Охрид / II

Просторната организација како и самата типологија на охридската архитектура се одликува со јасни карактеристики и особености симтоматични за овие простори. Како и во предходно споменатите услови кои влијаеле на изразот на охридската куќа, истите тие придонесуваат и за развојот и остапувањата на животната програма и организација. Охридскиот граѓанин од XIX век од една страна гради стан за своето семејство, а од друга, во истата куќа тој создава услови за опшествено живеење.  Доследно на оваа програма и на развојот на охридската висока куќа, во организацијата, лесно ќе забележиме вертикална категорична поделба на три функционални групи:

  • Група за домашна економија
  • Група за живеење на семејството
  • Група за репрезентација

Поради честата голема стрмнина на теренот, сутеренот и приземјето често се мешаат. Во масивно изградената приземна партија се сместува домашната економија, првиот кат го зазема групата за живеење а вториот кат кога е присутен е резервиран редовно за групата репрезентација и живеење. Токму оваа репрезентативна група ја одликува охридската висока куќа. Професорот Душан Грабријан во неговата публикација во 1955та година го опишува отворениот чардак на охридска висока куќа како крајната фаза во нејзиниот развој и воедно и нејзината ултимативна еволуција.

Според оваа поделба секоја куќа е богата со модификации, диктирани од обликот и од состојбата на градилиштето, од стопанската сила на нарачувачот, од неговата професија и многу други.

02_%d0%be%d1%80%d0%b3%d0%b0%d0%bd%d0%b8%d0%b7%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0

Дијаграм на организација @МАРХ

Домашна економија

Оваа група по правило е сместена во сутеренот, или во случај да нема таков, се сместува во масивно, камено приземје. Овде спаѓаат главно сите видови зимски остави: гориво, алати и обемна зимница и простории за професионалното занимање на домаќинот, доколку е тоа потребно (трговија,рибарство,градинарство). Внатрешниот трем на куќата воедно функционира и како влезната партија во куќатa и затворен работен простор. Уникатен развој на овој простор во охридската и струшката куќа е појавата на двовисински внатрешен трем како посебна одлика на оваа типологија.

Треба да се нагласи дека за човекот од XIX век овие простории имаат многу поголемо значење од оние на денешниот стан. Непостоењето на прехрамбена индустрија и опшественото приготвување на намирниците ја зголемуваат улогата на делот за домашна економија.

Просториите за складирање и работa се одликуваат со повеќе поделби доколку просторот тоа го дозволува.

  • Одделение за складирање гориво (дрва, ќумур и сл.) – најчесто е најдолу во вертикалната поделба.
  • Одделение за зимница – задачата на ова одделение е да прими што поголемо количсетво зимница кое ќе ја загарантира исхраната на семејството во зима и пролет.
  • Одделение за работа – овде се меси лебот, се остава поголемиот прибор за јадење: софрата, столчињата, синиите, коритата, ситата и сл.

Доследно овој принцип ќе се сретнеме со многу комбинации кои зачудуваат со својата духовитост и леснотија во решенијата, а секоја куќа е пример за себе, т.е. има огромен број модулации во организацијата.

organizacija-slika-1

Пример на организација на група за домашна економија:

1. Гориво; 2. Зимница; 3. Одделение за работа; 4. Соба од станбена група; 5. Влезен хол; 6. Претпростор – врска со другите групи.

@Б.Чипан, Стара градска архитектура во Охрид (1982)

Живеалиште на семејството

Оваа група простори, во потесната смисла на зборот, го составува станот и јадрото на охридската фамилија од минатото. Во нормален случај две до три одделенија се органзирани така да ги задоволат сите потреби за дневниот поминок, приготвување храна, и спиење на целото семејство. Главна одлика на овие простори е нивната мултифункционалност. Можеби конвенционална поделба и определба на функциите по соба би било неадекватно. Функциите јадење и спиење претставуваат моментна работа којашто се врши во време кога другите престануваат да се извршуваат. Сообразно на тоа , тие се извршуваат со опрема што се донесува за одредено време, се мести на одредено место  и по завршување на дејството повторно се отстранува од главниот простор.

 04_%d0%b6%d0%b8%d0%b2%d0%b5%d0%b5%d1%9a%d0%b5

Повеќе наменски простор – ,,куќа” (кујна). @Б.Чипан, Стара градска архитектура во Охрид (1982)

Оваа група простории најчесто е поделена во две одделенија, со оглед на горенаведеното ограничено времетраење на јадењето и спиењето, не е зачудувачки ако во оваа група се сретнеме и со само едно одделение.

  • Одделение за нечистата дневна работа ( приготвување продукти, миење садови и сл.) – е надвор од собите за спиење и јадење и е сместена во посебен агол.
  • Одделение за готвење и дневен поминок- постои голем диверзитет во однос на ова одделение, во однос на финансиската моќ на семејството.во некои случаеви и готвењето се преместува во делот за домашна економија, така што оваа просторија останува единствена од овој дел.

Како дел од овие простории би можеле да го наведеме и чардакот кој е врската помеѓу просториите но воедно може да заземе и функционална улога во оделот на живеење.

organizacija-slika-2%d1%9c-jpg

Организација на една кујна – кујнска батерија. @Б.Чипан, Стара градска архитектура во Охрид (1982)

Скромните материјалните можности најнапред се одразува врз скратувањето на просториите од оваа група. Последицата на ова е редовно намалување на личниот комодитет за сметка на одделенијата што ќе го презентираат пред надворешниот свет. Пред светот граѓанинот ќе се покаже со достојна елеганција што често ја надминува неговата стопанска моќ, а заштедата ќе ја бара во скратување на програмата за интимно користење, што несомнено е предизвик за охридските градители и токму тука ја гледаме нивната вештина.

Репрезентативен дел

Репрезентативниот дел содржи една, две или повеќе соби, во зависност од големината на куќата, односно од материјалните можности на домаќинот. Тие секогаш се стремат да заземат форма на правилен четвороаголник, без оглед на неправилниот облик на приземјето и самото градилиште, и нивната поставеност се одликува со погодна ориентација и максимална отвореност кон надворешноста. Нивниот меѓусебен однос е складна композиција и по правило меѓусебно се поврзани што овозможува нивно симултано користење во денови на поголеми свечености.  Нема сомнение дека основната намена на оваа група простории е репрезентативен прием.  Во некои објекти репрезентативниот дел се појавува како отворен чардак тераса на вториот кат. Овој тип на третирање на овој дел ичезнува кон крајот на 19ти век, одлика која Професорот Грабријан ја коментира како европско влијание на охридската куќа.

06-%d0%b2%d0%bd%d0%b0%d1%82%d1%80%d0%b5Репрезентативниот простор на куќа на улица Самуилова. @Пејовски

Главната причина за богатиот третман на овие простории е потребата на класичниот охридски чорбаџија за искажување богатство и моќ.  Користењето на овие одделенија од семејството само за летно спиење, е секундарна појава што резултира или од зголемување на семејството или од крајно сведување на станбената куќа на едно одделение.

Во сместувањето на целата група на последниот кат, се соочуваме со извесен функционален парадокс. Логиката би не водела кон нејзино сместување поблизу до влезот и со  врска што не би ја сечела станената група. Волуменскиот однос на двете групи се појавува исто така како парадокс, но само привиден и од денешна гледна точка. Овој однос е точен одраз на личната скромност спротивставена на желбата за презголемено репрезентирање пред надворешниот свет.

05_%d0%b2%d0%bd%d0%b0%d1%82%d1%80%d0%b5Репрезентативниот простор на куќа на улица Самуилова. @Пејовски

Ретка но интересна појава на одделни куќи во Охрид се соби во мансардата, што претставуваат скратен трети кат.  Меѓу старите мајстори, изразено е мислење дека овие надвишувања се изградени само од суетна желба да се биде повисоко од соседот.  Овие надвишувања ќе ги сретнеме кај куќите каде што, поради конфигурацијата на теренот и двата ката не биле доволни да се погледа преку покривот на соседот кон убавото езеро. Најчесто во репрезентативниот дел не се среќаваме со отворен чардак, како исклучок т.е. неговата случајна појава е резултат на програмска посебност.

 

Материјалот го обработи и приложи: Стојаноска Софија / Мартин Ефремовски