Архитектура на издиш/надув-ување 1 / Димов

Ја пренесуваме поканата за проектот „Архитектура на издиш/надув-ување 1“ на архитектот Лазар Димов, кој се состои од промоција на книга и изложба како нејзина експликација.

Настанот ќе се одржи на 19 Ноември 2021г. (петок) со почеток во 20:00ч. во холот на Филхармонија на РСМ.

Рецензенти се еминентната м-р Маријана Котевска – Георгиева филолог писател и поет, доајенот на современата македонска архитектура професорот д-р Митко Хаџи – Пуља и уникатниот архитект и професор – истражувач д-р Алексадра Крстиќ од универзитетот Tecnológico de Monterrey во Мексико.

Проектот е овозможен од Министерство за култура на РСМ, како дел од проектите од нациoнален интерес во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот за 2021 година.

Како мало запознање ви доставуваме неколку фрагменти од книгата приложени од авторот Лазар Димов:

… Вест на денот: Хајди Штерјова била спречена да дои во „Сити мол“. Интересно барање за соба за доење како програмско дополнување на содржината на сите јавни и општествени објекти…

 

 

 

 

… Стариот Народен театар имал капацитет од околу 530 места за седење и околу 50 плус за стоење. Се стоело на вториот балкон. За ова се сеќаваат старите скопјани.Кога се предвидува простор за стоење, се придонесува за флексибилност на капацитетот и употребата. Во обновениот театар тоа не е предвидено…

 

 

… Целта на архитектурата не е да филозофира или да го проблематизира односот на внатре-надвор, туку да ја реши границата на внатре-надвор. Примарната цел не е протекување на просторот внатре-надвор, туку решавање на конфликтните состојби топло-ладно и светло-темно…

 

 

Во продолжение и пасуси од авторските текстови на рецензентите:
м-р Маријана Котевска-Георгиева

…Книгата на Лазар Димов има два наслова, кои се читаат истовремено „Архитектура на издишување“, или „Архитектура на надувување“. Уште во самиот наслов симболично се алудира на други поенти. Значенската интервенција во зборовите е автентичен авторски јазичен модел. Зад кратките фразеолошки формулации се крие детална урбанистичка критика на Скопје.  Трагичноста што архитектот ја доживува од реалноста која го опкружува ја омекнува, со цел на читателот да му ја олесни перцепцијата на фантазмагоричното опкружување во кое живее, во кое домува…

д-р Александра Крстиќ :
… Оваа книга е навистина уникатен пресек (наменска архитектонска игра на зборови!) на комплексната општествена трансформација, рефлектирана во урбаното физичко искуство со брутална смисла за хумор. Топло им ја препорачувам оваа книга на сите оние што бараат свеж, нерасипан и неранимајски пристап на градска анализа што ја прифаќа архитектурата како процес на повторна проценка на општеството.

д-р Митко Хаџи-Пуља:
Книжевното дело Архитектура на издиш/надув-ување“ од архитектот Лазар Димов претставува комплексно дело кое ги надминува еднозначните книжевни категоризации. Имено, тоа истовремено припаѓа на жанрот белетристика, но и на стручната литература. Како белетристика, тоа е еден вид манифест, кој има етички барања за враќање кон вредностите на нештата, а со тоа и вредностите на архитектонскиот простор. Барањата се директни, во прашална и изречна форма и го ставаат читателот директно да ги тол-кува, да соучествува…