АРХИТЕКТОНСКО РЕПРОЕКТИРАЊЕ НА СОДРЖИНИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР ВО ПЛАНСКА СТАНБЕНА НАСЕЛБА „КОЛОНИЈА“ ОД 1950 ГОД.

Автор: м-р Катерина Цветковска

Проектна задача: Магистерска теза

Тема: Архитектонско репроектирање на места, градби и простори

Наслов: Архитектонско репроектирање на содржини од јавен карактер во планска станбена населба „Колонија“ од 1950 год.

Ментор: Проф. д-р Јован Ивановски

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет – Скопје

Година: 2025-2026

 

 

Овој магистерски труд го го истражува архитектонското репроектирање преку архитектонска интервенција во постоечки комплекс лоциран во периферната зона на Скопје, населба формирана во 1950-тите години како затворена и самодоволна заедница. Проектот обединува три главни програмски насоки — здравство, образование и култура —произлезени од потребите на заедницата, во единствен простор наменет за меѓугенерациска употреба и социјална интеграција. Трудот презентира детално теренско и архивско истражување на урбаниот распоред и елементи, преку воспоставување на хиерархиска мапа на трансформации низ времето.

 

 

Населбата Колонија се наоѓа на границата помеѓу населените места Јурумлери и Идризово, во рамките на општина Гази Баба, Скопје. Се простира на површина од приближно 8,5 хектари и претставува простор создаден во 1950-тите години како станбена населба од затворен тип, наменета да обезбеди сместувачки капацитети за потребите на Корективно-поправниот дом Идризово.

 

Концептот на населбата одговара на принципите на самодоволна и саморегулирана заедница, типична за социјалистичкото урбанистичко планирање од средината на XX век. Просторот бил програмиран да ги задоволи сите основни функции на секојдневното живеење — домување, работа, социјализација, култура, трговија и образование — сѐ во рамки на една компактна урбана целина. Населбата се појавува како минијатурен град во град, со автономна организација и дистинктивна просторна структура.

 

Урбана структура и програмски распоред

Урбанистичката матрица на населбата „Колонија“ прикажува јасен израз за нејзината наменска зонска поделба. Централниот простор на Колонија е замислен како јавно јадро, кое ги содржи главните заеднички програми. Тука се наоѓаат парковски и зелени површини, како и јавни објекти, кои се симетрично опкружени со станбени згради. Оваа распределба ги рефлектира модернистичките урбанистички принципи — јасна функционална поделба, хиерархија на простори и стремеж кон просторна хармонија помеѓу човекот, зградите и природата.

 

 

Централниот јавен објект првично бил проектиран како Културен дом. Тој вклучувал кино сала – која била осмислена како двовисински простор, надополнет со приемна сала, од југозападната страна на објектот. Од југоисточната страна се развива активен фронт во приземје, со комерцијални и трговски програми. Со текот на времето, како природна тенденција— дел од наведените првични функции исчезнале, а на нивно место се појавиле нови: дискотека, кафуле, компјутерница, простории за изнајмување за играорни друштва и сл. Од северната страна се развива уште еден јавен објект, како дел од комплексот, чии првични намени како трговски единици, целосно го промениле својот карактер, истите денес се здравствени содржини. Овие трансформации се одвивале без систематска грижа за одржување, што довело до конструктивна и програмска деградација на просторот.

 

 

Што се однесува на домувањето, истото се развива од три страни околу централниот јавен простор, осмислено како колективно домување, во три типологии на архитектонски план. Од наведените, две типологии претставуваат колективно домување во станбен блок П+1, а третата можеме да ја опишеме како колективно домување во станбени единици во низа. Ваквиот начин и именување, ќе биде подетално објаснет во понатамошната разработка. Нешто подоцна, планот е надополнет со архитектонска техничка документација за основно училиште северно од централното јадро.

Карактеристика која ја споделуваат сите споменати градби е материјалното и конструктивно решение. Сите објекти споделуваат масивен конструктивен систем, со полни ѕидови изработени од печена тула. Истите достигнуваат дебелина до 45см за надворешните ѕидови, и 30см за внатрешните ѕидови. Тулата која се употребува за изградба на сите објекти е исто така, производ на организацијата и трудот на Корективно поправниот дом.

Културна вредност и улога на јавниот простор

И покрај запуштеноста и отсуството на континуирано урбано одржување, Колонија и денес претставува значаен центар за социјализација — не само за нејзините жители, туку и за околните населби. Зелените површини, јавните објекти и сообраќајната тивка прометност, а поврзаност со цврсти сообраќајни аксијали со останатите делови од градот, ја прават Колонија привлечна дестинација за генерации на граѓани кои ги користат овие простори за секојдневни и повремени активности.

Најголем предизвик денес е постоењето на пасивни и недоволно искористени јавни објекти, како и парковски површини со недостаток на урбана опрема, кои го губат својот јавен карактер. Во исто време, близината на образовни институции и здравствени содржини, како и историската и просторната вредност на населбата, претставуваат огромен потенцијал за репрограмирање и ревитализација.

Урбан морфолошки развој на населбата Колонија

За детално разбирање и согледување на проектантските одлики на урбаниот развој се зема во предвид првопланираната состојба, чијшто облик го согледуваме преку архивски истражувања на техничката документација изработена за просторот во 50-тите години на XX-иот век. Дополнително, преку теренско согледување на елементите во просторот, нивната материјалност и формални одлики, и нивно систематско распределување се претставува Лична карта на трансформации на опфатот.

 

 

Од приложената Лична карта согледуваме ситно структуриран првопроектиран концепт, којшто негува неколку морфолошки типологии за домување, крупно структуран волумен централно на планот и помошни објекти најпериметрално, со што можеме да согледаме централно фокусирана прстенеста шема, која прави наменска поделба на просторот. Оттука, согледуваме дека просторот е концепиран да ги обедини заедничките активности, да го изниже домувањето во јасен ред, и да ги прошири дополнително секојдневните приватни активности кон периферијата.

 

 

Важно е да се спомене дека во континуитет на првопроектираната состојба, а после нејзино изведување, северозападно на планот се планира основно училиште. Со ваквиот потег населбата целосно ги задоволува програмските потреби на едно живеење во заедница.

Со текот на годините и новите генерации, транформациите во просторот се неизбежни. Со распадот на СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија), и почетокот на XXI -от век, на жителите во оваа заедница им се овозможува откупување на становите и откупување на ограничени простори за нивно проширување. Со оваа можност просторниот облик на населбата го менува својот израз. Сега во просторот се појавуваат доградби, кои морфолошки дејствуваат како паразити на постојните волумени. Ваквите додатоци се развиваат наизменично во приземје и на првиот кат.

Зелената централна јавна површина со текот на времето од зелена пространа површина еволуира во уредено парковско зеленило, со додавање на главни правци и содржини во просторот. Овие простори биле одржувани од КПД Идризово за време на СФРЈ, чистени и организирани во цветни расадници.

Постоечки објекти (волумени) – состојба и архитектонски карактеристики

Објектите за домување кои потекнуваат од првопроектираната и реализирана состојба на населбата во ова истражување се систематизираат во три типологии на архитектонски план. Истите поддржуваат разлики не само во просторното планирање, туку и во хронолошкиот редослед на нивната изградба.

 

 

Првата типологија се систематизира како: „Колективно домување во станбени згради П+1“. Архитектонскиот план се одликува со централен напречен ходник на правоаголна основа, каде се наоѓа влезот во објектот и вертикалните комуникации поставени по должина на холот, изведени како двокраки скали, кои ги опслужуваат двата ката. Од двете страни на ходникот се развиваат станбени единици и тоа, три станови на приземје, со четири станови на катот. Планот се развива на подигнато приземје на кота +0,96 метри, додека катот се развива на кота +3,36 метри од приземјето, со сèвкупна бруто површина на кат од 243 м2.

Конструктивен систем кој се користи за изведба на сите згради во првопроектираната состојба е масивниот конструктивен систем. Тој главно, се одликува со употреба на печената тула, како основен материјал препознатлив за изведба на овие згради. Ѕидовите на оваа типологија на згради имаат дебелина која достигнува 45 см за надворешните ѕидови и 30 см за внатрешните ѕидови. Тулата употребена во овие ѕидови и начинот на градење, претставуваат особена гордост на жителите, не само заради нејзиното локално производство, туку и заради нејзината цврстина. Овие згради изградени во раните 1950-ти години, ја „имале честа“ да го преживеат земјотресот кој го затекнал градот Скопје во 1963-тата година, и вклучително останати фактори како далечината од епицентарот на земјотресот и слично, останале без оштетување.

 

 

Втората типологија е изведена во континуитет на урбанистичкиот потег за домување во станбени згради, тоа ја прави дел од морфолошката групација заедно со Типологија 1. Последователно, се систематизира како „Колективно домување во станбена зграда П+1“, но споредбено со првата типологија се разликува во решението на просторната матрица и времето на изградба, а се совпаѓа со волуменот и површината која ја зафаќа. Овие згради имаат техничка документација која датира од 1955 година, за разлика од првата типологија за која овој труд презентира теренско истражување. Додека за првата типологија се изведени осум претставници, оваа типологија ја претставуваат само два објекти, кои воедно го бележат и крајот на ваквиот урбан потег и граничат со главна сообраќајна аксијала.

 

 

Третата типологија се издвојува како различен тип на домување, споредбено со другите две типологии, не само според разликите во архитектонската просторна матрица, туку и според нејзината систематизација во начинот на домување. Кај оваа типологија исто така, станува збор за колективно домување, но морфолошки организирано во поинаква шема. Наместо вертикалната шема на повторливост на станбената единица, која ни е добро позната за колективното домување во станбени згради, тука сретнуваме „Низа на станбени единици“. Ваквата низа многу потсетува на типолошката распределба за „Индивидуални куќи во низа“, освен што не се работи за куќи и не се работи за индивидуално домување.

 

За согледување на првопроектираната состојба е направено теренско истражување и обид за реконструкција врз Геодетската подлога на постојната состојба. Оттука ја согледуваме просторната матрица на третата типологија на објекти за домување. Станбената единица содржи две простории за престој, мало претсобје од кое се пристапува во останатите простории и мал простор за остава.

Анализа на јавни содржини, архитектонски карактеристики и состојба

Архивските податоци кои беа пронајдени за населбата, како техничка документација и ситуациони планови, сите ги претставуваат објектите за домување заедно со овој централен јавен простор со јавни објекти, како интегрален дел од планот. За формирање целосна слика за архитектонскиот план на двата објекти е извршено теренско истражување, како и согледување на скорешни геодески мерења за просторноста на двата објекти.

 

 

Планот се состои од два јавни објекти кои претставуваат групација според нивната обликовна поставеност. Едниот објект има Г-форма на архитектонскиот план, а другиот се одликува со правоаголна форма на архитектонската матрица.

Првиот објект просторно граничи со парковските соджини и воедно, претставува вертикална бариера која го обележува крајот на парковското зеленило, а е поставен нормално на главната пешачка аксијала, што дополнително го засилува чувството на овој волумен како финална концентрациона точка на пешачкото движење. На овој објект му е доделена програма што соодветствува на ваквата просторна поставеност, тој според првопректираната состојба содржи кино сала, со приемна сала, шалтери за купување карти и останати помошни простории.

 

 

Официјалниот пристап во објектот е овозможен од југозападната страна, во координација со пешачкото движење во паркот, така што едниот пристап не внесува во објектот преку приемната сала, а другиот претставува излез од објектот по завршетокот на кино-проекцијата, директно од кино-салата. Објекот е приземен, со подигнато приземје на кота од +0,60м, со испуштена тераса према југозападната страна, која треба да ги прими и воведе корисниците во објектот. Кино-салата е изведена како двовисински простор, лесно читлив од морфологијата на објектот, додека останатите простории имаат стандардна катна височина. Од југоисточната страна објектот продолжува да ниже ситни трговски единици, со ова се дефинира Г формата на архитектонскиот план. Овие простории се разликуваат по површина, така што поголемите простории се изнижени од југоисточната страна на овој потенок волумен, а од спротивната страна се нижат помошните простории. Овие ситни трговски единици формираат активен фронт од оваа страна на објектот, секој со свој излог и засебен пристап. Овој волумен зафаќа површина под објект од 870м2.

Денешниот израз на овој објект е во незавидна состојба, многу од просториите се неупотребливи и делумно непристапни од безбедносни причини. Дел од трговските единици од југозападната страна се трудат да останат во функција, со лоша состојба на нивните помошни простории, како од конструктивни, така и од хигиенски причини. Последните простории во низата се под употреба на Месната заедница на населбата која служи како посредник за потребите на населбата со општината. Киното и приемната сала, со години се простории кои не ги заживеале нивните културни и просторни можности. Такаречено, на големо незадоволство на жителите кои се сеќаваат на убавите денови, овој објект претставува неискористен потенцијал за социјални искуства.

Правоаголниот волумен е поставен праволиниски во континуитет на поголемиот објект, така што од северозападната страна кон улицата, формира јасен фронт. Тој зафаќа бруто површина од 269м2. Поради недостаток на архивска техничка документација за овие јавни објекти, не може детално да се претстави провопроектираната состојба на овој објект, бидејќи истиот доживува промени во програмата, како и структурни и квалитативни обнови. Истите се потребни за задоволување на новата намена, која денес е од особено значење за снабденоста на населбата со програма од здравствен карактер.

 

 

Анализа на јавниот простор и пешачките оски

Преку програмската мапа на опфатот може јасно да се согледа просторната распределба на функциите и доминантните програми. Најголем дел од површината зазема домувањето, додека јавните содржини и парковското зелнило се поставени централно и праволиниски од главниот пристап во населбата. Оваа централна поставеност им овозможува на јавните простори да се перцепираат како првичен контакт и репрезентативна визура при влезот во населбата.

 

Како примарна пешачка аксијала доминира централната патека, која го воведува корисникот низ паркот и води директно кон јавните објекти — првично проектирани како главни социјални кондензатори на заедницата. Оваа патека има стратешко значење, бидејќи го дефинира главниот проток на движење, додека секундарните аксијали овозможуваат разгрането и флексибилно поврзување на останатите јавни содржини со станбените зони, дополнително интегрирајќи го паркот во секојдневните рутини на корисниците.

 

 

Концентрационите точки и актерите во просторот се прикажани во Шематската мапа на движења. Тука се согледува интензитетот на прометноста генерирана од објектите и активностите што ги нудат, како и прометноста и корисниците на аксијалите на движење. Анализата укажува на јасна тенденција што се појавила по период на нефункционирање на дел од јавните објекти – а тоа е ширењето на комерцијалните единици надвор од првично планираното компактно јадро. Во потрага по подобри услови и локации со поголем проток на луѓе, деловните субјекти се прошириле во приземните простори на станбените згради и во помошните објекти.

Концепциска стратегија

Основната идеја на интервенцијата е репроектирање на јавните содржини, со цел обнова на јавниот центар, кој со години е носител на таа улога, како за Колонија, така и за околните простори. Покрај наведеното, овој проект цели да го допре и моментот на грижа и перцепција на корисниците за просторот. Проектот тргнува од анализата на постојната состојба и ја препознава потребата јавниот простор повторно да стане активен носител на секојдневниот живот, а не изолиран и запоставен елемент во урбаната структура.

 

 

Централна улога зазема репроектирањето на јавните содржини, досега споменати како два објекти – еден со правоаголна форма на планот и друг со Г-форма на архитектонската матрица. Со интервенцијата која произлегува од репроектирањето на пешачките аксијали, тие сега добиваат израз на групација од три волумени, секој со различен тип на интервенција и различна намена.

 

 

 

На југозападната страна од гореспоменатиот комплекс, е воведена структура изградена од традиционална тула, која формира трем од лачни отвори. Овој трем создава покриен јавен простор и овозможува засолниште и задржување на корисниците пред објектите. Лачните отвори произлегуваат од природните конструктивни својства на материјалот, а нивната појава дава архитектонска тежина и симболика на комплексот. Притоа, тремот функционира како функционален посредник помеѓу внатрешните содржини и паркот, создавајќи простор за собирање, одмор и транзитна зона – полуотворен простор, а истовремено претставува визуелна рамка која ги врамува двата објекти од југозападната страна во визурата од паркот.

 

 

Неискористениот внатрешен простор што го формираат јавните волумени се трансформира во централна поплочена плоштатка со јасна јавна улога: простор за социјализација, концентрирање на луѓе и флексибилни намени – сезонски настани, пазари, културни собири, како и можности за изнесување на внатрешните програми во надворешниот простор. Оваа плоштатка ја добива својата стратешка и симболична улога како точка на интеграција помеѓу здравствените, образовните и културните функции.

 

 

Постоечките пешачки аксијали се обновуваат и дооформуваат за да создадат поврзана мрежа која ги интегрира паркот, детските игралишта, централната плоштатка и резиденцијалните зони. Примарната надолжна оска останува клучен носител на движењето и води кон новоформираниот јавен центар, додека секундарните и новопроектираните патеки обезбедуваат непрекинато поврзување на сите програмски содржини. Со оваа интервенција, пешачката мрежа не е само средство за преминување на простор, туку станува урбан поттикнувач на јавниот живот.

 

 

 

Концептот ја препознава важноста на постојната материјалност и архитектонската меморија на местото. Употребата на тула во новиот трем и новите трајни интервенции ги нагласува традиционалните вредности и гради континуитет со постоечките структури, додека истовремено ја продолжува функционалната значајност на материјалот.

 

 

Овој јавен простор е поддржан од микро-интервенции низ паркот, како и надвор од него – мали сенки, покриено седење и простори за одмор, структури кои се поврзуваат со образовниот и транспортниот контекст на локацијата, гледалишта за спортските терени – кои создаваат архитектонски архипелаг од социјални точки. Ваквиот концепт директно се обраќа на повторното заживување на просторите, онаму каде што се пројавува најголема потреба од истото.