Омаж на заедништвото / интервју со Мери Батакоја, раководител на 29тата летна школа на АФС

 

Оваа година Архитектонскиот Факултет во Скопје ја оддржа 29тата сесија на Меѓународната летна школа за архитектура. Во продолжение може да го прочитате нашето интервју со нејзиниот раководител, Мери Батакоја, со кого поразговаравме за самата тема, новиот дигитален формат и финалните резултати од студентскиот конкурс.

 

 

МАРХ: Здраво Мери. Дали би можела да не воведеш во темата на овогодинешната летна школа?

 

МБ: Темата на овогодинешната 29та сесија на Меѓународната летна школа за архитектура на Архитектонскиот Факултет при УКИМ е „омаж на заедништвото“. Терминот „омаж“ најчесто го разбираме како акт преку кој уметноста му изразува или оддава почит на некого, или слави нечие дело. „Омаж“ е исто така средновековна церемонија на потврдување верност (кон  феудалниот господар). Во контекст на оваа чудна пандемиска 2020 година, мене ми беше значајно да се подвлечат сите тие значења, на почит, на завет за верност кон заедништвото и славење на вредностите кои произлегуваат од него низ цело лето. Размислував многу кои се тие вредности на заедништвото.  Особено во нашиот македонски контекст,  заедништвото често се пронаоѓа себеси (изгубено) на места кои му се суштински спротивставени, во лукративен контекст на „заедничка корист, бенефит или интерес“. Затоа, оваа тема не произлезе од непобитниот факт дека заедништвото ни недостига ужасно многу, иако има романтична нота во сето тоа, туку од желбата да го потврдиме заедништвото во неговите најсуштински манифестации како слободата да припаѓаш каде чувствуваш дека припаѓаш, спонтаната наклонетост и проактивната грижа кон другите, доброволниот влог. И јас искрено верувам дека мораме да пронаоѓаме постојано нови начини да ги негуваме, воспитуваме и охрабруваме овие манифестации на заедништвото, и во педагошка, и во архитектонска смисла. Се надевам дека летната школа претставуваше придонес во прилог на тоа.

 

 

 

 

 

 

МАРХ: „Атласот на заедништво “ ѝ даде еден интересен почеток на летната школа. Која беше целта на оваа прва фаза и како сте задоволни од нејзиниот исход?

 

МБ: „Атласот на заедништвото“ се лансираше истиот ден како и меѓународниот студентски конкурс „Омаж на заедништвото | Паметејќи ги просторните обрасци на заедништвото“, на 16ти јули. Мене искрено ми е најдрага од сите активности на летната школа. Атласот на заедништвото е замислен како интерактивна иницијатива која функционира по принцип на покана на професори и пријатели на Архитектонскиот факултет да дадат свој придонес во форма на сликовна претстава, асоцијација на заедништво во архитектурата и кратка текстуална елаборација. Пратениот материјал инстантно се објавуваше во посебно „катче“ на веб страната на АФС и се споделуваше интензивно на социјалните мрежи со цел да биде мотивациски инспиративен контејнер за натпреварувачите. Атласот сам по себе е замислен да биде перформанс/изведба на заедништво, се создаде отворена, растечка архива на чувственото знаење за заедништвото во архитектурата, зачеток на колективна имагинација сочинета од мноштво лични гледишта. Колку сум задоволна од нејзиниот исход? Задоволна сум. Многу сум им благодарна на сите колеги и пријатели кои земаа учество. Особено сум трогната од две наши алумни кои пратија материјал без да добијат официјална покана, чисто дека биле заинтригирани од темата и дека почувствувале дека само заедно можеме повеќе. Во мојот внатрешен утописки свет, атласот на заедништвото ќе имаше многу повеќе прилози, но може да го земеме и како направа за мерење на степенот на заедништво. Сепак, не сме на најниска скала. 🙂 Многу од конкурсните трудови се референцираа на примери од него, па мислам дека си ја исполни својата основна цел.

 

 

 

 

 

Извадоци од „Атласот на заедништвото“. Погледнете го целиот материјал на (www.arh.ukim.edu.mk)

 

 

 

МАРХ: Неколку години по ред летната школа е лоцирана во Лазарополе. Која е идејата позади задржување на истата локација повеќе години по ред?

 

МБ: Мислам дека, секако покрај удобноста поради познавање на луѓето и местото што гарантира некаква предвидливост и ефикасност во организациска смисла, многу е значаен одекот на Летната школа во заедницата. Тоа тешко се постигнува преку една сесија. Мештаните почнуваат да го очекуваат присуството на Архитектонски факултет во средина на летото во Лазарополе, отворени се и гостопримливи кон нас како кон свои познати стари пријатели, доаѓаат во голем број на завршните презентации и изложби. Летната школа е и социјален феномен, покрај тоа што е специфичен педагошки процес и културен настан.

 

 

 

Eleonora Popovska, LAZOROVSKI TRIPTYCH part 3 (www.arh.ukim.edu.mk)

 

 

МАРХ: Поради моменталната ситуација, летната школа доби нов „дигитален“ формат. Кои беа главните предизвици при организирање на ваквиот настан? Кои беа навиките од претходните летните школи кои не можевте да ги рекреирате онлајн?

 

МБ: Главниот предизвик беше дупол, прво да се прифати идејата дека овогодинешната летна школа ќе добие нов дигитален формат, а второ да се осмисли дигитален формат кој ќе биде различен од дигиталниот формат на редовната настава од летниот семестар.  Ако бидеме искрени, ништо од предходните летни школи не можевме да рекреираме онлајн, освен самите себеси, гостите и студентите. Но, подвлековме некои суштински карактеристики од кои дигиталната летна школа не смее да отстапи. Од нив, би ги издвоила  обезбедувањето на специфичен процес на учење архитектура преку релевантна тема и активната размена на идеи и искуства со меѓународната архитектонска сцена.

Би споделила дека навистина стравував дали ќе има доволен интерес од страна на студентите, бидејќи имавме многу тегобен и многу долг, развлечен и невообичаен летен семестар. Затоа,  особен труд беше вложен во пакувањето на информациите за Летната школа и споделувањето на идеите и знаењето преку веб платформите и социјалните медиуми. Многу се грижев и будно следев како реагираат студентите на споделените информации. Многу сум среќна дека имаше убав одѕив.

 

 

 

 

 

 

МАРХ: Кои беа придобивките на новиот формат? Дали во идинината, кога ситуацијата ќе се нормализира, повтроно би организирале некој ваков настан?

 

МБ: Јас се чувствував многу удобно во сопствениот дом работејќи на овогодинешната летна школа, тоа е првата придобивка. 🙂 Оваа сесија на Меѓународната летна школа на АФС имаше неограничен капацитет во однос на бројот на студенти. Имаше силен меѓународен карактер, се регистрираа повеќе од сто, но успешно ги завршија и предадоа проектите речиси шеесет студенти, 35 тима од осум земји (Македонија, Словенија, Италија, Шпанија, Бангладеш, Шри Ланка, Египет и Индија). Се надевам дека научивме подобро да ги споделуваме идеите и знаењето за архитектурата преку веб платформите и социјалните медиуми.  Мислам дека меѓународната промоција на Архитектонскиот факултет беше интензивна, и преку директна комуникација со наши колеги и пријателски факултети, но и преку популарните веб платформи како archdaily.  Архивирана е до детал секоја активност на Летната школа, нешто што до сега ми се чини беше невозможно. Мене лично и организацијата на културни настани и дигиталните медиуми ми се блиски. До сега ги гледав како посебни активности, од ова искуство можам да ги видам и како нераздвојни и секако би се нафатила повторно да организирам настан од ваков формат. Сепак, на нашата Летна школа ѝ посакувам што поскоро враќање во својот традиционален формат.

 

 

МАРХ: Како се одвиваше процесот на подготовка на финалните проекти?

 

МБ: 29тата Сесија на Летната школа имаше хибриден карактер. Нејзина водечка активност беше меѓународиот студентски конкурс, организиран по сите стандарди на јавните и анонимни конкурси, што подразбира самостојна работа, автодидактички процес. Од друга страна, серија на едукативни активности го подржуваа тој процес на автодидактика со забрзано и насочено продлабочување на знаењата околу различните начини на коишто архитектите успеале да ја опросторат личната идеја за заедништво.  Атласот на заедништво стана и директна педагошка алатка кога се престори во лекција-клуч за негово препрочитување која беше претставена на првиот вебинар под наслов „Опросторувајќи го заедништвото (Situating Togetherness). Самиот студентски конкурс претставува и учење преку компетиција/натпревар. За сите проекти се напишани рецензии кои имаат одек како еден вид на „соочување“ помеѓу членовите на жири комисијата и натпреварувачите, кои се лекции сами по себе и отвораат можност за компарација помеѓу натпреварувачите, за што се надевам дека ќе имаат удел во идејното созревање на младите натпреварувачи. Меѓународната жири комисија инаку беше составена од Antje Buchholz и Jürgen Patzak-Poor, основачи на архитектонското студио BARarchitekten (Base for Architecture and Research) од Берлин; Ana Kreč, основач на архитектонското студио Svet Vmes Collective од Љубљана; Ана Ивановска Дескова, Марија Мано Велевска, Јован Ивановски, и јас, вонредни професори на Архитектонскиот факултет,  Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје.

 

 

 

Втора награда: Александра Цветковска, 2-ра година на АФС

 

 

 

МАРХ: Како резултат студентите подготвија низа решенија кои соодветно ја претставија темата на летната школа. Кои беа критериумите на комисијата при избор на победниците?

 

МБ: Комисијата се водеше првенствено по трите општи критериуми кои беа објавени во расписот на конкурсот –  доследноста на целокупниот концепт во врска со поимањето на заедништвото во архитектурата; креативноста на предложените решенија; и убедливоста и автентичноста на презентацијата. Овие општи критериуми беа дополнително проширени кон контекстуалната чувствителност и зрелоста на архитектонската артикулација со нагласок ставен на чувството за размер и материјалноста.

Комисијата исто така разговараше долго околу пристапот кон различните возрасти на студенти, пронаоѓајќи начин да не ги дискриминира најмладите студенти и обрнувајќи должно внимание на проектите со силни идеи а очигледни недостатоци во архитектонската артикулација.

Исто така, комисијата сакаше да соопшти единствен став по прашање на заедништвото и архитектурата. Трите први награди се доделени на сосема различни архитектонски продукти – првата награда претставува еден цврст архитектонски објект павилјон, втората награда припадна на хибридна структура – инсталација која поттикнува настани на заедништво и третата награда припадна на обликување на јавен отворен простор. Сепак, различни какви што се, сите тие соопштуваат дека архитектурата на заедништвото се однесува на едноставни работи, секојдневни ритуали, преобмислени елементи од традицијата, изнаоѓање начини за повторно поврзување со нашите татковински места и со природата. Многу многу едноставни работи кои нè поврзуваат и внесуваат хуманост и значење во нашите животи.

 

 

 

Трета награда: Lidija Pranjić и Dylan Jacco Quinten Gubbels, 1-ва и 3-та година на Faculty of Architecture, University of Ljubljana

 

 

 

МАРХ: Дали би можеле да ни го претставите проектот кој го доби првото место?

 

МБ: Првото место го доби проектот со наслов „Open Air House” (Куќа на отворено, отворена куќа) на Тамара Иванова и Ангела Петровска, едната студентка од четврта година на нашиот факултет, а другата студентка на Politecnico di Milano. Се работи за проект кој поттикнува љубопитност, базиран на речиси оксиморонски концепт за дом „пронајден надвор“ во јавната сфера како симбол на заедништвото. Навидум едноставната формална стратегија на квадрант поделен на 16 полиња (2/2 м), ги апсорбира преведените елементи на традиционалната куќа во павилјонски тип на архитектура составена од соби, чардак и кровни покривки.

Чардакот претставува заеднички простор поставен во средината и отворен кон исток и запад. Тој не само што функционира како доминантен просторен „чвор“ во конфигурациска смисла, туку ги обединува дневните активности на сите корисници и ги отвора најубавите погледи кон плоштадката пред Калин хотел на исток и визурите кон куќите и црквата кон запад.

Собите овозможуваат простор за средби на помали групи на луѓе на отворено, но имаат и улога на засолништа бидејќи се наткриени.

Целиот простор е опремен со не докрај дефинирани, но евокативни елементи кои само наговестуваат различни можности за користење на просторот.

На југ кон постојните куќи  и на север кон постојната улица, павилјонот се карактеризира со хоризонтално и вертикално испреплетени јажиња, инспирирани од планинските силуети, кои во ефект се „лоу тек“ рачно изработени порозни мембрани, оценети од страна на жири комисијата како креативно решение на фасадите.

Презентацијата е технички зрела, а 3д визуелизациите се со многу внимателно избрана палета на бои, монтажи на сценарија и нагласена контекстуална важност на понуденото решение.

 

 

 

 

Прва награда: Тамара Иванова и Ангела Петровска, 4-та година на АФС и Politecnico di Milano

 

 

МАРХ: Изминатата недела се постави и мала изложба од проектите од летната школа. Дали со ова се заокружи темата на „Омаж на заедништво” или се уште имате некои планови на ум?

 

МБ: За мене, изложбата на конкурсните проекти во Лазарополе претставуваше симболичен гест на почит кон домаќините со добра желба дека летната школа ќе продолжи да се одржува таму следното лето. Претставуваше и мое лично збогување со летната школа која како и секое специјално издание траеше многу подолго од вообичаеното. Претставуваше и извонредна прилика да се видиме со голем дел од колегите со кои со месеци се немавме сретнато во живо. Поради околностите со пандемијата, во организациска смисла, таа претставуваше интерен настан кој ги обедини само наставниците на АФС кои со сопствени возила пристигнаа во Лазарополе.

Но особено ми е драго што успеавме да ја поставиме во отворен простор, да биде дел од контекстот и ритамот на Лазарополе, на само стотина метри од локацијата која беше предмет на меѓународниот студентскиот конкурс. Така, од интерен настан, таа прерасна во отворен и безбеден настан за сите жители и гости на Лазарополе кои љубопитно ја проследија.

Подготвена е публикацијата на школата, која за разлика од фрагментираните и фрагментарни виртуелни искуства на поединечните настани, ќе понуди целосен архивски документ за оваа сесија посветена на заедништвото и архитектурата.

Можно е и изложбата да се префрли во просториите на АФС.

Но за мене летната школа е веќе апсолвирана како искуство. Го славевме заедништвото буквално цело лето, најмалку кога го имавме, но со целосна посветеност дека нема да го изгубиме.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

МАРХ: За крај, како сметате дека моменталната криза ќе влијае на идната архитекутра? Дали ќе нѐ натера да создаваме поголеми дистанци помеѓу нас, или токму обратно, ќе ни ја зголеми желбата за големи настани, за споделување на јавните простори и општо за заедништво?

 

МБ: Една од причините поради кои се осмисли темата „Омаж на заедништвото“ е и мојата револтираност од преовладувачките „ковидни“ теми после само 3-4 месеци од прогласот на пандемијата. Она што е веќе терминолошки исковано како „визуелен пејзаж на Ковид 19“ секако дека остави огромен отпечаток и во моите внатрешни простори, особено оние впечатливи слики од најпознатите и најубави градови целосно испразнети од живот, надреалните слики на враќањето на природата онаму каде што била истисната (макар и како лажни вести), но и санитарните и дисциплинарни техники кои наметнуваат ново секојдневие по правилото на два метри дистанца. Сепак, талозите на историјата на архитектурата зборуваат дека таа поднела многу поголеми предизвици и дека е отпорна, дека има резистентност особено по нејзините суштински карактерни одлики, од кои можеби една од најсуштинските е токму капацитетот да поврзува, да зближува и да поттикнува заедништво. Затоа, мојот став е дека секогаш треба да гледаме наназад за да одиме напред. Што менуваат двата метри дистанца во просторните обрасци? Ништо, тоа станува само прашање на димензионирање. И што е тогаш новитетот во „ковидните“ теми? Дека ни треба поздрава санитарна средина, враќање на природата онаму кадешто сме ја истиснале, алтернативен сообраќај, грижа за најранливите категории, право на чист воздух, на парче небо? Помодарскиот импулс, инстантните трендови се секогаш погрешни, или во најмала рака лажно иновативни.

 

 

 

 

 

Сите конкурсни трудови проследени со рецензиите од жири комисијата ќе бидат објавени на следниот линк.