53 години – Сеќавање на последниот катастрофален земјотрес во Скопје
26.07.2016 • Информации
Пред 53 години, во 5:17 се случи скопската трагедија, градот го погоди земјотрес со јачина од 6,1Mw. Земјотресот однесе повеќе од 1000 животи, повреди повеќе од 4000 луѓе, остави без дом околу 200.000 жители на градот.
Во пепелта изгубивме 80 % од градот, го загубивме таканареченото „Старо Скопје”. Градот и после половина век живее со лузните на земјотресот, со траги и носталгија кои на моменти излегоа од контрола креирајќи романтизам во чувствата и идејата за новите објекти низ Скопје.
На 26 јули 1963 година Скопје беше разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.
Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз – Тито, изјавил:
„ | Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност. | “ |
Овие букви беа изработени во метал и закачени на старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на пост-земјотресно Скопје, но беа тргнати од страна на владеачката партија во 2011 година, веројатно поради идеолошки мотиви, бидејќи истите не се вратени до денес и покрај ветувањето за истото.
Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Во спомен на загинатите, секоја година на градските гробишта Бутел, се положува цвеќе на паметникот, во спомен на загубените животи во катастрофата.
По земјотресот градот почна да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Но и после половина век не успеавме да ја реализираме до крај идејата за градот на иднината и модерното Скопје.
Во продолжение мала фотогалерија од градот кој го загубивме во пепелта:
Извор: wikipedia, македонски форуми, портали, лични извори
Ф.К
Автор на статија: marh