Македонски народен театар – Скопје / 1921-27
22.08.2016 • ХХ век / I половина
Автори: прв проект Ј. Буковац, измени и дополна на проект Е.Бронштајн, С. Бељаевски, Димитрије М. Леко, Виктор Меснер
Година: 1921-1927
Локација: Еврејско маало, центар на Скопје
Други раководители на реализација и изградба: Петар Гачиќ со соработниците Татаринов и Виктор Меснер, Димитар Путилин
Извори: „Архитектонските стилови, во македонската архитектура од крајот на 19 век и периодот меѓу двете светски војни“ – Кокан Грчев, „Старо Скопје – прилози за урбаната историја XIX, XX век“ – Собрание на град Скопје – градски комитет за урбанизам и заштита на човековата околина – Скопје, форум Build.mk, Wikipedia…
Стариот народен театар во Скопје бил дело на архитектот Јосип Буковац, кој ја завршил изработката на плановите и техничкиот елаборат. Проектот бил одобрен по извршена ревизија на 15.04.1921 година.
Буковац е најзначајниот од авторите на театарот бидејќи основата е поставена врз база на неговиот проект, врз кој следат измени во текот на раководењето и изведбата.
Основа на приземје
После Јосип, реализацијата на проектот ја продолжува Е. Бронштајн кој прави одредени промени во бината, задната сцена, диспозицијата на гледалиштето и други помали интервенции за кој бил сложен и Буковац. Овие промени завршуваат кон декември 1921 година.
Основа на гледалиште / партер и ложи
Се пристапило кон сериозни зафати и за урамнотежување на фасадните волумени и ускладување на хармонијата и пропорциите на објектот.
Следен раководител на објектот доаѓа архитектот С. Бељаевски, како службеник во Градежната дирекција во Скопје. Се ангажирал за уредувањето на околината на театарот, а особено се залагал за промена на проектот во конструкцијата на кровот, која од дрвена ја заменува со челична.
По брзата смрт на Бељаевски, доаѓа ангажманот на Димитрије М. Леко во 1925 година, кој исто трае кратко, за да дојде на ред последниот тим кој работи до завршувањето на објектот на чело со Петар Гачиќ.
Конечно театарот свечено се пушта во употреба на 26 октомври 1927 година, во присуство на кралот на СХС, Александар Караѓорѓевиќ, чие име објектот првично го носел.
Околу стилската определба на овој објект проф. Кокан Грчев ќе рече: „ Обидувајќи се преку развојот на почетните проектански замисли, па се до последната реализација како резултат на бројните архитектонски и инженерски зафати како меѓуфази, да го утврдиме и присуството на стилска одредница како возможен коректив на целиот настан, го утврдуваме присуството на академизмот, меѓутоа во специфичен вид кој се разликува од претходно споменатите објекти на Офицерскиот дом и Народната банка.“
Пресек низ гледалиштето
Шема на плафон
Овој објект е од огромно значење за градот и неговите жители од повеќе аспекти. Во него е формиран Македонскиот Народен Театар со одлука на АСНОМ, на 31 Јануари 1945 година, по што станува средиште на културниот живот на градот.
Поглед кон сцената
Во истиот објект се формира и Македонската Опера во 1947 година со изведбата на операта „Кавалериа Рустикана“, како и Македонскиот Балет во 1949 година.
Поглед кон гледалиштето
Објектот заедно со Офицерскиот Дом, во градот ја донел и „европската висока класа“ со организирање на културни настани на кои било престиж да се присуствува. Самото по себе придонело и кон развој на европската мода и издигнување на театарските, оперските, балетските претстави и балови како несекојдневен и свечен чин.
Поглед од Офицерски дом кон Народниот театар
Овој објект беше минимално оштетен во скопскиот земјотрес и за неговата обнова биле потребни помалку средства отколку за неговото рушење. Истиот бил константно чуван од театарските работници за да не дојде до истото. Меѓутоа како и многу други одлуки, неговото рушење било изненадно за скопјани во раните утрински часови.
Од старата зграда зачувани се само неколку скулптури и врвот од кристалниот лустер. Носталгијата за овој објект низ годините доведе и до иницијатива за неговата реизградба, која неодмна се случи.
Но после половина век од неговото рушење, неговата обнова беше сериозно прашање за дискусија во стручните кругови и се покажа како исправен ставот дека ќе се случи импровизација. Она што денес е изградено не може да смета за реконструкција, реставрација или било кој термин кој манипулира како наслов на акцијата од повеќе аспекти: неговата ориентација е променета, волумен, димензии, естетика, ентериер итн. Тоа значи дека не е запазена неговата автентичност во ништо освен во локацијата.
@
Кога гледаме во историјата на изградба на овој објект со сите измени во проектот на оригиналната градба, денешниот нов објект единствено може да се смета за 5та варијација на првиот проект на Буковац. Автор на денешниот објект е македонскиот архитект Јован Стефановски Жан.
Автор на статија: Filip Koneski