ПроКредит Банка (поранешен хотел „Српски Краљ“) – Струмица
09.03.2016 • ХХ век / I половина
Локација: Струмица
Сопственици: ПроКредит Банка
Година на изведба: 1926-1928 (2008-2010 Реконструкција)
Извори: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица,
Фотографии: Стара Струмица, Паолина Милушева, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица
Изглед непосредно по завршување на изградбата @ НУ Завод и Музеј – Струмица
Хотелот Српски Краљ, објектот попознат како „Стара Нама“ е извонреден примерок на културното наследство во Струмица и се наоѓа на аголот на улиците Сандо Масев и Благој Мучето. Благодарение на својата локација и архитектура, зазема доминантно место во рамките на амбиенталната градска целина во централното градско јадро, наспроти зградата на Собранието на Општина Струмица. Објектот е изграден во периодот 1926-1928 година од страна на Илија Кацарски.
Изглед пред изградбата на градското собрание на Струмица @ НУ Завод и Музеј – Струмица
Кај овој објект, аголната кула со купола се издига високо и е со крушковидна форма со издолжен, елипсовиден пресек. Таа се наоѓа на аголот на објектот со што се добива една доминнантна вертикала која го акцентира главниот влез во приземниот дел. Во источната и јужната фасада се присутни сегменти од Западноевропските влијанија во кој стил се градени репрезентативните објекти од тој период во струмичката староградска архитектура. Флоралната декорација е присутна на венецот, над и под прозорците како и на аголниот, истакнат фасаден елемент – кулата.
Иглед во текот на изградбата (1926-1928) @ Стара Струмица
Приземниот дел е граден и опремен за градска кафеана со подрум, а катот и мансардните простории биле наменети за бордел и хотел. Како луксузен хотел во Струмица, објектот опстанува се до 1948 година кога е национализиран и преминува на располагање на собранието на Струмица. Во 1949 година е даден на користење на претпријатието НА-МА кога се доградени излози од двете страни на фасадата и подрумскиот дел е затворен. Куполата на аголот која му давал исклучителен изглед на објектот е остранета.
Изглед на Српски Краљ во осумдесетите @ НУ Завод и Музеј – Струмица
|
Во осумдесеттите години на ХХ век, приземниот дел го користи претпријатието Југопромет, додека катот е издаван под кирија. Поткровните простории ги користат сликари за атељеа и работилиници. По денационализацијата, Српски Краљ не добива нова функција и намена и е напуштен.
Изглед непосредно пред започнување на реконструцијата 2008 @ Паолина Милушева
Важноста на ова културно добро како дел од амбиенталната градска целина со неговата архитекура и историја е од примарна вредност за градот. Во 2008та година, ПроКредит Банка станува новиот сопственик на објектот и започнува со негова реинтеграција во градот како експозитура на банката. Несоодветноста на примарната структура со потребите на банката и лошата состојба на постоечката структура придонесува кон одлуката за целосна реконструкција на ткивото на објектот.
Изглед непосредно по завршување на реконструцијата 2010 @ НУ Завод и Музеј – Струмица
Новиот дизајн на банката се прилагодува на оргиналната диспозиција на отворите на фасадата која останува непроменета. Столаријата на целата фасада е целосно реконструирана во нејзината оргинална форма и дизајн. Декорацијата и самата боја на фасадата се обновени со голема внимателност.
Изглед во тек на реконструцијата 2009 @ НУ Завод и Музеј – Струмица
Примерот на реставрација и делумна реконструкција на објектот Српски Краљ во Струмица е уникатен пример за обнова на културното наследство во Македонија и негова реинтеграција во околното урбано ткиво. Обновата на објектот е извршена со целосно задржување и реставрација на оргиналната обвивка на објектот и реконструирање на куполата, додека внатрешноста на објектот е целосно заменета со нова конструкија и распоред на просториите. Дискусијата и прагматичноста на ваквиот вид на реконструкиција е секогаш актуелена. Прашањата за фасадизам, за автентичноста и оргиналната фукција на објектот се неколку од многуте предизвици на кои овој проект настојува успешно да им одговори.
Пристапот кон конзервацијата на овој објект, соодвестува со затекнатата физичка состојба и ново- зададената функција. Задржување на автентичноста на оргиналната фасада и волумен е главен мотив на реконструкцијата. Изборот да се зачува и обнови целосно фасадата и да се реинтегрира во новиот објект придонесува за успешноста на овој конзерваторски потег.
Изглед во шеесетите години @ Стара Струмица
Материјалот го приложи и обработи: Мартин Ефремовски
Автор на статија: marh