Изработка на бетонски базени
05.06.2026 • Градежни материјали
Се почест е трендот на изработка на армирано бетонски базени за релаксација и рекреација. Па така, се изведуваат базени во различни големини и форми, отворени и покриени базени, со слатка или со солена вода, аква паркови, вештачки езера, фонтани.
Широката палета на производи на АДИНГ содржи и материјали за изработка на бетонски базени.
Откако ќе се утврди формата и големината на базенот, потребно е добро да се димензионира и изведе целата негова конструкција. Бетонската конструкција треба да биде димензионирана за две состојби на товарење – на празен и на полн базен.
Без разлика дали армирано бетонскиот базен е вкопан во земја или е изграден над нивото на земјата, потребно е да се обезбеди водонепропусност на бетонската конструкција со водонепропусен бетон и хидроизолационен систем кој ќе ги предвиди и осигура продорите од инсталации и пукнатини.
За да се обезбеди водонепропустливост на АБ конструкција, неопходно е бетонот да има затворена структура, која гарантира минимална апсорпција на вода во него. За таа цел бетонот мора да биде правилно вграден и негуван, да биде хомоген, без појава на пукнатини или сегрегации.
Основни предуслови за изработка на квалитетен бетон со високи водонепропустливи својства се: правилен избор на материјалите за изработка на бетонот (агрегат, цемент и адитиви), правилен избор на технологија на производство и вградување на бетонот и нега на свежиот бетон.
Со цел да се избегне појава на пукнатини, бетонирањето мора да се изврши континуирано без прекини. Прекинот на спојот на хоризонтала и вертикала се обработува со посебни производи – Детал 1. Прекините во бетонирањето треба да се предвидени поради статичкиот систем или динамика на бетонирање и услови на работа. Прекините на бетонирање го поскапуваат објектот поради посебните начини на обработка и претставуваат слаби точки во при експлоатација.
Кај базените со неправилна форма се користи прскан бетон со поситна гранулација, со додаток/адитив за брзо врзување и по потреба метални или синтетички фибри.
Вградениот бетон веднаш по зацврстувањето треба да се негува – во рок од неколку дена да се прска со вода и/или да биде покриен со материјал кој би ја задржал влагата (најлон, геотекстил, јута). Кај големи, отворени бетонски површини изложени на ветер, пожелно е бетонот да се заштити со прскање на специјализиран материјал за површинска заштита – ЗАШТИТА Б3.
За производство на квалитетен бетон за базен, со високи перформанси и висок степен на водонепропустливост, препорачуваме истовремено користење на два типа адитиви од производната програма на АДИНГ: Пластификатор ФЛУИДИНГ во комбинација со адитив за водонепропустливост ХИДРОФОБ Т или за подобри резултати: Суперпластификатор СУПЕРФЛУИД 21 во комбинација со адитив за водонепропустливост ХИДРОФОБ 21.
При прекини на бетонирање и предвидени споеви како спојот на плочата /хоризонталa/и ѕидовите /вертикала/ потребно е да се направи посебна обработка /Детал бр. 1 /. Ова се слаби точки низ кои ќе продре вода и можно е оштетување на хидроизолацијата. Пред бетонирање на последователниот дел – ѕидовите, бетонот на спојот се премачкува со АДИНГПОКС Н и на него се поставува експандирачка трака HYDROTITE. Овој начин на обработка ќе овозможи добра врска на новиот со стариот бетон, а во случај на појава на пукнатина и продирање на вода, експандирачката трака ќе го зачепи продорот. Со експандирачка трака HYDROTITE и АДИНГПОКС Н се обвиваат и цевките од инсталациите на местото каде продираат низ бетонот.
ДЕТАЛ “1” – Обработка на споеви и прекини на бетонирање со HYDROTITE
По бетонирањето /по 28дена/ се препорачува да се затворат продорите и да се направи пробно полнење на базенот. Пробното полнење и празнењето ќе го оптерети базенот по што може да се појават пукнатини. Потребно е тие да се санираат пред нанесување на хидроизолација на базенот. Пукнатините се санираат со АДИНГПОКС Н, а со него се обработуваат и холкерите – спојот на хоризонталата со вертикалите. За поголема сигурност или при појава на поголеми пукнатини, завршно над АДИНГПОКС Н се налепува гумена трака Proofmate FD Foil.
АДИНГПОКС Н е епоксидно лепило кое се користи за обработка на споеви, холкери, китирање на пукнатини и репарација кај бетонски, арм.бетонски и елементи од цементен малтер. Има одлична атхезија и на влажна подлога, водоотпорен е и водонепропусен. За исполна на пукнатини потребно е претходно пукнатината да се обработи со отварање по механички пат, така што ќе се формира шлиц со минимални димензии: ширина/длабочина = 1,0/2,0 см. Шлицот се чисти од прашина и нечистотии и во така обработен и сув шлиц се вградува АДИНГПОКС Н. / Начинот на припрема и вградување детално е опишан во техничкиот проспект на производот/.
ДЕТАЛ “2” – Хидроизолација на базен
Експандирачки ленти HYDROTITE
ДЕТАЛ “3” – Вградување на експандирачка трака HYDROTITE
Завршниот заштитен и декоративен слој на базенот може да биде изработен со боја за базени или плочки за базени. Бојата за базени е поедноставна и побрза варијанта за изведба, како и поефтина, но не е долговечна и треба да се обновува секоја сезона. Плочките за базен се покомплексна варијанта за изведба на завршен слој на базен, исто така и поскапа, но долготрајна варијанта.
Во зависност од тоа дали завршниот заштитен и декоративен слој на базенот ќе биде изработен со боја за базен или плочки за базени, зависи и кој тип на хидроизолација ќе се нанесе:
Ако завршниот заштитен и декоративен слој на базенот е боја за базени АДИНГКОЛОР РБ, тогаш пред нанесување на овој завршен слој, се нанесува еднокомпонентна хидроизолација ХИДРОМАЛ.
ХИДРОМАЛ е еднокомпонентна хидроизолација на цементна основа која се нанесува во 3 слоја, со четка – глетарка – четка. Во првиот слој на ХИДРОМАЛ се додава полимерно средство ВРСКА У кое ќе даде подобра лепливост, подобра атхезија на хидроизолацијата за подлогата. По нанесување и сушење на сите слоеви на ХИДРОМАЛ, површината завршно се премачкува со АДИНГКОЛОР РБ.
АДИНГКОЛОР РБ е еднокомпонентен премаз на база на синтетички смоли и растворувачи, кој има одлична атхезија со подлогата, е УВ стабилен и отпорен на хлор, разредени киселини и бази, раствори на соли и минерални масла. Се нанесува во 2 слоја, со четка, валјак или машински со распрскување со безвоздушна (airless) пумпа, а базенот може да се користи после 7 дена од нанесување на последниот слој. Долговечноста на завршниот премаз зависи од начинот на употреба и одржувањето. АДИНГКОЛОР РБ може да се чисти со машина со ротациони четки со детргенти разредени со вода и разредени киселини.
Поради хемискиот состав на водата завршниот слој во текот на сезоната на места може да ја промени бојата или на него да се задржат наслаги. И покрај тоа АДИНГКОЛОР РБ во голем дел ја задржува својата функција за хемиска заштита на бетонот од агресивноста на средствата за третман на водата.
Ако завршниот заштитен и декоративен слој на базенот се изведе со плочки за базен, тогаш пред лепење на плочките, се нанесува двокомпонентна хидроизолација ХИДРОМАЛ ФЛЕКС. ХИДРОМАЛ ФЛЕКСе еластична, двокомпонентна хидроизолација на цементна основа, која се нанесува во 2-3 слоја, со четка или валјак. Има одлична атхезија за подлогата од бетон, а може да се нанесе и на влажна подлога и притоа е нетоксична и бактериолошки отпорна хидроизолација. Откако ќе се нанесе и исуши и последниот слој од хидроизолацијата, се нанесува водонепропусен лепак за плочки ХИДРОКОЛ СП на кој се лепат плочките за базен.
Долговечноста на базените зависи од начинот на одржување, нивно редовно чистење и по потреба – задолжително обновување на оштетени делови.
Подготвила: Петровска Александра дипл.инж.арх.
Автор на статија: Filip Koneski
Адинг / Бетонски базени / детали / изработка










