Архитектонско документирање на културното наследство во Преспа преку ACT4PRESPA

Во рамки на проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европската Унија преку програмата ЕУ за Преспа, се реализираше повеќедневна теренска активност за архитектонско снимање и документирање на значајни објекти во Преспанскиот регион. Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон систематско истражување и заштита на недвижното културно наследство. Активноста беше спроведена во соработка помеѓу НУ Завод и музеј – Битола и Архитектонски факултет – Скопје, односно Институтот за заштита на градителско наследство, историја на архитектура и уметност.

 

Документирање на постојна состојба

Практична настава преку директна работа на терен

Во рамки на активностите, студентите извршија архитектонско снимање на три сакрални и еден профан објект. Преку оваа практика, тие добија можност за непосредна работа на терен и директно запознавање со вредностите и карактеристиките на културното наследство во регионот.

„На студентите им беше овозможено да стекнат практично искуство и да се соочат со реални предизвици во документирањето на објекти од културно значење“,

истакна Зоран Алтипармаков, конзерватор советник во НУ Завод и музеј – Битола.

 

Утврдување на точни мерки на терен

 

Објекти опфатени со истражувањето

Теренското документирање опфати повеќе значајни објекти од различни историски периоди:

  • Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Ресен (19 век)
  • Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Сливница (17 век)
  • Црквата „Св. Петар и Павле“ во с. Љубојно (20 век)
  • Индивидуален објект – репрезент на традиционалната архитектура во с. Љубојно

Изборот беше направен врз основа на нивната културно-историска вредност и степенот на зачуваност, во координација меѓу експертите од двете институции.

Фотографии од посета на објектите

 

Интензивна теренска работа и едукација

Во активноста учествуваа 65 учесници на првиот ден, а во наредните денови по 31 учесник, вклучувајќи студенти, професори и стручни лица. Проф. д-р Елизабета Касапова нагласува дека ваквиот тип на повеќедневна теренска настава претставува ретка можност за студентите:

„Студентите имаа интензивен тренинг во теренско документирање, како и можност да посетат значајни културни локалитети како Сливничкиот манастир, црквата во Курбиново и селото Љубојно. Ова искуство е од исклучителна вредност за нивниот професионален развој.“

проф. д-р Елизабета Касапова

Институционална соработка како основа

Како предуслов за оваа соработка, претходно беше потпишан меморандум помеѓу Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и музеј – Битола и Анета Христова – Поповска, деканка на Архитектонски факултет – Скопје, со што се постави основа за долгорочни заеднички активности во областа на заштитата и истражувањето на културното наследство.

 

Документирање на терен

 

Архитектонското документирање како клучен процес

Според д-р Мери Стојанова, кустос советник и координатор на проектот:

„Архитектонското документирање е еден од најважните чекори во процесот на заштита на културното наследство. Преку него се создава основа за понатамошна конзервација, реставрација и дигитална презентација на објектите.“

Таа дополнува дека вклучувањето на студентите има двојна вредност – стекнување на практични вештини и развивање свест за значењето на културното наследство.

Дел од работната атмосфера

 

Продолжување на активностите

Активностите во рамки на ACT4PRESPA ќе продолжат и во наредниот период, со цел понатамошно истражување, заштита и промоција на културното наследство во Преспа. Проектот се реализира во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на Преспанскиот регион, преку инструментот за претпристапна помош за рурален развој.

Групни фотографии

 

 


Автор на објавата: Кристијан Арсовски