“Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ – Изложба во МСУ

„Кале, културна тврдина“ е проект што Музејот на современата уметност во соработка со Архитектонскиот факултет започна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој драгоцен простор во центарот на Скопје и да понуди визија и концепти кои би го претвориле во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.

Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале, што беше објавен од 5. април до 15. мај 2019 е втората фаза на реализацијата на овој проект, во кој се вклучени и финансиски го поддржуваат Градот Скопје, како дел од ROCK проектот финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.

Целта на Конкурсот беше развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чија што основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.

Втората важна задача за проектните предлози се однесуваше на Музејот на современата уметност како носечка програмска платформа за организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, перформативни, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници и други видови на интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани, и во таа смисла во делот на потесната локација на МСУ да предложат концепти за поставување на неколку привремени градби од павилјонски тип наменети за дел од музејските активности.

На конкурсот пристигнаа вкупно 17 трудови од архитекти и архитектонски тимови од Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Турција и Англија. Во целина проектите понудија визии и сценарија со кои преку внесување на различни содржини, патеки и парковски решенија, Средновековната тврдина и Музејот на современата уметност ќе добијат достојно значење и отворени можности за многу поголем пристап до публиката, а истовремено и ридот Кале ќе го претвори во силна туристичка и рекреативна зона од која се пружаат најубавите глетки на скопската котлина.

Седумчленото жири составено од архитекти и професори на Архитектонскиот факултет, претставник од Музејот на современата уметност и од Управата за заштита на спомениците на културата, додели две рамноправни први награди од 125.000 денари на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари му е додеалена на проектот на Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович.

По завршувањето на Конкурсот, во текот на јули авторите на двата првонаградени проекти одржаа работилница со членовите на жирито, при што беа усогласени деталите, дефинитивниот изглед и локациите на два привремени павилјони од нивните проекти. Изведбата на овие павилјони е во следната, трета фаза од проектот што треба да биде реализирана во наредните месеци.

На изложбата насловена “Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ ќе бидат претставени сите 17 проекти. Изложбата ќе биде отворена на 22. октомври, 2019г. во 12ч. во Музејот на современата уметност и ќе трае до 03. ноември, 2019г. Изложбата свечено ќе ја отворат градоначалникот на Скопје, г-динот Петре Шилегов и деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина.

Извор >>>

Автор на статија:

/ / /