Дигитално огледало на промените: што значат новите Google Street View фотографии?

 

Минатата недела Google Maps го дополни сервисот Street View со фотографии од Западен Балкан. Фотографиите биле направени во периодот помеѓу 2024 и 2026 година и покриваат предели кои претходно биле изоставени од Street View сервисот. Конкретно за Македонија ова подразбира вклучување на сите општини од државата. Некои градови како Кичево и Кочани се само делумно покриени, а некои кои воопшто не биле дел од сервисот како Штип, Струга и Тетово се сега дел од Street View. Достапноста на овие фотографии претставува голем напредок во дигитализацијата на државата и отвара можности за следење на урбанизацијата во градовите и еден вид документација на културните добра во државата. Дополнително, пристапноста на овие фотографии допринесува и за туризмот со тоа што туристите ќе можат полесно да си ги планираат нивните патувања. Покрај придобивките, достапноста на овој сервис создава и некои невидливи проблеми.

 

Моментална покриеност на сервисот Google Street View. За споредба со претходната покриеност кликнете на овој линк.

 

Една од клучните одлики на овој сервис е можноста за лесна визуелна компарација на урбаните средини. Првите Street View фотографии од Скопје датираат од 2014 и 2015 година и кога ќе се споредат со новите воочлива е драстична промена на одредени места во градот. Скопје и околината континуирано се урбанизира веќе два милениуми, студии за тоа како овој простор се менувал низ времето се ретки, а историски ресурси за неговата урбанизација не се достапни или скриени во пренатрупани архиви. Па така, достапноста на овој сервис може да биде почетна точка за вакви студии чиј фокус е систематско следење на промените во урбаната географија. Со ваква едноставна компарација, Street View фотографиите овозможуваат следење на урбаното доопремување и менувањето на изгледот на некои градби. Пример за ова е проектот Скопје 2014 кога врз фасадите на некои модернистички градби беше залепен нео-класичистички стиропор. Истиот принцип на компарација е корисен и за едноставно следење на помали интервенции врз архитектурата и октривање шаблони на урбаниот развој. Фотографиите од Street View исто така овозможуват следење на промени во урбаните средини во микро размери. Очигледно е дека во сегашноста градовите се менуваат брзо и во големи размери поради социо-економски политики како гентрификација и комерцијализација, но исто така тие се менуваат и во мали размери каде што инфраструктурата и урбаната опрема константно се заменува со нови технологии за да се зголеми одржливоста на градот.

Овие фотографии се корисни и во проценка на урбаното зеленило каде што добиените информации може да се користат во долгорочно планирање на урбаните средини и како истите да се регулираат. Во неколку примери од светот овие фотографии се користат за собирање на квантитаивни информации преку класификација на интензитетот на светлина во самите пиксели од фотографиите. Неколку студии покажуваат дека со овој процес може да се калкулира каде се наоѓа зеленилото во градот и колкава е неговата површина во урбаниот пејсаж. Дополнително, тие упатуваат на можноста да се мапира погледот на отворено небо во урбаните средини и да се одреди кои делови од градот се најмногу изложени на сонце преку годината. Една друга студија, развива метод за мерење на човечко присуство во рамки на една населба преку мапирање на локациите каде што камерата има фотографирано луѓе. Наспроти претходните две студии, оваа се фокусира на квалитативна методологија каде што преку мапирање на присуство на луѓе во одредена населба се евидентираат нивните рутини и културолошки навики.

 

 

Во рамки на културно наследство овие фотографии помагаат во документација и евиденција на културните споменици и архитектурата во случај на нивно оштетување. Во отсуство на специјализирана документација, овие фотографии можат да бидат корисни во проценка на состојбата на културните споменици и архитектурата, а понатаму и да се користат за проценка на вредноста на недвижното наследство во рамки на урбаните средини и тие информации да бидат интегрирани во внимателно планирање на урбаниот простор. Во некои примери од светот, физички лица сами допринеле со свои фотографии од места каде што не постои Google Street View покриеност со цел да се промовира туризмот и  да се води евиденција за културните споменици. Вакви примери се среќаваат во неколку азиски држави како Бутан и Мјанмар каде што локални компании доброволно фотографираат улици во неколку градови и важни туристички места, а откога тие фотографии станале дел од Google Street View, заинтересираноста на туристите значително се зголемила. Во еден пример од Фарските острови, каде што претходно не постои Google Street View покриеност, самите жители лобираат за Google Maps да го вклучи островот во Street View сервисот со тоа што почнуваат да ги користат нивните стада овци како носачи на панорамски камери. Овој експеримент успева и Google Maps во 2014 испраќа своја флота на автомобили за да го фотографира островот. Ваквите do-it-yourself (DIY) проекти се важни за автентичноста и разновидноста на фотографиите и за тоа како светот изгледа кога корпоративни компании не се тие кои ги пласираат информациите на интернетот.

 

 

По имплементацијата на Google Street View во 2007 година, сервисот постепено помага на корисниците да оформат своја перцепција за географијата на глобално ниво. Со текот на годините, сервисот станува огледало на националаниот развиток на државите, а фактот дали постои Google Street View покриеност во една држава или не го опишува статусот на развитокот во истата. Град како Њу Јорк добива нови фотографии во сервисот на една или две години, додека Скопје бил фотографиран само два пати, првиот пат во 2014/15 и втор пат во 2025/26. Просторно-временски разлики во пристапоноста до овие фотографии се забележани и помеѓу две макро социо-економски средини: Глобалниот Север и Глобалниот Југ. Покриеноста во Глобалниот Север е ажурирана почесто за разлика од Глобалниот Југ, и ова е уште еден показател за тоа каква перцепција за светот се сервира преку Google Street View. Понатаму, сервисот може да има и негативен ефект врз безбедноста и приватноста на граѓаните. Додека лицата на луѓето и регистарските таблички на колите се цензурирани, фотографиите прикажуваат приватни имоти без никаква цензура и го обележуваат движењето на луѓето иако нивните лица се цензурирани. Методот за мерење на човечко присуство кој беше спомнат погоре во текстот е солиден пример за негативните ефекти на Google Street View; мапирањето на присутноста и навиките на луѓето може да игра голема улога во корпоративната или владината контрола врз урбаниот простор. Дополнително, сервисот е лимитиран во рамки на обележувањето на објектите кои се гледаат на една фотографија. Многу картографски карактеристики кои се дел од Google Maps не се присутни и на фотографиите на Google Street View. На фотографиите од Скопје конзистентно се обележани имињата на улиците и верските објекти, но затоа карактеристиките на останатите објекти кои се гледаат се комплетно отсутни. Во рамки на картографијата се води децениска расправија околу тоа кој, што и како претставува на една географска карта, а со овие примери станува очигледно дека истите проблеми се преточиле и во рамки на Google Street View.

Оттука, парцијалната просторно-временска покриеност на делови од светот е редуктивистичка и пристрасна презентација на урбаните простори и оди директно против претставата на Google Street View како „симулација на градот од сегашноста“. Па така, важно е да се напомене дека иако оваа платформа носи бенефити во подобрување на туризмот, урбанизамот и економијата на една држава, истата игра голема улога во формирање на имагинацијата на луѓето за места во светот кои не им се директно познати.

 

 

Автор: Кристијан Тошески