Бесконечен плоштад / Презентација на Благоја Ристовски

На 29ти април, во 19 часот, во просториите на EUROPE HOUSE во Тетово, предавање ќе оддржи Благоја Ристовски на тема „Бесконечен плоштад – архитектонска приказна за едно заедничко место“.
Живеењето на тетовското минато е нераздвоив дел од живеењето на тетовската сегашност. Со минатото нѐ поврзуваат сеќавањата на повозрасните и културолошката матрица која ја живееме, но најнепосредно можеме да го допреме преку местата и просторите кои како негов артефакт сведочат за времиња на поинакви принципи, вредности, широчини и однос кон животот и светот. Зборуваат за еден поинаков однос на едни луѓе кон себе.
Меѓу најистакнатите вакви примери е стариот тетовски плоштад, што опстојува од 1967-2009 година. Бисер на современата македонска архитектура во 20-тиот век. Архитектонска реализација што е плод на архитектонски пристап чии архитектонски вредности се одмереност, чувство за целина, човекомерливост, складност, одржливост.
Ова е архитектонска приказна за исклучителната архитектура и урбанизам што ги чини овој тетовски плоштад. За тетовската архитектонско-урбанистичка круна, за тетовската главна градска урбанистичка сцена, за гостопримливото место кое беше и за неговата поширока слика.
Ваква скапоценост своевремено е секојдневие на тетовчани, нивно заедничко место. Ова е архитектонска приказна што на разбирлив јазик се навраќа на плоштадот и ги објаснува неговите извонредни архитектонско-урбанистички квалитети.
Извор >>>