35 сесија на Меѓународната летна школа за архитектура
26.06.2026 • Информации
Во Лазарополе, во периодот од 27. јуни до 4. јули 2026 година, ќе се одржи 35. сесија на Меѓународната летна школа за архитектура во организација на Архитектонскиот факултет — Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Темата на овогодинешната сесија на школата е „АРХИТЕКТУРА: ДА СЕ ВЛИЈАЕ И БИДЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ“. Гостин‑тутор е архитектот Тило Херлах, кооснoвач и партнер во реномираното архитектонско студио ХХФ архитекти, Базел, Швајцарија.
Работата на летната школа ќе се развива низ неколку фази: анализа на постојните објекти во населбата преку проучување на традиционалните градежни техники користени при изградбата и проучување на архитектонските елементи и градбени материјали; евалуација на постојната состојба на објектите и согледување на проблемите со кои се соочуваат; дискусија за можниот обем и облик на архитектонската интервенција со цел заштита од пропаѓање и повторна употреба; и дефинирање постапка за обнова на објектите.
Свеченото отворање на школата е закажано на 27 јуни (сабота) во 19:00 часот, во хотел „Калин“, по што ќе следува предавање од гостин‑туторот.
На школата, заедно со гостин‑туторот, ќе работат ассист. д-р Теа Дамјановска, ассист. д-р Михајло Стојановски, ассист. д-р Димитар Крстески и проф. д-р Горан Мицковски, раководител на овогодинешната сесија.
35.сесија на Меѓународната летна школа за архитектура е организирана од Архитектонски факултет – Скопје, со финансиска поддршка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Министерството за култура и туризам на Р.С.М и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Р.С.М.
Автор на статија: Filip Koneski
35 сесија / Архтектонски факултет / АФС / Лазарополе / Меѓународна летна школа за архитектура / УКИМ

