрај промените, објектот опстојува и денес како заштитено културно наследство, како важен сведок на архитектонскиот развој на Скопје меѓу двете светски војни.
Уличната, северо-источна фасада / фотографија од денешна состојба, автор: Б. Јурмовски
Автор на статија: Ноеми Чаусидис




