Идејно урбанистичко-архитектонско решение за спортско – рекреативна зона АРМ Битола / Студио Плато
09.07.2026 • XXI век
Автори: (Тамара Стефаноска и Урош Николоски)
Студио: Плато
Локација: Битола
Површина на опфат: 25.938 m²
Година: 2026
Предмет на разработка е просторот наменет за спортско-рекреативна зона во рамките на АРМ Четврт 2 – Блок 15 во Битола, лоциран во јужниот дел од градот на подрачјето на поранешната касарна „Стив Наумов“. Локацијата претставува дел од поширок процес на трансформација на поранешни воени површини во современи урбани содржини со јавен карактер.
Поради интензивната урбанизација на овој дел од градот и доминантната станбена намена во непосредното опкружување, се јавува потреба од формирање на квалитетна зелена инфраструктура која ќе обезбеди простор за спорт, рекреација, социјална интеракција и подобрување на микроклиматските услови. Анализата на постојната состојба покажува дека предметниот простор поседува исклучителен потенцијал за формирање на современ спортско-рекреативен парк кој ќе претставува нов јавен центар на населбата и значаен елемент во системот на зелената инфраструктура на градот.
Локацијата се карактеризира со издолжена форма и директен контакт со постојната и планирана улична мрежа од северната, јужната и источната страна. Нејзината просторна поставеност овозможува повеќекратни пристапи и висока достапност за жителите од околните станбени блокови.
Образложение на концептот на идејното решение – „Зелено патување“
Предложеното идејно решение произлегува од согледувањето дека современиот парк не претставува само уредена зелена површина, туку активна јавна инфраструктура која ги поврзува природата, рекреацијата, заедницата и урбаниот живот во единствен просторен систем. Анализата на локацијата покажа дека нејзината издолжена форма не треба да се третира како ограничување, туку како нејзина најголема просторна вредност. Токму затоа концептот е развиен под мотото „Зелено патување“, при што целиот парк е замислен како континуирано пејзажно искуство кое се открива низ движењето и постепеното истражување на просторот.
Просторната организација е заснована на идејата за секвенцијално доживување на паркот. Наместо корисникот да го согледа просторот како единствена целина, тој го открива низ низа различни амбиенти, функции и активности. Со движењето низ паркот се менуваат визурите, степенот на отвореност, густината на зеленилото и интензитетот на користење, создавајќи динамична и повеќеслојна просторна композиција. На овој начин паркот добива карактер на просторна нарација во која секој сегмент носи различно искуство, а истовремено останува дел од единствен и кохерентен систем.
Како дополнителна авторска инспирација во процесот на обликување на просторот послужи и творештвото на македонскиот сликар Вангел Наумовски. Неговите органски композиции, фантастични пејзажи и слоевити просторни светови беа инспирација за создавање простор кој се развива постепено и постојано нуди нови визуелни доживувања. Инспирацијата не е интерпретирана преку директно преземање на форми, туку преку нивните суштински принципи – флуидност, органско поврзување на елементите и континуирана просторна трансформација.
Основен носител на концептот е главната пешачка променада која се протега низ целиот парк и претставува негово примарно организациско јадро. Таа ги поврзува сите програмски содржини и овозможува јасна ориентација и непречено движење низ просторот. Долж неа се распоредени различни функционални и амбиентални целини кои се надоврзуваат една на друга преку постепени транзиции, без строги физички граници.
Во рамките на оваа композиција се издвојуваат три основни „соби“ на паркот: Соба на играта, Соба на заедницата и Соба на сенката.
Соба на играта го претставува најдинамичниот сегмент од паркот. Во неа се сместени терените за фудбал, кошарка и тенис, фитнес зоната на отворено, мини голфот и детските игралишта. Овој простор е наменет за спорт, рекреација, игра и активно користење на јавниот простор од страна на сите генерации.
Соба на заедницата претставува социјално јадро на паркот. Таа е простор за собирање, дружење, културни настани и секојдневни средби, создавајќи препознатлива точка на социјална интеракција и поврзување на локалната заедница.
Соба на сенката е обликувана како зона на мир, одмор и контакт со природата. Богатото зеленило, дрвенестата вегетација и просторите за престој создаваат пријатен амбиент кој овозможува повлекување од поинтензивните активности и непосредно доживување на природната средина.
Преку заемното надополнување на овие три просторни целини, паркот создава избалансиран систем на активности и амбиенти кој овозможува разновидно користење во текот на целиот ден. „Зеленото патување“ претставува современ пејзажен проект кој ги обединува спортот, рекреацијата, природата и заедницата во единствен просторен систем, надградувајќи ја градската зелена инфраструктура и создавајќи долгорочна вредност за Битола, нејзините жители и идните генерации.
Програма:
Предложеното решение се темели на принципите на одржлив урбан развој, со доминантно присуство на зеленило, пешачки површини и спортско-рекреативни содржини.
Во рамките на паркот се предвидуваат:
- 11.877 m² површини со живо зеленило;
- 4.800 m² пешачки патеки;
- 880 m² патека за трчање;
- спортски терени за фудбал, кошарка и тенис;
- мини голф;
- детски игралишта за различни возрасни категории;
- природен амфитеатар;
- водена површина и фонтана;
- парк за кучиња;
- едукативни и рекреативни содржини.
Ваквата програмска структура обезбедува разновидност на активности и создава услови за користење на просторот од страна на сите возрасни категории.
Природни карактеристики, топографија и зеленило:
Еден од најзначајните просторни потенцијали на локацијата претставува постојната конфигурација на теренот и изразената денивелација од приближно 15 метри помеѓу највисоката и најниската точка. Проектантскиот пристап целосно ја прифаќа оваа природна морфологија и ја користи како основен генератор на просторната композиција. Наместо агресивно нивелирање и трансформација на теренот, сите содржини се внимателно адаптирани кон природните падови и висински разлики, овозможувајќи минимални земјени интервенции и максимално зачувување на карактерот на местото.
Топографијата станува активен елемент во обликувањето на просторот. Различните коти создаваат природни премини помеѓу програмските содржини, постепено откривање на визурите и разновидни просторни искуства. Истовремено, природниот пад на теренот е интегриран во системот за управување со атмосферските води, овозможувајќи нивно пасивно насочување кон најниската точка на локацијата.
Особено значајна улога во формирањето на просторот има зеленилото, кое во рамките на проектот не е третирано како декоративен додаток, туку како основен архитектонски материјал. Просторот е организиран како урбана шума во која спортските, рекреативните и јавните содржини се вградени во зелената структура, наместо да бидат поставени во рамките на класичен отворен парк.
Структурата на дрвја е организирана низ три комплементарни слоја – структурни дрвја, прозрачна шумска вегетација и крошнести дрвја. Структурните дрвја ја формираат просторната рамка на паркот и воспоставуваат јасно дефинирана зелена граница кон околното урбано ткиво. Прозрачната шумска вегетација создава постепени транзиции помеѓу различните амбиенти и овозможува богата игра на светлина, сенка и сезонски промени. Крошнестите дрвја ја формираат главната сенковита мрежа на паркот и обезбедуваат микроклиматски комфор во зоните за престој, движење и рекреација
Преку внимателно избалансиран однос помеѓу топографијата, зеленилото, архитектурата, водата и јавниот простор, проектот создава современ спортско-рекреативен парк со јасен и препознатлив идентитет. Решението не се заснова на доминација на поединечни објекти, туку на создавање кохерентна просторна целина во која сите елементи функционираат како делови од единствен пејзажен систем, длабоко вкоренет во природните и културните карактеристики на Битола.
Автор на статија: Filip Koneski
второ место / рекреативна зона АРМ Битола / Студио Плато / Тамара Стефаноска / урбанистичко-архитектонско решение / Урош Николоски


















