Архитектурата како сценографија – БУРУ и новиот музички бран во Скопје

Во денешната објава ви преставуваме интервју со БУРУ – нов млад македонски колектив кој е одговорен за веќе иконични забави во Скопје и странство. Со активност помалку од една година, тие успеаа да трансформираат повеќе архитектонски објекти во успешна сценографија. Тимот на МАРХ имаше шанса да дознае каков е нивниот креативен процес, како колективот одбира локации и кои се нивните идни планови.

 

МАРХ: Вашите настани речиси секогаш се врзани за архитектонски значајни објекти во Скопје. Што барате во еден простор за да препознаете дека тој може да стане „БУРУ“ локација?

БУРУ: При изборот на локација, покрај нејзиното архитектонско значење, важно ни е просторот да поседува сопствен карактер и идентитет. Во моментот кога ќе ја почувствуваме неговата специфична енергија, знаеме дека постои потенцијал да стане БУРУ локација.

Особено нè интересира што тој простор значи за градот и на кој начин е присутен во колективната перцепција на неговите жители. Скопје има голем број објекти покрај кои секојдневно поминуваме, а ретко навистина ги забележуваме. Токму можноста на такво место да му дадеме нов повод да биде видено и доживеано нè привлекува најмногу.

 

photo: Ervin Kovac

 

МАРХ: Како изгледа вашиот location scouting? Дали прво ја наоѓате архитектурата, а потоа го градите концептот на настанот околу неа, или најпрво постои идеја за атмосферата што сакате да ја создадете?

БУРУ:  Location scouting за нас е повеќе интуитивен процес отколку следење на однапред дефинирана листа на критериуми. Не постои универзална формула.

Понекогаш самиот простор ја диктира идејата, а понекогаш постоечката идеја нè води кон одредена локација. Најинтересно е кога тие две работи природно ќе се совпаднат.

Секогаш имаме одредена претстава за искуството што сакаме да го создадеме, но конкретната архитектура многу често го менува начинот на кој ќе стигнеме до него. Не нè интересира готов концепт што едноставно се пренесува од една локација на друга. Секој простор треба да произведе различен одговор.

 

photo: Ervin Kovac

 

МАРХ: Националниот театар, Музејот на град Скопје, МОБ и Музејот на современата уметност имаат многу различен архитектонски карактер. Како архитектурата на секоја локација влијае врз музиката, сценографијата, светлото и движењето на публиката?

БУРУ: Кон секоја локација пристапуваме различно, затоа што секој простор носи сопствени квалитети, но и сопствени ограничувања.

Архитектурата директно влијае врз начинот на кој се поставуваат музиката, сценографијата и светлото, но и врз тоа како публиката влегува, се движи и го перципира настанот. Не се обидуваме просторот да го приспособиме на однапред утврдена матрица. Напротив, архитектурата го има последниот збор, а останатите елементи се развиваат во однос на неа.

 

МАРХ: Кога влегувате во еден веќе силно дефиниран архитектонски простор, колку се обидувате да го трансформирате, а колку да го оставите самиот простор да биде сценографија?

БУРУ: БУРУ не влегува во просторот со намера да го промени, туку да му даде причина да биде виден поинаку.

Нашата цел не е сценографијата да ја надвладее архитектурата, туку да ги нагласи нејзините постојни квалитети. Во таа смисла, просторот често е најсилниот сценографски елемент.

Интервенцијата треба само да ја активира неговата атмосфера и да открие нешто што можеби претходно останувало незабележано.

 

photo: Ervin Kovac

 

МАРХ: Како изгледа процесот на создавање на сценографијата — од првата посета на локацијата до вечерта на настанот? Кој е вклучен во процесот и кои одлуки ги носите први?

БУРУ: Првата посета на локацијата обично е и најважната. Во тој момент нема сцена, светло или публика — постојат само просторот и неговиот потенцијал.

Наместо веднаш да размислуваме за сценографијата, најпрво го мапираме искуството: од каде се влегува, што посетителот најпрво гледа и слуша, по која траекторија се движи и каде природно се задржува.

Дури потоа околу тоа се развиваат останатите елементи. Врз основа на просторните мерки, техничките услови и заедничките идеи, менаџерскиот и продукцискиот тим на БУРУ го разработуваат финалниот концепт и сценографското решение.

 

 

МАРХ: Која е, според вас, тајната на добра сценографија за ваков тип на настан? Што прави една интервенција да изгледа како природен дел од просторот, наместо само како декорација поставена во него?

БУРУ: Добрата сценографија не мора веднаш да биде забележлива како посебен слој. Поважно е посетителот да почувствува дека просторот е поинаков, дури и кога не може точно да идентификува зошто.

Најуспешната интервенција, за нас, е онаа што му открива ново лице на просторот, без да му го одземе неговиот идентитет.

Не додаваме елементи само затоа што некоја површина изгледа празно. Секој елемент треба да има јасна причина — да го промени начинот на кој просторот се чита, гледа или доживува.

 

photo: Benny Gasi

 

МАРХ: Вашите настани имаат визуелен и просторен пристап што почесто го гледаме на фестивали и клубски настани во други европски градови. Од каде го изградивте тој начин на размислување — преку патувања, клубска култура, архитектура, интернет, конкретни колективи или сопствено експериментирање?

БУРУ: Концептот БУРУ е составен од голем број различни референци — градови, музика, архитектура, клубска култура, луѓе и различни искуства.

Никогаш не сме имале еден конкретен модел што сме сакале да го преземеме или реплицираме. Напротив, целта отсекогаш била да создадеме нешто што органски би можело да постои во Скопје.

Можеш да доживееш нешто во Берлин, Ибица или во друг град, но вистинскиот предизвик е да разбереш што точно го создава тоа чувство и потоа да пронајдеш начин тоа да функционира во локален контекст, на сопствен начин.

 

 

МАРХ: Дали преку забавата сакате публиката повторно да ги открие овие објекти? Мислите ли дека ноќниот настан може да создаде поинаков однос меѓу младите луѓе и архитектонското наследство на Скопје?

БУРУ: Апсолутно. Можеби еден од најинтересните аспекти на БУРУ е тоа што луѓето доаѓаат поради музиката, а си заминуваат со ново сеќавање за просторот.

Објекти за кои дел од младата публика можеби сметала дека веќе целосно ги познава или дека имаат строго дефинирана функција, одеднаш добиваат поинаква улога и предизвикуваат сосема нови чувства.

Таквиот настан не ја заменува нивната културна или институционална функција, но може да создаде нов степен на блискост и љубопитност. Просторот престанува да биде само позадина и станува дел од личното искуство на посетителот.

 

 

МАРХ: Колку е тешко ваков концепт да се реализира во Скопје? Со какви ограничувања најчесто се соочувате кога работите со јавни, културни или архитектонски чувствителни објекти?

БУРУ: Самата одлука да се работи во простор кој примарно не е наменет за ноќни настани носи значително поголема одговорност.

Пристапот, електричната инфраструктура, озвучувањето, безбедноста, работното време, движењето на посетителите и заштитата на самиот објект мора да се разгледуваат како посебни аспекти на продукцијата.

Не е доволно само да се обезбеди дозвола и да се постави опрема. Потребно е да постои доверба дека кон локацијата ќе се постапува одговорно.

Најголемиот предизвик е да се задржи она што првично нè привлекло кај идејата и просторот, а истовремено да се создаде настан што технички, организациски и безбедносно може да функционира без компромис.

 

 

МАРХ: После сите досегашни локации, кој простор во Скопје сè уште ви е на листата — место за кое сте помислиле: „Овде мора да направиме БУРУ“?

БУРУ: Кино Култура.

За нас, тоа е еден од оние објекти што градот не би требало да ги заборави. Нè привлекува идејата повторно да стане место на собирање, место во кое повторно нешто се случува.

Би сакале преку БУРУ да ѝ дадеме причина на една нова публика да го открие просторот, а на оние што го паметат — можност повторно да се вратат во него.

Засега тоа останува желба, но дефинитивно е една од локациите за кои сме помислиле: „Тука треба да се одржи следното БУРУ.“

 

Македонската споменична архитектура во улога на сценографија