Архитектонско репроектирање на жичарница Тетово – Попова Шапка / Благоја Ристовски

Наслов: Архитектонско репроектирање на објекти, места и простори

Тема: Архитектонско репроектирање на жичарница Тетово – Попова Шапка

Автор: Благоја Ристовски

Ментор: доц. д-р Јован Ивановски

Година: 2018

Ви претставуваме магистерски труд кој ја разработува темата на репроектирање на жичарница Тетово – Попова Шапка, преку одговор на прашањето како треба да се третира односот град – планина и како дополнително да се зголеми нивната вредност.

Тетово е еден од петте најголеми градови во Република Македонија. Се наоѓа во северозападниот дел на државата, сместен во подножјето на Шар Планина. Станува збор за урбана средина чиј идентитет и карактер произлегуваат токму од оваа планина. Природните пејзажи на Шар Планина заедно со оние на градот ја чинат целината на Тетово. (сл.1 и сл.2)

Значајна инфраструктура со која се воспоставува однос на градот кон Шар Планина, претставува жичарницата Тетово-Попова Шапка. (сл.3) Се работи за патничка жичарница од типот телекабина. Се протега на падините на Шар Планина, од градот Тетово до скијачкиот центар Попова Шапка на растојание од 6,2 км. Ја сочинуваат три станици. Почетна станица во градот Тетово на 485 м.н.в. (сл.4.1, сл.4.2,сл.4.3, сл.5), полустаница во околината на с.Лисец на 1307 м.н.в. (сл.6.1, сл.6.2, сл.6.3, сл.7) и крајна станица во скијачкиот центар Попова Шапка на 1708 м.н.в. (сл.8.1, сл.8.2, сл.9 и сл.10). Континуирано работи од нејзиното отворање во 1965-та година до 1987 година, а потоа од 1997 до2001, кога престанува со работа и се претвора само во обележје на минатите времиња. (сл.11)

Жичарницата е дел од една низа на инфраструктурни зафати кои се одвиваат на Попова Шапка  и Шар Планина од 1924-тата до 90-тите години. Тие укажуваат на постоењена една идеја за живеење на планината, од која и самата жичарница директно произлегува. Во просторниот план на полошките општини од 60-тите и студијата за туристичкиот локалитет Попова Шапка – Јелак од 70-тите овие аспекти може да се увидат, а соодветно се вградени и во изработката на тезата. (сл.12)

Предметот на истражување на магистерската теза е како може преку жичарницата Тетово – Попова Шапка да се одговори на поширокиот контекст на Шар Планина, на градот, на односот град – планина и како дополнително да се зголеми нивната вредност.
Архитектонскоторепроектирање на жичарницата во општа смисла  претставува надополнување на основната улогана жичарницата – транспорт и нејзино проектирање и во содржина за доживување напланината. (сл.13)

Концептот за жичарницата како транспорт и содржина за доживување на планина функционира во два контексти.
Едниот се однесува на поимање на Шар Планина како содржина во рамки на градот и како негов јавен простор. Соодветно, преку дополнителни спортски, рекреативни и трговски содржини се создаваат можности за доживување на планината кое што започнува од самиот град и нејзино поимање како содржина што тој ја има во дневен домен на користење. (сл.14)

Во другиот контекст на концептот, жичарницата е земена предвид како дополнителна содржина на сместувачките капацитети на скијачкиот центар. Преку рекреативните, спортски и трговски содржини таа се надоврзува кон скијачкиот центар „Попова Шапка“ поимајќи го од аспект на одвоен туристички живот во планина. (сл.15)

Архитектонското репроектирање на жичарницата Тетово – Попова Шапка е насочено кон објектите и локациите на трите станици на жичарницата. Тие го чинат архитектонскиот домен во инаку доминантно машинската инфраструктура на жичарницата. Овие објекти и локации се земени предвид како клучни воодредувањето на „карактерот“ на жичарницата и во таа насока подеталната интервенцијата се задржува на нив. (сл.16)

Проектот за станицата на жичарницата – Тетово се развива земајќи ја предвид станицата како почеток на еден последователен процес на доживување на планината кој продолжува во станиците кај с.Лисец и на Попова Шапка. Оттаму, во станицата во градот се сместуваат програмски содржини кои асоцираат на планина, поттикнуваат и привлекуваат кон неа, притоа претставувајќи своевидна подготовка за планинапред одењето во неа. (сл.17) Просторната интервенција ја сочинува плато кое започнува непосредно до влезот на локацијата и континуирано се развива во „падина“ што се искачува до ново-дефинираната површина пред постоечкиот објект на станицата. Притоа, постоечкиот објект го задржува значењето како поента на искачувањето. Ова искачување всушност се одвива на петтата фасада на новиот објект, преку три сегементи-рампи кои последователно меѓусебно се надоврзуваат. Во рамките на овој објект се наоѓаат простории за планинарски клуб, продавница за спортска опремаи сала за спортско (алпинистичко) качување. Постоечкиот објект се зачувува во изворна состојба, со мали интервенции. Во овој објект како дополнителна содржина, во влезниот хол во приземјето, сместена е постојана изложбена поставка со осврт на историјатот на планината, жичарницата и Попова Шапка. (сл.18 – сл.26)

Втората станица на жичарницата – с.Лисец се наоѓа на локација што е надвор од градот, но во визуелна врска со него и на одалеченост од 15 – минутно возење со жичарницата. Од тој аспект, станува збор за природна средина која може да се поима како „тетовска“. Со тоа таа овозможува да се обликува во простор за одмор и поврзување со природата на планината притоа директно овозможувајќи планината да стане јавен простор на градот. Соодветно, новопредвидената програмска содржина претставува целина од бар со базени со термална, солена, минерална вода, вирпул и простор за одмор и масажа. (сл.27) Во проектот се предвидува постоечките објекти коишто се појавуваат западно на локацијата на жичарницата да се отстранат. Во просторна смисла – градејќи цврста композиција со посточекиот објект, новопроектираниот создава своевиден невидлив, дополнителен просторен домен преку еден пресек низ теренот. Волуменот вкопан во теренот претставува простор чиј карактер и идентитет произлегуваат од поврзаноста со природата преку целосно застаклената источна фасада. Всушност, користејќи го објектот содржината која се „консумира“ е природата. (сл.28 – сл.35)

Во станицата на жичарницата на Попова Шапка се предвидуваат програмски содржини кои што се поврзани со природниот контекст на планината, со доволна специфичност на дневна основа да привлечат корисници и од Тетово. Истовремено, целта е користење на станицата како содржина и во текот на летната, и во текот на зимската сезона. (сл.36)
Новопроектираната целина на жичарницата почнува да се развива на кота -3.06 од нивото на станицата, при што како своевиден постамент и плато на целокупната локацијасе појавува спа центар. Над него волуменот на станицата на жичарницата и новопроектираниот волумен на базенот што во зима станува лизгалиште претставуваат поенти на просторот. Волуменот на базенот/лизгалиштето претставува удвојување на оној на станицата, а преку минимално намалување на новиот волумен се создава хиерархија помеѓу двата објекти. На крај, извонредно сложениот програмски карактер на локацијата што го сочинуваат гардеробите и придружните простории за базенот, просториите за одлагање, изнајмување и продажба на ски опрема, влезовите и целокупната циркулација на локацијата, зависно од тоа дали се користи базен или лизгалиште, ги покрива и обединува слободна површина што се појавува околу базенот/лизгалиштето.
Како придружни содржини кои ја опслужуваат оваа платформа се јавуваат простор за изнајмување лизгалки, пулт за пијалоци и пулт за храна сместени во рамки на сегмент на хотелот под неговата тераса, на ниво +3.45 од нивото на станицата. (сл.37– сл.44)

Авторот