Архитектонска работилница за деца: куќичка на дрво
07.12.2021 • Информации

Драги наши,
По успешната прва работилница, со задоволство и возбуда ви ја најавуваме втората Архитектонска работилница за деца: куќичка на дрво.
Сите сме ја сонувале, замислувале, цртале или посакувале, а најсреќните ја поседувале… Куќичката на дрво е можеби еден од првите и најраспространети архитектонски архетипови. Куќичката на дрво е повеќе од место и простор. Таа е засолниште на детството. Таа е безбедно место. Таа е бедем на независноста каде светот на возрасните не допира. Таа е сцена и проекција за исклучително возбудливи авантури. Таа е ‘непристапно’ место заробено меѓу небото и дрвјата. Таа е материјализација на соединувањето и помирувањето со природата, тивок свет во постојана игра со ветрот, птиците и верверичките.
Работилницата е наменета за деца од 8 до 11 години, а ќе ја водат архитектите Маргарита Поповска, Маја Доновски Лукаревска и Мика Черепналковска. Ќе зборуваме за настанокот и идејата зад куќичката на дрво, ќе гледаме интересни фотки и видеа, ќе цртаме, ќе проектираме и ќе изработуваме макети на куќички на дрво.
Цената за учество во тричасовната работилница со вклучени материјали и смути е 600 денари. Пријавете го вашето дете најдоцна до петок (10 декември) на следниот линк https://docs.google.com/…/1Pnw3qcM9yxSKZlU…/edit
Бројот на учесници е ограничен. Ве молиме, доколку детето е пријавено а не е во можност да присуствува, навремено да нè известите.
Работилницата ќе се одвива во нашата сала по сите протоколи за организирање на настани во затворен простор. Задолжително е носење заштитна маска.
АДИНГ и КНАУФ Македонија како компании директно поврзани со архитектурата и со високо реноме во делот на општествена одговорност, го препознаа нашиот ентузијазам и уникатна идеја, и од оваа работилница стануваат наши поддржувачи, за што сме многу благодарни.

Автор на статија: Martina Shteriova