Апартман за изнајмување – Куќа во карпите / АНТРЕ
03.02.2025 • Ентериер и мебел
Година на проектирање : 2023
Студио: Антре
Автори: Бисера Саздовска и Филип Јовановски
Површина: 38 m2 + 35m2 тераса
Изведувачи: Cristian Rosa Navarro, Kiko Valsan
Локација: Аликанте, Шпанија
Локација и концепт
Сместен на подножјето на ридот Бенакантил, во чиј склоп се наоѓаат разурнатите ѕидови на тврдината Санта Барбара, овој апартман претставува поетски дијалог помеѓу природните елементи и современиот дизајн, доловувајќи ја суштината на неговото опкружување: топло, гостопримливо и безвременски софистицирано.
Карпа во ентериер
Она што го прави овој ентериер уникатен е карпата што навлегува во неговиот простор. Со својата органска форма и текстура, остатоците од старите ѕидови беспрекорно се интегрираат во дизајнот на ентериерот, потсетувајќи нè на богатото наследство на Аликанте.
Во срцето на дизајнот лежи хармонија од нежна, неутрална основа – песокливо жолти, пригушено бели и светло сиви нијанси на избледен камен, со акценти во керамичко црвени и окер тонови што ја отсликуваат минералната палета на регионот. Ефектот што се добива е простор исполнет со топлина и карактер, каде што секој детал зборува за местото и неговата суштина.
Оптимално користење на просторот
Со својот отворен план, но истовремено лимитиран простор, решението за ентериерот бараше вешти и функционални пристапи за создавање комфорен апартман за одмор, а притоа максимално да се искористи неговиот компактен распоред.
Карпата, како уникатно архитектонско обележје, не само што го дефинира просторот, туку и го издигнува, создавајќи атмосфера што е истовремено приземјена и етреална. Така, внимателно е дизајниран лаунџ, кој е вмрежан директно во природната карпеста формација, создавајќи неформален дневен простор што се движи долж органските линии на каменот. Материјалите избрани за стилизирање на ова катче ги нагласуваат природните текстури на карпата.
Хармонија меѓу просторите преку мебелот и материјалите
Поврзаноста на различните зони во апартманот се постигнува преку дизајнираните парчиња мебел, кои суптилно и ненаметливо го спојуваат целиот простор во една целина. Континуитетот на материјалите – сивите плочки, завршните детали од даб и керамичките акценти – ги обединува просториите, додека стратешкото поставување на мебелот овозможува чувство на кохезија и функционална поделба.
Терасата – редефиниран луксуз
Ентериерот не е единственото нешто што плени во овој апартман. Сместена на кровот, терасата создава оаза за максимално уживање – од раните утрински часови, кога сонцето полека се издигнува и создава совршена сцена за тивок утрински ритуал со кафе, до вечерните часови под светлината на месечината што танцува по морето.
Теракотните плочки создаваат топла основа, додека плетените ратански парчиња мебел со светли перници формираат лежерен простор за седење што се претопува со својата околина. Дополнително, просторот е збогатен со ѕидана жардињера со зелени растенија што внесуваат живот, а во нејзин состав е интегрирана и компактна надворешна кујна.
Прегрнувајќи ја природната архитектура на пештерата и комбинирајќи ја со модерната чувствителност, овој апартман ја редефинира луксузноста. Гостите не се поканети само да престојуваат, туку и да живеат, задржувајќи се во простории што повикуваат на собирање, одмор и уживање во безвременскиот шарм на Аликанте.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Аликанте / Антре / Бисера Саздовска / Филип Јовановски / Шпанија