Напуштен објект како нем сведок на еден систем / Велес

 

Во старото срце на градот Велес на стратешка и некогаш исклучително жива позиција, веднаш  реката Вардар во близина на Стариот мост и железничката пруга, денес стои објект кој полека исчезнува пред очите на јавноста. Изграден за време на владеењето на СХС, овој објект некогаш претставувал витален државен пункт, наменет за снабдување на населението со основни животни продукти како: жито, брашно, овошје, зеленчук и други суровини неопходни за секојдневниот живот.

 

 

Во период кога градот сè уште не бил урбанистички развиен во повисоките зони, оваа локација функционирала како централно збирно место, урбана точка на интеракција, блиска до денешниот пазар, каде се одвивал секојдневниот пулс на заедницата. Горните катови биле организирани како административен сегмент, со канцеларии коија поддржувале логистиката и управувањето со објектот.

 

 

Денес истиот објект е во состојба на сериозна деградација. Жителите и сопствениците на дуќани во непосредна близина отворено го изразуваат своето незадоволство, не само поради естетскиот пад, туку и поради чувството дека градот дозволува да изгуби дел од сопствениот идентитет. Очигледно е дека е потребна итна интервенција.

 

 

Архитектонскиот објект кој носи јасна и рационална логика. Фасадното обликување е јасно сведено и функционално, со пропорционално поставени отвори кои ја следат внатрешната организација. Просторната композиција се базира на доминантен кубичен волумен, чист, стабилен и јасно дефиниран, надополнет со два пониски анекси кои се прилепени кон него. Влезниот дел е нагласен преку подигнато приземје, до кое се пристапува преку скали, додека три кружни столбови формираат трем кој во минатото служел како простор за дотур и директна продажба.

 

 

Над овој сегмент се појавува кровна тераса, до која се пристапува преку низа пропорционално распоредени столбови, што му дава дополнителна пластичност и длабочина на објектот. Сето ова укажува на внимателно осмислена архитектура, каде формата ја следи функцијата, но не ја занемарува естетиката.

 

 

Ова не е само руина ова е објект со потенцијал. Потенцијал кој произлегува од неговата позиција, од јасната волуменска композиција и од логиката на неговата функционална организација. Со внимателна реконструкција и адаптација, можно е да се зачува неговата автентичност, а истовремено да се вдахне нов живот и нова намена.

Прашањето не е дали може да се спаси. Прашањето е дали ќе дозволиме да исчезне.

 

 

Автор на објава: Кристијан Арсовски