Стоковна куќа / Струмица

Година:  крајот на 1970-тите – почетокот на 1980-тите години

Локација:  Плоштад „Гоце Делчев”

Стоковната куќа е поставена во строгиот центар на Струмица, на плоштадот „Гоце Делчев“, наспроти хотелот „Есперанто“ и станбениот објект на Воената пошта. Изградена кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите години, таа претставува значаен пример на регионалниот модернистички архитектонски јазик од овој период.

Во изградба

Архивските документи укажуваат дека нејзината изградба претставувала една од завршните фази во урбанистичкото оформување на централното градско подрачје. Позицијата на објектот отстапува од урбанистичкото решение на архитектот Радомир Лаловиќ, во кое стоковна куќа била предвидена во близина на објектите на СОК, Југопромет и Стопанска банка. Во струмичкиот архив се чува и неизведен проект за „Робна куќа“ на архитектот Ване Џибулов, планирана непосредно до СОК.

Објектот е развиен на кос терен, што овозможува пристап од две различни нивоа. Главниот влез е поставен на западната фасада, директно од плоштадот, додека од задната страна, на нивото на долната улица, е оформен дополнителен влез со посебна јавна функција.

Најпрепознатлив елемент на архитектурата е фасадната обработка, составена од префабрикувани модуларни метални панели и мермер „сивец“. Затворањето и контролирањето на светлосните отвори преку металната фасада ја нагласувало трговската намена на објектот и му давало јасен, монументален карактер.

Кубичниот волумен е визуелно поделен на два дела, следејќи ја висинската разлика на теренот. Посебен белег претставува четириводниот покрив со керамиди — регионален елемент поставен во контраст со модернистичкиот јазик на фасадата. Слични јавни објекти со модуларна метална обвивка биле градени низ Југославија во текот на 1970-тите и 1980-тите години, меѓу другото и во Сараево и Приштина.

Денес објектот само делумно ја задржува својата првобитна функција. Со интервенциите од почетокот на 2000тие години главната фасада е значително изменета и речиси целосно го има изгубено оригиналниот архитектонски израз. Страничните и задната фасада сè уште ја задржуваат првичната обработка, но се наоѓаат во лоша состојба. Во приземјето денес е сместен ресторан, додека катот е пренаменет во дискотека.

Непрепознавањето и несоодветното третирање на архитектурата од периодот на модернизмот остануваат една од најголемите закани за ваквите објекти. Архивските фотографии се значајно сведоштво за оригиналната форма и материјалност на Стоковната куќа во Струмица.

Историските фотографии се превземени од ФБ страната „Стара Струмица”