Архитектурата и урбаниот простор во филмот „Мирно лето“ (1961)

 

 

„Мирно лето (1961)“ е еден од класиците на македонската кинематографија. Значаен е по тоа што е прв македонски филм снимен од домашен, македонски режисер. Револуционерноста на Димитрие Османли се состои и во создавањето на првата македонска комедија и на првиот филм снимен на современа тема. Дотогаш играните филмови биле претежно на теми од војната или по војната, како и на теми од македонското револуционерно минато. Сценариото го напишала тогаш прочуената сценаристка од Белград, Фрида Филиповиќ, а режисерот Османли работел заедно со неа и со драмскиот писател Коле Чашуле на адаптацијата на сценариото.

„Мирно лето“ е парадоксална приказна во која централни улоги имаат Мира и Заре, брачен пар кој сака да го помине летото во Охрид за да се одмори од гужвите што ги доживува во Скопје, но и таму не наоѓа мир. Приказната е совршено напишана и реализирана комедија на карактери, пред сè комедија на ситуации, менталитети и фамилијарни динамики. Покрај умешноста на снимателот Љубе Петковски да ги долови сите впечатливи кадри, голема улога има и сценографот Диме Шумка, кој успеал да ги оживее сцените на Охридското Езеро, со мрежи и чунови карактеристични за Охрид. Во списанието „Кинопис“ се споменува дека поради лошите временски услови во Охрид во есенскиот период, кога филмот почнал да се снима, летните сцени биле невозможни за снимање. Затоа Шумка го рекреирал амбиентот на Охридското Езеро во просторот на некогашниот Скопски саем, кој денес повеќе не постои. И покрај технолошките ограничувања на филмската продукција во 60-тите години, филмската екипа успеала да ги надмине ограничувањата на реалните локации. Маестралноста на Диме Шумка е во тоа што не е возможно да се забележи кои сцени се снимени во затворен простор.

Покрај својата кинематографска вредност, „Мирно лето“ претставува и визуелен документ за архитектурата и урбаниот живот од тој период. Филмските кадри овозможуваат да се согледаат објекти, улици, дворови и амбиенти кои со текот на времето се променеле или целосно исчезнале. Со споредување на избраните сцени со денешната состојба на локациите се отвора можност филмот да се чита и како сведоштво за архитектонските и урбанистичките трансформации: за она што е зачувано, за она што е променето и за она што постои единствено во филмската слика. Приказната во филмот се развива во два града: во Скопје и во Охрид.

 

СКОПЈЕ

Филмот започнува кога главниот лик Заре излегува од скопската железничка станица, која била тешко оштетена во скопскиот земјотрес во 1963 година. Во кадарот се гледа североисточната фасада на станицата со карактеристичната камена обработка и надстрешницата на еден од влезовите, над која стои името Скопје. Денес овој објект го знаеме како Музеј на град Скопје, кој стои како потсетник за најголемата трагедија што ја преживеал градот. Благодарение на архивата на МАРХ, можеме да се потсетиме на целосниот изглед на станицата, чиј дел го гледаме на самиот почеток на филмот.

 

Влезот на старата железничка станица во Скопје

 

Музеј на град Скопје / 2014 

 

Стара железничка станица-Скопје / Велимир Гавриловиќ 1931-40 – МАРХ

 

Откако главниот лик ќе се качи во такси, пред нас се отвора можност да ја проследиме урбаната трансформација на централното градско подрачје. Патувањето започнува од железничката станица, продолжува по улицата „Македонија“, која денес е пешачка зона, минува низ делот од центарот познат како „Рекорд“ и продолжува кон булеварот „Илинден“, каде што завршува кај палатата Рубен. Трасата може да се реконструира врз основа на објектите што се појавуваат во кадарот и се зачувани до денес, меѓу кои се хотелот „Бристол“ и станбената зграда на архитектот Лудјек Кубеш, препознатлива по заоблените балкони, во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“.

За разлика од фотографиите, кои го документираат градот во еден замрзнат момент, подвижните кадри го откриваат неговиот просторен континуитет – улиците, односите меѓу објектите и начинот на кој се одвива секојдневниот градски живот. Токму затоа, оваа сцена претставува вреден визуелен документ за изгледот на Скопје пред земјотресот во 1963 година, овозможувајќи денешната состојба да се спореди со еден дел од градот што во голема мера е изменет.

 

Мапа на движењето на возилото од старата железничка станица до палатата Рубен 

 

 

Хотел Бристол денес од архивата на МАРХ 

 

Хотел “Бристол” / 1923 – МАРХ

Архитект Лудјек Кубеш (1913 – 1996) – МАРХ

 

Крајната дестинација на патувањето со автомобилот е палатата Рубен Емил, дело на архитектот Иван Артемушкин и препознатлив пример на дебармаалската еклектика, во која живеат главните ликови од филмот. Сцените снимени пред и во самиот објект откриваат значајни аспекти на некогашниот градски живот, но истовремено овозможуваат да се проследат и промените во урбаниот простор.

Најнапред, вниманието го привлекува изгледот на улицата, поплочена со калдрма, која денес повеќе не постои на булеварот „Илинден“. Уличниот профил значително се разликува од денешниот, како според вкупната ширина, така и според распределбата на просторот наменет за различните учесници во сообраќајот. Во филмските кадри се забележува дека тротоарите за пешачко движење зафаќаат значителен дел од уличниот профил, со ширина приближна на онаа на коловозот, по кој сообраќајот се одвива во две ленти. Покрај тротоарите се забележува и дрворед, кој придонесувал за обликувањето на уличниот амбиент, но кој денес веќе не е зачуван на оваа локација.

Преку овие кадри, филмот ни овозможува да го согледаме булеварот „Илинден“ не само како сообраќајна површина, туку и како поинаку организиран градски простор, во кој односот меѓу пешачкото движење, автомобилскиот сообраќај и зеленилото бил различен од денешниот.

 

 

Во кадарот со палатата се открива поинаква слика од онаа што ја познаваме денес. На терасите се забележуваат луѓе кои пружаат алишта, додека други влегуваат и излегуваат од влезот на објектот и од неговиот двор. Овие секојдневни активности внесуваат живот во архитектурата и откриваат дел од станбената култура на Скопје во периодот пред земјотресот во 1963 година.

Во филмот, преку дијалогот, дознаваме дека во големите скопски палати живееле повеќе семејства и подстанари, кои понекогаш делеле заедничка бања. Сепак, за конкретниот објект не располагаме со податоци што би потврдиле дали станбените услови биле исти. Во следните сцени камерата се приближува до влезот, прикажувајќи ги низата поштенски сандачиња и скалишното јадро – просторите што го поврзуваат секојдневниот живот на станарите.

Токму преку овие неколку сцени се доловува чувството на гужва и недостиг на приватност со кое се соочува парот во својот мал апартман, каде што бањата ја дели со другите станари. Оваа атмосфера помага да се разбере и нивната желба летото да го поминат сами, во голема куќа во Охрид, покрај езерото. Така, филмот не го прикажува станбениот простор само како архитектонска форма, туку и како рамка на секојдневниот живот, со неговите ограничувања, навики и потреба од приватност.

 

 

Ентериерот во палатата Рубен 

 

Булевар Илинден и палатата Рубен Емил денес 

 

ОХРИД

 

Главното дејство на филмот се одвива во куќа во која престојуваат главните ликови, прикажана како музејска зграда. Објектот се наоѓа непосредно покрај Охридското Езеро, во Сараиште, старото крајбрежно маало на Охрид. Куќата е пример на традиционалната охридска архитектура, со бело варосани фасади и темни дрвени елементи кои го нагласуваат нејзиниот карактеристичен изглед.

Покрај сцените снимени во внатрешноста, особено впечатливи се кадрите од дворот, кој непосредно се отвора кон плажата со ситни камчиња на брегот на езерото. Во нив се забележуваат и рибарски мрежи, детаљ што ја надополнува сликата за Сараиште како крајбрежно маало тесно поврзано со риболовот и секојдневниот живот покрај езерото. Овие елементи имаат и документарна вредност, бидејќи сведочат за амбиентот на Охрид во почетокот на 1960-тите, во кој традиционалните активности биле непосредно присутни во просторот на крајбрежјето.

Во споредба со филмските кадри, денешниот изглед на Сараиште открива значителни промени во користењето и обликувањето на крајбрежниот простор. Јавните површини за пристап до езерото и плажите се намалени, додека дел од просторот е зафатен од угостителски објекти и нивните тераси. Со тоа се менува и односот меѓу традиционалните куќи, отворениот јавен простор и езерскиот брег. Иако риболовот на Охридското Езеро и денес е регулирана активност, дозволена под определени услови, употребата на одредени рибарски мрежи е забранета. Така, сцените од „Мирно лето“ овозможуваат да се споредат не само архитектурата и изгледот на крајбрежјето, туку и промените во начинот на кој овој простор се користи и доживува.

 

Кадар од куќата каде се одвива главното дејствие 

 

Кадар од обалата со рибарските мрежи 

 

Покрај куќата во Сараиште и охридските сокаци, во филмот се појавуваат и неколку препознатливи објекти и јавни простори кои постојат и денес. Меѓу нив се кејот на Охридското Езеро, Чинарот, Самоиловата тврдина, црквата „Св. Јован Канео“, црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Овие локации овозможуваат непосредна споредба меѓу Охрид прикажан во филмот и неговиот денешен изглед. Дел од нив биле предмет на конзерваторски и реставраторски интервенции насочени кон зачувување на културното наследство, што отвора можност да се проследат не само промените во нивната физичка состојба, туку и трансформациите на поширокиот градски амбиент.

 

Кејот на Охридското езеро

 


Охридскиот Чинар

 


Охридскиот Чинар – денес

 

Кадри од Самоиловата тврдина пред нејзино реконструирање 

 

Охридска тврдина – МАРХ

 

 

Црквата св. Јован Канео – Кадри од филмот и денешната состојба

 

Сцени пред црквата св. Богородица Перивлепта 

Од архивата на МАРХ 

 

 Црква Св. Богородица Перивлепта / Охрид, XIII век – МАРХ

 

Голем дел од сцените во Охрид се снимени во хотелот „Палас“, сместен во центарот на градот, кој денес е видливо погоден од долгогодишното запоставување и пропаѓање. Филмските кадри ни откриваат поинаква слика за хотелот, кој во тој период претставувал значаен простор за престој, дружење и ноќен живот. Сцените со забавите ја доловуваат неговата општествена улога, додека појавувањето на различните содржини, меѓу кои и берберницата, сведочи за разновидноста на услугите што им биле достапни на гостите.

Особено значајни се кадрите во кои се забележува ентериерот на хотелот – хотелските соби, лобито и уредувањето на дворот. Преку нив се откриваат карактеристиките на ентериерното обликување од 60-тите, како и начинот на кој биле организирани и поврзани внатрешните и надворешните простори. Споредбата на овие сцени со денешната состојба на хотелот ја прави временската дистанца особено впечатлива: филмот зачувува визуелно сведоштво за објектот во период кога тој бил активен дел од туристичкиот и општествениот живот на Охрид.

 

Кадри од екстериерот на Хотел Палас 

Kадри од лобито на хотел Палас

 

МАРХ ја има разработувано темата за Хотел Палас повеќе пати, па неговата денешна состојба може да ја проследите во претходните објави:

 

Хотел Палас, Охрид / Михевц, 1958 – МАРХ

Хотел Палас – Охрид / фотогалерија – МАРХ

 

„Мирно лето“ денес може да се чита и како своевиден документ за архитектурата и урбаниот живот во Скопје и Охрид на почетокот на 1960-тите. Преку филмските кадри се откриваат не само објектите и просторите што опстанале, туку и нивните некогашни амбиенти, начинот на користење и секојдневните релации што се одвивале во нив. Споредбата со денешната состојба ги прави видливи трансформациите на градскиот пејзаж, но и вредноста на филмот како визуелен извор за архитектонското наследство. На тој начин, „Мирно лето“ нуди можност за повторно откривање на архитектурата не само како физичка структура, туку и како дел од колективната меморија на градот.

Целосниот филм може да го погледнете тука :

A Quiet Summer – 1961 – Mirno leto – Dimitrie Osmanli – Macedonia (w/ english subtitles)

Извор:  Kinopis-59-60-FINALNO-za-WEB-LR.pdf

Соработник: Ива Поповска