Административен објект на Мермерен комбинат / BMA

 

Локација: Прилеп

Инвеститор: Мермерен комбинат А.Д – Прилеп

Година: 2019-2020

Површина: 66.000 m2

Автори:  Стефан Атанасоски, Урош Николоски, Маријана Ковачки, Тина Мијалчева, Теута Бајрами, Бане Стојановски и Бесиан Мехмети

Студио: BMA

 

 

 

На локација како што е рамнината под манастирот Трескавец, бевме повикани да создадеме препознатлив и монументален објект за Мермерен Комбинат АД Прилеп. Основната дејност на Мермерниот Комбинат во Прилеп е производство на бел мермер bianco sivec.

Карактеристичен снежно бел мермер со микро гранули кој се вади од околината на Прилеп и со векови се користел за градење на многу историски места кај нас и надвор од земјата, Хераклеја и Стоби меѓу другите.

Произлезено од хоризонталата која владее во Прилепското поле, новиот административен објект на Комбинатот се обидува да го реанимира контекстот и воедно традиционалната типологија на административни објекти: со редефинирање на односот помеѓу објектот и контекстот.

 

 

Таа ја открива својата содржина кон градот без да биде наметлива, а во исто време специфичноста на местото е преточена во суштествен потег; партерот е формиран како резултат на насадување на разни содржини врз матрица произлезена од воронои-дијаграм. Платото станува продолжение на новиот административен објект со комплементарни активности. На одредено поле е поставен постамент, павиљон за посетители, водени површини и зеленило.

 

Анализи

Интервенција

 

Објектот стои на ново создадено плато во непосредна близина со постоечките производни погони. Целата форма на објектот е замислена како еднинечна маса – карпа, во која се поставени влезниот хол кој се отвара кон околната природа; канцеларии, сали за состаноци, заедничка кујна. Кружниот лифт и монументалните скали во фоајето се замислени како скулптура во просторот. Континуираната рута на фоајето ги поврзува сите функции лоцирани околу кружниот лифт и скалите – зградата станува архитектонска авантура на динамично разместени плочи поврзана со празнината која се развива низ целата висина на објектот.

 

 

Преку предложениот концепт, симболиката, препознатливоста и иновативноста се тангирани во еден гест. Создадена е динамична архитектонска топографија која алудира на монументалноста на мермерните карпи и уникатноста во асиметричните форми.

 

 

Новиот административен објект има карактеристична фацетирана форма, изработена од бел мермер, која стои цврсто и и’ пркоси на хоризонталноста во околината. Иновативната употреба на материјали низ целиот објект е уште еден императив, како и стаклените ѕидови-завеси кои отвораат погледи на сите страни. Објектот со својата динамика произлегува и се вклопува во артифициелна топографија.

 

 

Со новата интервенција, преку континуитет и контраст, потегот кај Мермерниот Комбинат во Прилеп веќе не е сурова зона од индустриски објекти, туку станува место кое резонира и инспирира!