Проектот Активен ГРА(Д)/ѓани  на Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ од Скопје ќе се претстави во Центарот за уметност и урбанизам  ZK/U во Берлин

Организацијата Факултет за работи што не се учат  – ФРУ, во рамките на проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ (Active City (ZENS) вчера, на 18ти јули, се претстави на ОПЕНХАУС Берлин, отворено студио во Центарот за уметност и урбанизам  ZK/U во Берлин, кадешто еден член од тимот,  интердисциплинарниот уметник Филип Јовановски во моментов престојува на резиденција.

 

ZKU-Berlin 

 

Во рамки на резиденцијалната програма на ZK/U, ФРУ ја претставува работата на долгорочниот проект Лабораторијата за просторно изведувачки практики ГРАДОТ КАКО СЦЕНА, која се реализира во соработка со Архитектонски факултет – во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како дел од оваа лабораторија, во рамки на резиденцијата, во текот на јуни годинава, неколку млади уметници, архитекти и студенти, Димитар Милев, Ивана Самандова, Тамара Џерков и Мартина Пенева беа дел од истражувачкиот процес на проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД.

 

MOT_2023 / Фото: Ана Павловска

 

Проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД, е развиен од архитектите и уметниците, Филип Јовановски и Слободан Велевски за време на Active city(zens) резиденцијата. Проектот беше претставен како дел од овомесечниот ОПЕНХАУС во центарот ZK/U кој ќе се одржа вчера, на 18ти јули, од 19:00 до 23:00 часот.

ZK/U во Берлин е уникатна локација. Просторот на поранешната железничка станица, курира инклузивна програма за сите видови потенцијална публика. Во ZK/U се користи новоизградениот покрив на зградата за да се создадат инсталации со кратки перформанси достапни за голем број дневни патници со воз, како и за пешаците, посетителите на паркот и членовите на околната заедница. Ова е обид да се создаде едноставна уметничка интервенција во секојдневното патување со изведба на многу кратки перформанси (со времетраење од 10 секунди).

 

MOT_2023 / фото Ана Павловска

 

Проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД, развиен од Јовановски и Велевски се фокусира на импулсот што го има лиминалната состојба на ѕидот во процесот на поттикнување наративи во физичкиот контекст.

Уметниците/архитекти ги поставуваат прашањата: Дали дијалектичкиот ѕид би бил идеален симболички и политички простор за дејствување, трансформирајки го градот во сцена? Колку е дебел тој ѕид?

Дијалектичкиот ѕид во овој случај е машина која генерира дејства преку воспоставување динамичен однос на генеричкиот (апстрактниот) наспроти активниот  простор (место) во градот, поставувајќи го прашањето за односот помеѓу публиката и изведувачите. Ѕидот е самата сцена, простор кој дијалектички ја вклучува публиката во дејството, го реактивира градот во создавањето на дејствата (настаните) и со тоа го трансформира во перформативен град/сцена.

 

Writing urban places / Фото: Мила Гавровска

 

Филип Јовановски (1979) е стручен соработник на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и предава предмет сценографија како експерт од практиката на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – архитектура, визуелна уметност, театар, видео, филм и просторни инсталации.

Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, досега создавајќи околу 30 сценографии за театарски претстави.  Јовановски имал над 15 самостојни изложби и претставувања во земјава и во странство, и учествувал во над 40 групни изложби.

Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година, ја доби главната награда „Златна Трига“.

 

MOT_2023 / фото Ана Павловска

 

Слободан Велевски (1976 година) е редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Тој е дел од Институтот за урбанизам, а заедно со Марија Мано Велевска од 2014 година го раководи интегративното студиото Обрасци на раст и Раст 2.0 во последниот семестар на студиите по архитектура.

Во изминатиот период, самостојно или како ко-автор активно учествува во низа истражувачки проекти, научни конференции и семинари, работилници, публикации и архитектонско-урбанистички проекти и конкурси. Заедно со Марија Мано Велевска е автор на книгата „Разговори“ и едицијата Раст составена од 10 книги.

Слободан Велевски верува дека улогата на архитектот во општеството мора да ги надмине досегашните рамки на делување и дека создавањето современа архитектура е колаборативен процес во кој делото може да биде и вербално и материјално, но дека тоа секогаш мора да се стреми да ги отслика искуствата на мноштвеност и етика.

 

Проект Активен ГРА(Д)/ѓани

Лидер на проектот: Институт за театар од Чешка/Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ)

Партнери:

ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин

ИЗОЛАТЦИА – Киев, Украина

Организација Факултет за работи што не се учат (ФРУ) , Северна Македонија/

 

Овој проект е поддржан од Програмата Креативна Европа на Европската Унија.