Продукција на простор наспрема просторна продукција преку примерот на напуштената фабрика Треска во Скопје / Милев

Автор: Димитар Милев
Проект: Магистерска теза
Тема: Обрасци на раст
Наслов: Продукција на простор наспрема просторна продукција преку примерот на напуштената фабрика Треска во Скопје
Ментор: Проф. д-р. Слободан Велевски
Универзитет: „Св.Кирил и Методиј“- Скопје
Факултет: Архитектонски Факултет – Скопје
Година : 2024/25

 

ПОСТТРАНЗИЦИСКИ КОНТЕКСТ

Транзицискиот период од социјалистичко во либерално-капиталистичко општество, почнувајќи од 90-тите години на 20 век па наваму, означува суштинска промена во начинот на кој се планира и развива градот Скопје. Новите општествени, економски и политички околности драстично поразлични од дотогашните, овозможија воспоставување и развивање на планерски принципи кои што безумно и неплански ги користат просторните ресурси на градот со цел брзо и директно профитирање од истите. Резултатот од таквиот развој е интензивно искористување на урбаните празнини кои се од исклучителна градска важност.

Просторен раст на градот Скопје и факторите што го обликуваат [Графички прилози делумно превземени од – С. Велевски, М. Мано Велевска, О. Марина, зборник на трудови Projects for an Inclusive City, Skopje – New Patterns of Growth, Скопје 2015]

Таквата ситуација на драматично забрзана урбана експанзија покрај капиталот е диктирана и од мноштво други фактори како што се зголемената миграција, појавата на процеси како денационализација и приватизација, како и пренесување на одговорноста за урбаниот развој од институцијата на градот кон општините поединечно. Од друга страна пак, таквата експанзија создава одредени просторни небулози, како што е високиот процент на ненаселени станови, а истовремено негативно влијае врз квалитетот на животот на населението, придонесувајќи кон фактори како што се сообраќаен метеж, високо ниво на загаденост во воздухот или пренаселеност на одредени урбани фрагменти.

 

градот како ресурс [*Податоци според ГУП 2012-2022 **Податоци според Попис 2021 ***Податоци според Министерство за животна средина и просторно планирање]

Инвеститорскиот урбанизам функционира на начин на кој што ги гледа овие урбани фрагменти како острови, одвоени од каков било контекст и мерејќи ги само преку

метри квадратни развиена површина, а и очигледно е дека тој принцип во скоро време нема тенденција да се менува, бидејќи на повеќе локации кои што се [или биле] предмет на јавен интерес, се случуваат интензивни урбани трансформации кои што или воопшто не се бават со јавниот интерес или само периферно го тангираат. Така, станува јасно дека доколку за урбаните празнини не се предвидат начини кои што овозможуваат продуктивно искористување на неизградениот ресурс на градот, долгорочно ќе биде изгубена можноста за квалитетно градско живеење.

 

Хронологија на урбани празнини подложни на интензивно урбанизирање Аеродром-Центар-Карпош
Хронологија на потенцијални урбани празнини подложна на интензивно урбанизирање Холидеј Ин-Скопски Саем-Фабрика Треска

 

ФАБРИКА ТРЕСКА

Од овие причини, локацијата на фабриката Треска е одбрана како студија на случај преку која ќе се преиспитаат феномените на пост-транзицискиот просторен раст. Локацијата претставува еден вид на урбана празнина, односно напуштен фабрички комплекс, во станбената населба Буњаковец врз која што процесот на транзицијата остава особено видливи отпечатоци, кои што не влијаат само врз жителите на населбата, туку и врз целиот град.

Драстичната промена во урбаната матрица на населбата има директно влијание не само врз изградениот простор, туку и врз зеленилото, намалувајќи го за речиси десетпати во период од 1990 до 2020 година. Морфолошки пак гледано, Буњаковец претставува еден вид на просторен хибрид. Неговата структура се добива преку суперпонирање на регуларна урбана матрица карактеристична за европските градови, со ирегуларната, историски формирана, матрица типична за локалниот контекст. Последица на ваквото преклопување е насилен внес на урбанистички параметри кои не соодветствуваат на капацитетите на населбата. Како резултат на тоа, неконтролираниот раст на Буњаковец не се одвива само за сметка на зеленилото, туку и преку неможноста да се предвидат соодветни јавни, образовни и културни содржини, со што се намалува квалитетот на урбаното живеење.

 

Хронологија на губење на зеленилото на населба Буњаковец – 1990-2002-2020 [Графички прилози превземени од вебсајтот СКОПЈЕРАСТЕ (skopjeraste.mk)]

Од друга страна пак, доколку се споредат урбанистичките планови за локацијата Треска, може да се воочи дека на истата треба да се гледа како ресурс од индустријата чии што просторни потенцијали и капацитети можат и требаат да се искористат за соодветна пренамена. Планот од 1982 година предвидува станбена населба со соодветни јавни и сервисни содржини, меѓутоа, од план во план тие содржини постепено се девалвираат или целосно исчезнуваат, процес кој кулминира со актуелниот ДУП.

 

Детални урбанистички планови за локацијата 1982-1986-2002-2012-2016 [Графички прилози делумно превземени од програмската задача за изработка на конкурс за идејно решение за локалитет ф-ка Треска, Скопје,2021]

Меѓу другото, од актуелниот детален урбанистички план може да се забележи генеричко поставување на изградената структура во форма на блокови кои се модел-копија од околниот контекст, диктирани од приватното сопствеништво на парцелите, со висини добиени од читање на просечните висини од населбата Буњаковец и тоа во две варијации – 19.2 или 16.2 метри. Овој ДУП предвидува и густина од 697 жители на хектар, односно 4387 нови жители само во рамки на опфатот, а притоа не ги тангира нивните реални потреби преку планирање на адекватна пропратна програма како што е градинка или пак амбуланта, а ниту соодветно го планира јавниот простор, сведувајќи го на една генеричка зона на зеленило на фронтот кон булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Јавниот простор во рамки на блоковите е планиран како арбитрарен остаток од изградената структура, создавајќи меѓу другото и улична и пешачка мрежа која не овозможува порозно движење низ и во опфатот – што е од исклучителна важност за оваа локација поради својата специфична местоположба.

ДУП 3.11 Буњаковец [Графички прилози делумно превземени од програмската задача за изработка на конкурс за идејно решение за локалитет ф-ка Треска, Скопје,2021]

Инвеститорскиот урбанизам се бави само со максимизирање на профитот, со изградба но не планирање на конкретни зони на интерес на непосредната околина или пак градот, воспоставувајќи принцип на мултиплицирање на градежни зафати кои се занимаваат со прашањето што, колку и каде се гради, наместо што, колку и каде се планира.

 

ШТО СЕ ПЛАНИРА?

Преиспитувањето на просторните можности на локацијата се занимава со урбаната матрица преку прашањето – што се планира? За да се добие порелевантна слика околу тоа каква изградена структура треба да се појави на локацијата, се поставуваат 3 генерички концепти кои што имаат слична развиена површина меѓутоа морфолошки драстично се разликуваат меѓусебе – ситна структура [тепих], блоковска структура и кули. Анализирајќи ги позитивните и негативните карактеристики на концептите и споредувајќи ги меѓусебно, пресудно за да се одбере кој концепт понатаму би се разработувал беше односот меѓу двата екстреми на просторните потенцијали на локацијата – паркот односно слободниот јавен простор како општоприфатено посакувано решение од страна на генералната јавност, и спроведување на деталниот урбанистички план, односно максимизирање на профитот, како посакуваното решение на инвеститорскиот урбанизам.

 

Генерички варијанти Тепих-Блок-Кула

 

Најсоодветен одговор на тој однос го даде третиот концепт, кулата, чија што идеја овозможува висока густина на жители со низок процент на изграденост односно изградена површина во основа. Иако во својата појавност е порадикален во однос на останатите, во суштина е концепт кој е најсоодветен да ги контекстуализира овие конфликти на интереси во некаква реалност, овозможувајќи солидна почетна точка за понатамошна разработка.

 

KОЛКУ СЕ ПЛАНИРА?

Вториот аспект кој што се преиспитува се однесува на квантитетот, на односот меѓу неизградената и изградената површина, но и односот меѓу можното и посакуваното околу она што треба да биде планирано.

Ако се започне со анализирање на сопствеништвото, може да се забележи дека секој фрагмент врз кој што се планира изградена структура е со мешана сопственост. Таа мешана сопственост е проблематична од повеќе аспекти, пред се поради тоа што таквата поставеност на сопствеништвото им овозможува на приватните сопственици максимална искористеност на блоковите, што автоматски значи станбена површина како најбрз извор на директен капитал, при тоа третирајќи ја државната сопственост како негатив од изградената структура, со што драстично се запоставува јавниот интерес.

 

Поделба на сопствеништво во рамки на парцелата

 

Со цел просторниот модел да се контекстуализира во реални услови, нумеричките параметри се споредуваат со референтна морфологија од непосредниот контекст [Белите кули од спроти булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов].

 

Од генеричното кон специфичното

 

Поделба на сопствеништво според специфичен просторен модел

 

Обидите утврдената референтна типологија да се распореди според постојната структура на сопственост покажуваат дека таквата поделба не овозможува создавање на квалитетен неизграден простор ниту почитување на основните урбанистички правила и принципи. Оттука може да се заклучи дека за да се одговори правилно на прашањето колку се планира, мора да се земат предвид и даденостите на локацијата, нејзиниот поширок и потесен контекст, за да кога би се дефинирал квантитетот на потребните кули истиот да се распредели во некаков однос кон просторните дадености.

Морфолошки итерации на парцелизирана сопственост

 

Морфолошки итерации на непарцелизирана сопственост

 

Споредбата на двете плански подлоги кои што се однесуваат на локацијата – деталниот урбанистички план и генералниот урбанистички план, има за цел да

даде одредени планерски насоки околу актуелниот квантитативен пристап кон планирање на локацијата, додека највпечатливата морфологија од контекстот – односно црвените кули на Капиштец од спротива, служат како барометар во однос на кој би се споредиле добиените податоци.

Потребната изградена структура на деталниот урбанистички план веќе беше анализирана со заклучок дека е несоодветна за оваа типологија. Од друга страна пак, потребната изградена структура според генералниот урбанистички план во овој контекст е нерелевантна во однос на таа од деталниот, бидејќи дава многу ниски вредности кои се несоодветни за интересите на приватниот капитал.

 

Споредба ДУП-ГУП-Контекст

 

Ваквата поставеност на изградената структура бара поинаква логика на распределба. Па така, математичка средна вредност меѓу двата урбанистички планови, претставува нова почетна точка при квантифицирање, меѓутоа овој пат референтната вредност се однесува на неизградениот простор.

Со други зборови, утврдувањето на изградената површина се врши преку неизградената површина, а не обратно како досегашната пракса.

Како основен параметар е усвоена вредност од 25 m² јавен простор по жител, како референца на нормативот од 25 m² зеленило по жител дефиниран во генералните урбанистички планови по 1965 година. Во овој случај параметарот се однесува на збирната површина на зеленило и јавен простор, со цел неизграденото да се третира како примарен ресурс на локацијата, а не како остаток од изградената структура. Како резултат на ваквата методологија, бројот на жители се намалува од 4387 на 2015, додека неизградената површина станува примарен параметар за дефинирање на конечната просторна структура.

За да се задржи типологијата на кула, се вршат одредени оптимизации на просторниот модел, при што дел од кулите се надоврзуваат на висинската логика на црвените кули во Капиштец. Со тоа се утврдува конечниот број на кули, како и распределбата на развиената површина, односно финалната изградена структура. Дополнителен слој на изградената структура претставуваат плинтите, кои се покажуваат како најсоодветен модел за активирање на приземјата и интеграција на специфична јавна, приватна и полујавна програма. Нивната поставеност во исто време овозможува решавање и на стационарниот сообраќај, при што подземните нивоа служат за паркирање на возилата. На тој начин, изградената структура функционира и како механизам преку кој максимално се ослободува неизградениот простор.

 

Дефинирање на конечен кванитет

 

КАДЕ СЕ ПЛАНИРА?

 

Откако се утврдени типологијата и квантитетот на изградената структура, последното прашање се однесува на нејзината диспозиција. За таа цел се дефинира идеалната парцела на генеричната кула, на принципот на GAR [Green Area Ratio] метриката за одржливост, којa што диктира колкав процент од одредена парцела треба да биде зафатена со зелена површина. Како референца е земен Берлинскиот норматив за GAR при што за станбени објекти коефициентот треба да изнесува 0.6, односно 60% од површината треба да биде некаков вид на зеленило. Тоа остава околу 30% од површината да биде наменета за изградената структура, а 10% за додатна изградена структура или инфраструктура. Важно е да се напомене дека овие GAR коефициенти се менуваат во зависност од разни фактори, но бидејќи се работи за планирање на опфат без конкретни микролокациски ограничувања, коефициентот се пресметува во идеален случај.

 

Генерирање на идеална парцела за дефинираната типологија

 

При преклопување на добиените идеални парцели со постоечките фрагменти на сопственост на локацијата, станува јасно дека проблемот лежи во самата логика според која просторот е поделен. Фрагментите на сопственост се покажуваат како несоодветна основа за генерирање на матрица која треба истовремено да обезбеди доволна густина, искористлив јавен простор, планирано зеленило и функционална инфраструктура. Конечно, сопственоста престанува да фигурира како фактор во просторната диспозиција и станува параметар кој истата треба да го надмине.

 

Преклопување на идеална парцела со сопствеништво

 

Оттаму, се генерира финален просторен модел кој не произлегува од постоечките фрагменти на сопственост, туку од заклучоците донесени во претходните фази на истражувањето. Низ повеќе обиди на просторни итерации е избрана диспозиција која најсоодветно одговара на контекстот, овозможувајќи интеграција на потребната програма и ослободувајќи доволно неизграден простор кој сега веќе претставува основен ресурс на локацијата. Притоа, на ниво на плинти се воспоставуваат јасни визуелни и просторни релации, додека станбените кули се поставени така што обезбедуваат високо ниво на приватност и осончување. Добиениот модел не е резултат на формална одлука, туку обид да се контекстуализираат конфликтите помеѓу јавниот интерес, приватниот капитал и просторните потенцијали на локацијата во конкретна структура. Токму поради тоа, фокусот на проектот не лежи во самите објекти, туку во продуктивниот потенцијал на просторот меѓу нив.

 

 

Варијанти на урбана диспозиција
Финална просторна диспозиција

 

ДЕВЕТ КУЛИ и ТРИ АСПЕКТИ НА ПРОДУКЦИЈА

Нареден слој на утврдената просторна матрица е програмата, која се надополнува на повеќе начини. Tри аспекти на продукција – социјална продукција, продукција на капитал и продукција на градски пејсаж, се предвидува да се развиваат долгорочно на начин на кој што жителите на кулите би биле одговорни за степенот на развој на нуспродуктите на тие програми, а со тоа и активни учесници во рамки на новосоздадената заедница. Во таа смисла, социјалната продукција се однесува на можноста просторот да генерира нови социо-просторни релации, продукцијата на градски пејсаж на неговиот капацитет да создава зелени и продуктивни системи, додека продукцијата на капитал не произлегува исклучиво од изградената структура, туку од вредноста што претходните два аспекти ја создаваат во контекстот. Диспозицијата овозможува сите [девет] кули да се однесуваат како своевидни програмски острови кои што се надоврзуваат на зелени или поплочени површини, генерирајќи специфичен програмски карактер и во приземје и во својата непосредна неизградена околина во зависност од тоа каде се наоѓаат.

Можни програмски единици во контекст на трите аспекти на продукција

 

Дополнителен слој на ниво на објект, што генерира капитал кој што циркулира и има за цел да и служи на заедницата се рекламните паноа односно билбордите поставени на кровот на секоја зграда. Билбордите, заедно со утилитарните елементи како што се сончевите колектори и резервоарите за вода ја комплетираат сервисната програма во рамки на објектите, создавајќи јасна комуникација по вертикала.

Шематски приказ на чекорите кои што ја генерираат програмската матрица

 

Заклучоците од досега спроведената анализа даваат соодветна подлога за разработка на урбанистичкиот план како и разработка на фрагменти од проектот во соодветен размер. Според овие параметри се предвидуваат 2015 жители [50% помалку од ДУП, но 50% повеќе од ГУП], со бруто густина на жители од 322 жители на хектар поделени во 3 блока, од кои што еден од блоковите во себе содржи градинка која е нужна како инфраструктура на толкав број на нови жители. Урбанистичкиот план не е предвиден како класичен ДУП, туку како УП – урбанистички план, кој што овозможува поделба на јасни блокови. При што секој блок треба рамномерно и одеднаш да почне со изградба, што овозможува фазно градење на локацијата.

Урбанистички План

 

Фазното градење пак дозволува стратешки развој на опфатот кој што не би се бавел веднаш со изградената структура, туку би се развивал во правец да создаде соодветна инфраструктура за развој на зелените и јавните површини. Дури кога зелената инфраструктура ќе биде доволно развиена да функционира како што е замислена, може да се започне со фазна изградба на објектите, при што предност се дава на блокот кој ја содржи градинката, штитејќи го јавниот интерес на населбата.

 

Приказ на чекорите за фазно градење на опфатот

 

Архитектонско-урбанистички вака поставената структура дефинира јасен фронт на двете доминантни улици кој што е специфичен во однос на својот контекст и создава еден вид на урбанистички маркер за градот. Воедно овозможува и слободно протекување на програмата од едниот до другиот крај на опфатот во партер, плинта и кула, а изградената структура овозможува повеќе итерации на станови за живеење, водени според бројот на корисници и нивните потреби.

 

 

ПРОДУКЦИЈА НА ПРОСТОР НАСПРЕМА ПРОСТОРНА ПРОДУКЦИЈА

Согледувањето на развојот на Скопје и на локацијата Треска покажува дека пост-социјалистичката транзиција функционира како катализатор на неконтролиран урбан раст, чии просторни импликации се одразуваат врз квалитетот на градот и неговите јавни простори. Од таа позиција, доколку од урбаните празнини се дестилираат потенцијалите кои ваков специфичен контекст може да ги понуди, возможно е урбаниот раст да се контролира без да има крајно незадоволни страни.

Потребата за градење и развој на еден град сама по себе не е ниту негативна ниту позитивна. Прашањето не е дали треба да се гради, туку од која позиција се дефинираат приоритетите на просторниот развој. Потребно е постојано да се лоцираат потребите, можностите и капацитетите на секој конкретен контекст, за потоа одново да се постават прашањата ШТО се гради, КОЛКУ се гради и КАДЕ се гради, притоа секогаш давајќи одговор во зависност од изградениот, програмскиот, социолошкиот, економскиот и политичкиот контекст на современоста во која што се поставуваат тие прашања.