Архитектурата како сведоштво на транзицијата: македонска архитектонска приказна во Њујорк

Што останува од архитектурата кога градот се менува, општеството ги преиспитува сопствените вредности, а времето ги преобразува просторите и нивните значења? Mоже ли архитектурата да се чита не само како материјален запис на една епоха, туку и како сведоштво за нејзините идеи, противречности и општествени стремежи?

 

 

Овие прашања се во фокусот на KATA LOGOS – Fragments of Transitions = MBMHP+, проект што преку изложбена и истражувачка практика ја отвора темата за архитектурата во периодот на транзиција. Преку архитектонски дела, цртежи, фотографии и архивски материјали, проектот ги истражува фрагментите на една сложена трансформација – онаа на градот, архитектонската професија и општеството во кое тие се создаваат. Изложбата ја раскажува приказната за македонската архитектура во периодот на транзицијата – од 1990-тите до денес. Во фокусот се творештвото и интелектуалното наследство на проф. д-р Минас Бакалчев и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља, чии дела отвораат прашања за односот меѓу просторот, општеството и времето во кое живееме.

 

 

Изложбата KATALOGOS – Fragments of the Transitions = MBMHP+, беше отворена во Њујорк, на 14 октомври во 6 часот. Оваа изложба поттикнува размислување за архитектурата како огледало на општеството, како запис на едно време и како трага од промените што го обликуваат животот. Изложбата беше отворена преку обраќање на д-р Ива Петрунова и еден од авторите на проектот проф. д-р Минас Бакалчев. Авторот се осврна на долгогодишното творештво и клучните проекти кои се прикажани како колаж на изложбата.

 

 

Транзицијата овде не се третира само како историски период, туку како состојба на постојано преиспитување на односите меѓу просторот, идеологијата, културата и секојдневниот живот. Архитектурата станува начин да се разберат промените што не се секогаш видливи во физичката структура на градот, но се длабоко вградени во неговата меморија, во начинот на кој го користиме просторот и во претставите за тоа каков град сакаме да создадеме.

 

 

Насловот KATA LOGOS упатува на можноста архитектурата да се разбере како облик на мислење и толкување, како јазик преку кој се читаат и поврзуваат просторните, општествените и културните процеси. Префиксот на фрагментарноста, пак, ја нагласува невозможноста транзицијата да се сведе на една единствена приказна. Нејзиното разбирање бара собирање и поврзување на различни траги, искуства и перспективи.

Преку делото на проф. д-р Минас Бакалчев и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља и долга низа нивни соработници, проектот отвора простор за размислување за архитектурата не само како авторски производ, туку и како колективен процес на создавање знаење, размена на идеи и критичко преиспитување на реалноста. Во таа смисла, архивата не е само сведоштво за минатото, туку активен простор за негово ново читање и за поставување прашања важни за иднината.

 

Претставувањето во Њујорк ја позиционира македонската архитектонска мисла во поширок меѓународен контекст, отворајќи дијалог за специфичните искуства на постсоцијалистичката трансформација и нивното значење за современите градови. Наместо да понуди затворена интерпретација, KATA LOGOS повикува на критичко читање на архитектурата како процес што постојано се менува заедно со општеството, но и како поле во кое се артикулираат можните насоки на неговата иднина.

На отворањето на изложбата присуствуваше Драган Петковски, вршител на должноста генерален конзул на Северна Македонија во Њујорк. Галеријата MC, која е водена од скулпторот Горазд Поповски беше исполнета со посетители, уметници и архитекти, како и македонци кои живеат во Њујорк. Преку ова претставување во Њујорк, македонското архитектонско искуство влегува во меѓународен дијалог, потсетувајќи нè дека архитектурата не познава само граници на простор, туку и граници на време, сеќавање и општествена промена.

Оваа изложба беше отворена за сите заинтересирани посетители до 22 октомври, 2026 година.

 

 

Информации за проектот:

Автори и куратори: Проф. д-р Минас Бакалчев и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља

Соработници: Саша Тасиќ, Виолета Бакалчев, Марија Петрова, Александар Петановски, Гордан Петанов, Дарко Драгановски, Димитар Папастеревски, Ива Божиновска, Андон Стојков, Емилија Стојаноска, Давид Митревски, Кирил Николов, Антониела Николов, Бојан Трајковски, Константин Трпеноски, Теодора Илиевска, Марија Карапанчева, Билјана Дуковска, Антонио Симеоновски, Амир Ахмети и Андреј М. Петровски.

Носител на проектот: Ива Петрунова / Здружение за истражување на градот – ГРАДОТ УБАВ, Скопје

Поддржано од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, преку Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2026 година, во областа на меѓународната дејност.