Храм на Изида, Стоби
18.05.2026 • До V век Информации
Долгогодишните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Стоби откриле урбанизирана населба со долг континуитет каде се создaла архитектура како производ од испрепрлетеност на култури. Античкиот град Стоби опстојувал речиси еден милениум и за време на овој долг период се појавиле многу можности за негов урбан, економски и културолошки развој. Стоби е лоциран на централна географска местоположба која во антиката претставувала раскрсница на неколку важни патишта, особено за време на Римската Империја. Во овој период во Стоби пристигнувале разни културолошки и архитектонски влијанија од повеќе делови од тогашниот свет. Како тестамент од тоа време се изградени повеќе еклектични објекти во градот како театарот, Градбата со Арки, синагогата и Епископска Базилика. Во оваа објава информираме за уште еден таков објект во Стоби, Храмот на Изида, кој претставува редок примерок на овие простори од римската сакрална архитектура.

Објектот за прв пат беше откриен во 2008 година на најниската тераса од локалитетот помеѓу театарот и југоисточниот бедем, и во непосредна близина на една од градските порти. По отривањето на објектот, архелошките истражувања се прошируваат околу него со што се открива еден поголем комплекс на градби кои се поврзани со истиот. Намената на овој објект ќе остане мистерија се до 2012 година кога ќе се пронајде монументална скулптура на божицата Изида пред скалите на објектот и во близина на еден мермерен постамент. Оваа скулптура ја потврдува посветата на објектот и помага на археолозите да дојдат до заклучок дека објектот преставува храм посветен на мистичниот култ на египетската божица Изида и нејзиниот пандан, богот Серапис. Храмот на Изида во Стоби е еден од четири објекти посветени на ова божество на Балканот, останатите се наоѓаат во Грција, односно во Солун, Филипи близу Кавала и во Дион близу Катерини. Траги од овој култ биле пронајдени и на други места во државата. Најстариот артефакт кој е поврзан со овој култ е мермерна скулптура на Изида од Лихнидос (Охрид) која е датирана во II век п.н.е., и истата е прикажана на аверсот на банкнотата од 10 денари. Останатите траги поврзани со култот се натписи и движни наоди од кои поголем дел се пронајдени во Стоби.
За иградбата и постоењето на храмот во Стоби сведочат неколку натписи и движни наоди. Еден движен наод е мермерна глава од скулптура на богот Серапис, пронајдена на локалитетот во таканаречената Куќа на Партениј. Од натписите се одвојуваат два важни натписи поврзани со постоењето на овој култ во градот кои биле познати на археолозите пред самиот храм да биде пронајден. Едниот натпис е посвета на култот од одреден августал (императорски службеник) со име T. F Longinus. Несомнено е дека овој жител на Стоби имал висок статус во тоа општество а неговата посвета е насочена кон Deo Caesari (императорот) и до стобскиот municipium (градскиот одбор т.е самиот град). Овој натпис исто така ни дава важна информација дека градот, за време на Римскиот период, имал статус на municipium и бил единствениот град во северниот дел од провинцијата Македонија кој го поседувал тој статус. Вториот натпис е заветен натпис лоциран на платформа за скулптура од Клаудија Приска, која била член на позната фамилија од Стоби – Приски. Овој натпис информира дека Клаудија Приска била свештеничка на Изида Лохија, верзија на Изида во функција на заштитник на жените и раѓањето, и дека истата била претставник на овој култ во Стоби. Па така, според овие натписи и неколкуте движни наоди поврзани со овој култ, археолозите претпоставуваат дека храмот бил приватна донација од некој граѓанин на Стоби кој очигледно бил припадник на култот на египетските божества. Со анализа на стратиграфијата и гореспоменатите натписи и движни наоди, археолозите ја датираат изградбата на овој објект во првата половина на II век од наша ера.
Објектот претставува типична Римска сакрална архитектура. Тој се состои од подиум со скали кои се наоѓаат на североисточната страна и водат до пронаосот и наосот од храмот. Под подиумот се наоѓаат две подземни простории кои се типични за храмовите посветени на Изида и Сарапис, а пристапот до нив е овозможен со отвор кој се наоѓа на задниот дел од храмот. Подиумот го сочинува крепидомата која е составена од хоризонтално поставени четириаголни блокови врз кои лежи долниот корниз со накосен профил, а над него се поставени вертикални четириаголни блокови врз кои лежи горниот корниз од подиумот. Вертикланите и хоризонталните блокови биле прицврстени со железни клампи, а исто така постојат и траги од варов малтер помеѓу долниот корниз и вертикалните блокови. Подот на платото од подиумот не е зачуван, па така и точниот број на скали не е познат. Во оваа форма, висината на подиумот изнесува околу 2,40 метри. Горниот дел на објектот, односно наосот и пронаосот не се воопшто зачувани, но затоа архитектонските елементи кои го сочинувале горниот дел се пронајдени околу храмот и на други места на локалитетот реупотребени во конструкција на други градби.


Подземните простории се наоѓаат директно под наосот (поголема) и пронаосот (помала просторија). Ѕидовите на двете простории биле ѕидани со квадратни камења и варов малтер во opus incertum или vitatum, таваните биле засводени и заедно со ѕидовите биле покриени со гипсен слој. Точната намена на подземните простории е сѐ уште тема на дискусија помеѓу археолозите но, голем дел се согласуваат дека ваквите простории (или дел од нив) биле полнети со вода која ја симболизирала реката Нил. Во примерот од Стоби, консензусот е дека барем една од овие простории била полнета со вода која ја симболозира реката Нил а другата била користена за мистичните обреди како дел од овој култ. Во антички Египет, ваков тип на простории се користеле за да се мери водостојот на реката Нил, за да се одреди кога ќе се случи годишната поплава на реката а потоа и почетокот на сеидбата на земјоделските полиња.
Храмот е главната градба во еден поголем комплекс. Комплексот го сочинува стилобат кој го заобиколува храмот и лежи на два реда од камени блокови. Стилобатот формира четириаголен двор околу храмот во кој се поставени еден мермерен постамент пред скалите на храмот, а на задниот дел пред влезот во подземните простории се лоцирани неколку четириаголни јами кои се користеле за принесување жртви. Со подоцнежни истражувања на комплексот ќе се открие и една полукружна просторија како дел од источниот агол на стилобатот, но за истата моментално нема публикувани информации.


Според движните наоди пронајдени во подземните простории, археолозите сметаат дека храмот бил во употреба од првата половина на II век н.е до последната четвртина на IV век од н.е. Во V и VI век од н.е просторот околу храмот бил реконструиран и во некогашниот двор биле изградени неколку семејни куќи. Кон крајот на шестиот век од нашата ера, локалитетот бил комплетно напуштен, а просторот каде што се наоѓа храмот повторно бил користен подоцна помеѓу X-XIII век.
Археолозите потенцираат дека изработката на овој објект не е совршена. Некои детали од подиумот на храмот откриваат дека истиот бил направен набрзина и укажуваат на негрижа од страна на мајсторите. На некои места, крепидомата и долниот корниз не биле порамнети, додека профилот на долниот корниз не бил доработен и не е идентичен со горниот корниз на подиумот. Една од поголемите индикации за негиржа во изработката на комплексот е тоа што храмот не е паралелен со стилобатот, нешто што е воочливо кога ќе се исцрта основата на храмот заедно со стилобатот. За изработката на храмот биле искористени различни видови на камен. За крепидомата и вертикалните блокови кои го формираат кубусот бил искористен камен песочник а за корнизите и она што останало од ентаблатурата биле користени неколку типа на мермер, и веројатно е дека градителите внимателно одбирале каде ќе искористат одредени видови на камен. За крај, и покрај воочливото невнимание на мајсторите во изработката на овој објект, може да воочиме дека античкиот град Стоби, преку својата еклектична архитектура изразена во храмот на Изида и останатите градби споменати на почетокот на овој текст, активно учествувал во глобализираниот свет на Римската Империја.
Автор: Кристијан Тошески
Извори:
Witt, R. E. (1971). Isis in the Graeco-Roman World. Thames and Hudson.
www.stobi.mk
Автор на статија: Sorabotnik
Археологија / археолошки локалитет / археолошко наследство / Стоби / Храм



