Пејзажен хотел со поглед на Преспа | Архитектонско студио 7.1 (дел 1)

Семестар: IV година, зимски семестар 2023/2024

Тема: ПЕJЗАЖЕН ХОТЕЛ СО ПОГЛЕД НА ПРЕСПА

Предмет: Архитектонско студио 7.1 - УКИМ

Локација: Стење / Наколец, Преспанско Езеро

Педагошки тим: Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Димитар Папастеревски, Александар Петановски, Марија Петрова

 

Брегот на Преспанското Езеро повлекувајќи се наназад од маргината на своите граници ги открива трагите од некогашните наколни живеалишта. Пејзаж на ова живописно пространство во минатото бил населен со скромни куќарки над воденото огледало. Оваа слика за населување на брегот и денеска умее да ги разбранува креативните визии за опросторување на Преспанското Езеро со нови иновативни концпети на домување.

Ова студио бара одговор на тоа дали може некогашниот модел на наколни живеалишта во Преспанското Езеро да биде подлога за развој на неконвенционален хотел? На оваа задача студентските проекти од Архитектонско студио 7.1 „ ПЕЈЗАЖЕН ХОТЕЛ СО ПОГЛЕД НА ПРЕСПА“ се трудат да дадат одговор. Нивните проекти се со различни и навидум спротиставени ставови: компактна заедница во вода, композиција од повторливи пирамидални соби, втопување во теренот со екстензија кон вода, па се до населување на цело едно маало во вода. Дополнително предложените проекти имаат за цел да ја интегрираат уникатната флората и фауната од овој крај преку нејзино однапред одредено место во секој од хотелите. Богатиот птичиј свет ги населува кровните тераси скроени по нивна мерка и тие со својата посебна убавина треба да го збогатат престојот во овие наколните хотели.

 

 

Проект 1: Катарина Томиќ

Овој хотел е сместен на брегот на Преспанското езеро, во близина на селото Наколец. Поделен е на два дела- дел на копно и дел на вода. Во делот на копно се наоѓа пристаниште со мал ресторан со поглед кон езерото, додека на вода се наоѓаат собите. Поставеноста на собите е земен од поставеноста на куќите во самото село Наколец, со цел да се продолжи селото во вода. Од страните се наоѓаат бар и сауна, што може да се посетуваат не само од хотелските гости, туку и од гости од надвор, при што истовремено ќе се задржи приватноста на хотелските соби.Со цел да се овозможи приватност меѓу самоте соби, секоја куќичка има различна висина.

 

Основи
Пресеци

 

Проект 2: Ива Божиновска и Сара Бениќ

Хотелот е сместен во селото Наколец, на самото крајбрежје на Преспанското езеро. Поделен е на два дела каде хотелските соби се поставени на колови во вода, следејќи го стариот принцип на градење на објектите во ова место, за разлика од другиот дел кој е сместен на крајбрежјето, со доминантна вертикала-кула, за визуелни погледи на целиот простор. Меѓусебно двата дела се поврзани со мост кој ја следи патеката од црквата Св ,,Никола”.

Целата конструкција е бондручна и доминантност претставуваат гредичките кои се поставени како обвивка на сите соби. Со цел да се прилагоди објектот на самата средина, терасите од собите се затворени со врати од трска.

За да се зачува и продолжи да се развива сѐ повеќе во овој дел флората и фауната, овозможени се платформи со зелени површини на самите кровни тераси кои воедно ги примамуваат и погледите на самите посетители кон нив.

 

Основа
Аксонометрија

 

Проект 3: Димитар Димитриевски и Бјанка Жежова

Локацијата на проектираниот пејсажен хотел е помеѓу село Стење и село Коњско на ивицата каде што стрмната планина го допира мирното Преспанско езеро. Тука од горе надолу на самата планина нанижани се содржините на хотелот (рецепција, ресторан, кујна, базен, сауна, бања) се до самата плажа на која има бар.

Конструкцијата на хотелот е дрвена и таа беспрекорно се вклопува во природата која го опкружува хотелот. Од секоја просторија гостите имаат шанса да го видат пејсажот од различна висина. Сите простории се поврзани со надворешен лифт кој се симнува се до преубавата плажа од бели камчиња и школки.

Од плажата со мост кој се протега над водата се наоѓаат и собите. Сите соби се со застаклен ѕид ориентиран кон југ, па така се овозможува одлично осветлување во било кој дел од денот. Од секоја соба гостите ги пречекува неверојатна глетка на околните планински врвови пресликани во мирното и тивко езеро. Додека сонцето заоѓа зад планините и фрла златен сјај на површината на езерото гостите се релаксираат во убавината и тука границата помеѓу архитектурата и природата избледува во совршенство.

 

Пресеци
Аксонометрија

 

Проект 4: Вероника Беличоска и Стефана Тутеска

Хотел со неверојатен поглед кон преспанските води кој нуди удобност и релаксација. Обезбедува добри услови и можности за остварување на секојдневните активности со комфорно уредени соби и основни сервисни делови во приземјето.

 

 

Основи
Аксонометрија

 

Проект 5: Ангелина Стојковска

Мал хотел сместен во мирните води на Преспанското езеро. Хотелот нуди еден ресторан, заедничка соба за разговор и отворен базен за освежување во топлите денови. Хотелот е со капацитет од 10 соби од кои 8 двокреветни и 2 апартмани. Секоја соба нуди уникатна врска со водата, поседувајќи дрвени платформи за лесен пристап до чамците и погледи на езерото. Kровните тераси обезбедуваат идеална позиција за гостите како место за набљудување на околината придружено со дрвени платформи за птици кои придонесуваат кон мирната атмосфера.

Ситуација
Основа на приземје
Основа на кров
Пресеци
Детал на соба

 

 

 

Фотографии од изложба: