„Амазонија“ – енергетскиот архипелаг / Коцевска, Гогиќ
10.04.2020 • Студентски проекти
Автори:Сара Коцевска и Сања Гогиќ
Временски период: Втора година Магистерски студии (Март 2019-Јули 2019
Наслов: Амазонија – Енергетски Архипелаг
Ментор: Проф. Др. Том Авермаете
Универзитет: Политехнико ди Милано, Италија
[ПЕТОК] После напорен и долг пат се враќаш назад дома во Милано. Целиот ден го имаш поминато по натпатници, потпатници и секакви автопатишта, па веќе си уморен од она што го гледаш постојано. Меѓутоа, како што се приближуваш кон својот град, забележуваш нов скајлајн, нова фигура на небото. Налик порта составена од столбови се појавува на твојот видик токму во зоната Ламбрате, на еден од влезовите во Милано. Не можеш да дочекаш утре за да се вратиш и да видиш што всушност се случува под тој јазол од патишта.
[САБОТА] Како што се движиш низ преполниот пејсаж низ градот, полека стигнуваш до новата градска област Амазонија! Во малото вештачко езеро гледаш дека луѓето ги користат кајаците и уживаат под силното сонце – се смеат, радуваат, живеат. Столбовите всушност не изгледаат како да се најобично поставени во водата, туку повеќе како некој технолошки изум кој би можел да биде користен во полето на енергијата. Но, она за кое си сигурен е чувството на позитивни вибрации на луѓето околу тебе.
Проектот Амазонија Енергетскиот Архипелаг се фокусира на “заедниците” како специфичен удел во градот, каде неискористените ресурси претставуваат огромна можност да бидат отклучени преку нови начини и иновативни решенија. Сето тоа би довело до урбан развој на локацијата.
Читајќи многу информации и гледајќи ги мапите на градот Милано, пред сe’ моравме да ги разбереме и да ги пронајдеме сите оние празни простори кои се неупотребени, а кои би можеле да ги искористиме како ресурси и истите да ги дефинираме со своја програма на поинаков начин. Целта е овие простори да се ослободат и да можат да се развиваат во паралелен процес заедно со самите корисници.
Впрочем, нашата стратегија од гледна точка на архитектурата е да се редизајнира еден сообраќаен јазол на периферијата од градот и просторите помеѓу автопатиштата кои се вкрстуваат меѓусебно, за да може да се искористат на најдобар начин. Со креирање на новите заеднички простори, се овозможува пристапност и собирање на тинејџери, родители со деца, постари лица, заљубени парови, танчери, скејтери, велосипедисти, љубители на музика, кино и забава – како за поединци, така и за групи.
Енергијата се претвора во главен заеднички ресурс и претставува основа за подрачјето да се преобрази во привлечна атмосфера. И покрај извршените анализи на конкретната избрана локација, кои пак алудираа на многу мало користење на автопатот од страна на возилата, сепак сите луѓе и нивните активности би биле заштитени. Тоа би се извршило преку поставување на материјали кои го абсорбираат загадувањето, вклучувајќи ги и издувните гасови од возилата. Исто така, бучавата и од оние малку бројни автомобили би се спречила со поставување на софистицирани материјали кои служат како звучна изолација, но и со често користење на музиката, која е пак еден од двигателите на човековата енергија.
Дефиниравме 3 главни архитектонски принципи:
[ПРИСТАПИ] подобрување на поврзувањето: континуиран проток на пешаци преку изградба на мали мостови-патеки
[ЗАПЛОВИ] продолжување на веќе постоечката река и создавање нов приклучен канал и две мали езера: возење кајаци и разладување во летен период, лизгање на мраз при зимски услови
[ЕНЕРГИЈА] производство на електрична енергија за целата околина со два системи за различни атмосфери:
– со поставување на столбови во реките и езерата преку турбини поставени на дното од водата, како и истовремено перфорирање на сончевите зраци во внатрешноста на вертикалните структури, се генерира електрична енергија
– со поставување на таканаречени соларни сончогледи: собирање и негување енергија преку соларни панели.
Следејќи ги овие три принципи, отклучени се различни простори. Празното и депресивно опкружување под автопатот сега луѓето ќе можат да го доживуваат како среќно, раздвижено и полно со енергија место. Еден мал дел станува место каде луѓето ќе можат да одгледуваат свои билки и растенија. Друг дел е претворен во кино-корнер каде луѓе од секоја возраст ќе можат да уживаат гледајќи го својот омилен филм. Некои луѓе ќе го користат денот за да се сончаат, други за пикник и скара со пријателите. Некои ќе свират музика и организираат концерти пред публика, други ќе танцуваат, а пак трети ќе возат скејтборд и ролери…
Простор каде секој може да го пронајде своето место правејќи ја онаа активност која што ја сака во моментот.
СПОДЕЛИ позитивна енергија со соседите, со луѓето кои можеби ги познаваш, а можеби и не… со целата заедница!
Автор на статија: Filip Koneski
Амазонија Енергетскиот Архипелаг / Магистерски труд / Сања Гогиќ / Сара Коцевска