Зошто архитектите треба да го посетат Milano Design Week?! / 64то издание на Milano Design Week, 21-26 април 2026 година

Автор на текст: м-р. инж. арх. Зорица Ставрова

 

Архитектите неретко во својата професија се залагаат да го дизајнираат просторот што го проектираат. Впрочем проектот е целосен кога се размислува за сите детали, од идеја до реализација. Речиси сите реализирани архитекти, во даден момент од своето творештво, се фокусираат на дизајнирање на ентериер или парче мебел кое е комплементарно на архитектурата. Во таа смисла, архитектурата и внатрешниот дизајн се во вечна корелација во која не секогаш се предвидува што доаѓа прво…

 

 

„Essere Progetto“ или во конкретен превод „да се биде проект“ — овогодинешната тема на Milano Design Week 2026, го поставува човекот како активен субјект, наместо како пасивен набљудувач. Самиот израз подразбира прифаќање на несовршеноста т.е. процесот на обиди и грешки се третира како природен и неопходен дел од развојот, а не како неуспех. Од 21 до 26 април оваа година, градот Милано станува средиште на најдобриот дизајн во светот. Сите љубители на дизајнот што го посетуваат настанот со години се добро запознаени со енергијата што владее на саемот, а на сите оние што не присуствувале, топла препорака да го искусат.

 

 

Терминот Milano Design Week подразбира два настана со спротивна логика што делат иста недела. Поконкретно — Salone del Mobile и Fuorisalone. Дизајнот се поставува во три различни просторни состојби — во хала проектирана токму за оваа намена, во затекнат ентериер или во објект што инаку е затворен преку годината.

 

Salone del Mobile се одржува во Rho — целосно неутралниот саемски комплекс што се наоѓа надвор од градот. Павилјоните се празни хали без сопствен карактер, а сè што ќе се види во текот на неделата се создава во деновите пред отворањето. За кратко време се гради цел „град“ — со улици, прагови, висини, фасади и светла — и за уште пократко време тој „град“ се разградува и исчезнува. Токму таа привременост е она што настанот го прави архитектонски. Секој штанд е градба со свој под положен врз подот на халата, со своја висина и со свој детаљ на спој. Материјалите ретко се кријат — напротив, дрвото, металните профили и сите нови технологии на изложување што се користат се претставени пред очите на посетителите. Единствениот факт што навистина може да пресуди дали вреди и треба да се посети настанот е концептот на биенални изданија што ротираат. Во парните години се одржуваат EuroCucina со FTK – Technology For the Kitchen и Меѓународниот саем за бања, а во непарните години — Euroluce, биеналето за светло. Одговорот е во самиот посетител и неговата наклонетост кон конкретен дизајн од интерес.

 

 

 

Во истите тие денови, во центарот на градот, важи спротивното правило. Fuorisalone не гради простор — го наоѓа. Нема единствен организатор; програмата е распределена по шоуруми, дворови и палати, а порти што преку годината стојат затворени се отвораат на неколку дена. Дворови покрај кои се минува со години стануваат проодни, а приземја што инаку се без намена добиваат светло и центар на внимание. Влезот таму речиси никогаш не е директен. Се минува низ порти, ходници, тремови, зеленило и дури потоа се пристапува во зоната каде што почнува изложбата. Тој редослед создава поинакво искуство од она во халите во Rho. Искуството секогаш е автентично и во духот на местото.

Обемот на дизајн што се изложува во Милано е таков што настанот е речиси невозможно да се посети целосно. За искуството на Milano Design Week да биде квалитетно, постојат два пристапа. Едниот е посета без конкретен план, каде што градот со својот флукс од случувања го носи посетителот на непланирани места, а впечатоците доаѓаат потоа. Другиот е пристап каде што посетителот конкретно ја креира својата агенда на движење, со специфични локации што сака да ги посети, било тоа во контекст на конкретен дизајнер, дизајн, локација, бизнис зделка, соработка и слично, при што овие посети најчесто се закажуваат однапред. Повторно одговорот се наоѓа кај посетителот што има целосна слобода да биде креатор на својата агенда.

 

 

 

„Зошто архитектите треба да го посетат Milano Design Week?!“ — одговорот е едноставен. Еден град, безброј избори на случувања, најдобрите од најдобрите дизајни и дизајнери достапни на јавноста, акцент на деталите, беспрекорна организација и многу „вкус“ во етерот. Луѓе од ист или сличен интерес собрани на едно место, а сепак различни, автентични. Она што му останува на посетителот е да биде добар критичар и да создаде свое мислење за трендот или безвременоста претставена во дизајнот. Во крајна линија, да се зборува за конкретно „парче“ дизајн или изложбен простор што оставил некаков впечаток е тема сама по себе. Тоа е нешто што треба да се види и почувствува.

Како заклучок на овој краток опис на Milano Design Week, на сите активни чинители во праксата, како и на сите оние што се во позиција да планираат сопствен дом, работен простор или покомплексна програма, им препорачувам да го посетат овој настан. Лошото расположение, лошите навики и генерално чувството на безредие започнуваат токму во просторот во кој минуваме најдолго време. За тој простор треба да вложиме најмногу време во планирањето. Тој не треба да биде само уште еден дизајн направен по матрица!