АКТ 2024 / Архрид

текст: Ангела Трајанова, Стефан Жупан
фотографии и видео: Филип Спасески
раководител на проектот: Ангела Трајанова

 

АРХРИД 

е стручен колектив чии главни цели се едукација (подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот) и заштита (на постојното културното наследство, како и препознавање и вреднување на архитектонското творештво и урбаните фрагменти во градот), преку спроведување активности (во јавниот градски простор) и креирање форум (потенцирање на значењето за оформување и јавно искажување на заеднички стручен став по актуелни теми).

 

АКТ

Колективот повторно за КАСАРНА.

Единствениот симбол на типологијата на касарната е во активна транформација, денеска населена со основно училиште, полициската служба, администрација на  нискоградба, хероите на НОБ, младинскиот центар и музичката секција, дневниот престој и хабот во приземјето на зградата. Кому се ли му припаѓа овој простор? Колку овој двор припаѓа на секој од градот?

Како пространа зелена површина, која стои со сета своја празнина во хетерогеноста на некогашната индустриска зона на градот, касарната претставува своевиден екосистем. Нејзината стратешка позиција во однос на новите развојни правци на градот, но и поврзаноста со негови значајни инфраструктурни линии, го носат потенцијалот за нејзината реупотреба.

Проектот има за цел да ги унапреди основните аспекти на неформалното образование и да промовира одржливи градови преку активности насочени кон актуелизација на локацијата на поранешната касарна. Преку иновативни образовни програми, работилници и еколошки и културни иницијативи, проектот создава инклузивно опкружување каде младите развиваат вештини, знаења и свест за одржливост. Овие активности поттикнуваат креативност, активно учество и примена на принципите на одржлив развој, подготвувајќи ги за идни предизвици. Истиот промовира иновации и решенија во согласност со одржливоста, обезбедувајќи платформа за изразување идеи и учество во донесување одлуки. Со тоа, тој придонесува за свесна и одржлива заедница, унапредување на образованието и подобрување на животните услови во градот.

 

АРТИКУЛАЦИЈА НА КРЕАТИВНА ТРАНСФОРМАЦИЈА

АКТИВАЦИЈА НА КУЛТУРНА ТРАДИЦИЈА

АКТИВАЦИЈА НА ЈАВЕН ПРОСТОР

ТРИ ДЕНА , ТРИ РАБОТИЛНИЦИ

ЧИН НА ЖИВОТНА ПРОМЕНА

 

Чин_1 Акт на природна одговорност

Активноста фокусирана на физичкото расчистување на надворешниот простор околу комплексот касарна со активна вклученост на младите-таргет група на проектот. Процесот на расчистување беше организиран на начин што се вклучи и аспект на едукација, со цел да се подигне свеста за животната средина и климатските промени.

 

 

Чин_2 Акт на колаборативност

Муралот на единствениот ѕид-фасада на дворот, е лице на интервенцијата и го декорира и означува просторот. Тој е резултат на колаборативен труд – збир на пет поединечни авторски мотиви на уметниците: Михаела Јованоска, Исидора Митреска, Ивана Новакова, Иво Георгиески и Катја Жупан, изведен со помош на останати волонтери. Делата на крај се спојуваат во едно кое може да се чита како една целина со воедначен јазик. Темата го обработува односот помеѓу традиционалното и дигиталното, тргнувајќи од насловот на овогодинешната недела на млади „From Clicks to Progress“ и од духот на содржините кои егзистираат во новиот современ контекст на касарна. Муралот беше концепиран и куриран од Иво Лазароски и Стефан Жупан.

 

 

Чин_3 Акт на артикулирање на јавен простор

Поставена е урбана опрема во самиот двор на “втората пеперутка”. Се работи за интервенција од 50 пелети од кои се изведени 4 различни типови на урбана опрема, поставени во линиска конфигурација, “прегрнувајќи” ги дрвата. Дизајнот беше обмислен и под надзор од Климент Танески и Александар Поповски.

 

Чин_4 Акт на лична промена и замена

Во внатрешните простории на поранешната касарна поставена закачалка на размена. Дизајнирана да привлекува љубопитност, концепирана да задржи внимание, а потоа да промовира навика за замена на различни предмети од секојдневието. Размената на предмети што не ни требаат има доста предности, како на индивидуално, така и на општествено ниво. Во нив може да ги вброиме, намалување на отпадот и конзумеризмот, економска заштеда и навика на одржливст. Автор на дизајнот и изведбата е Ангела Трајанова.

 

 

Чин_5 Акт на доживување

Покрај изведбата на урбаната интервенција, истат беше и активирана со кино на краткометражни филмови. Се прекажаа “Уста полна земја” од Кристијан Костадиновски, “Животот на Даска” од Леона Јариќ и “17” од Александар Нестороски.

 

 

Чин_6 Акт на себеизразување

Активноста со интимен мотив за себеизразаување на волонтерите и како истите го доживуваат и соживуваат просторот каде се реализираше проектот.

 

Чин_7 Акт на креативно размислување

Работилница со LEGO коцки, преку која се промовираше креативното размислување и актот на градење во микродимензија. Интерактивната активност беше проследена од сите генерации и е прв обид кој би сакале да го продолжиме во иднина највеќе со најмладата популација, креирајќи  и образувајќи ги за објектите од охридското културно наследство-низ игра.

 

 

Чин_8 Акт на трансформабилност

Во склоп на дворот се одржа поетско читање на Евгенија Узунова, промовирајќи ја уметноста на поезијата на младите волонтери и посетители.

 

 

Чин_9 Акт на ослободување

Како последен акт, Александар Тодороски ги послужи волонтерите и посетителите со коктел на минимална електронска музичка вибрација.

 

 

Проектот има за цел да резултира со создавање на нов и активиран јавен простор кој ќе биде достапен и корисен за сите граѓани, со посебен акцент на младите во градот Охрид. Со оплеменување и давање карактер на слабо користените и недоволно артикулирани простори во комплексот на старата касарна, целта е да се претворат овие простори во динамични и иновативни средини кои ќе ги задоволат потребите и интересите на младите и ќе ги охрабрат да учествуваат во културни и социјални активности. Тој ќе ги запознае младите со принципите на одржливост и важноста на јавниот простор, поттикнувајќи ги да учествуваат во обликувањето на својата иднина и на градот како достапно и пријатно место за сите. Преку организирани активности и вмрежување, проектот ќе обезбеди простор за младите да развијат нови вештини и да ја зајакнат својата улога во општеството, придонесувајќи за долгорочниот развој на заедницата.

Проект на архитекти, стручно-образовани личности, а во суштината,

деца желни за промена на просторот!

Замислата е

за трајна и циркуларна идеја,

за навика на креација,

за дејстување на личниот и општествениот живот

АКТ 2024

 

„Проектот “Активирај Креирај Трансформирај-АКТ” на Архрид Колектив се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 –ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот “АКТ” е кофинансиран од Општина Охрид“