Архитектурата во делата на Ташковски

Во просториите на Националната галерија, во објектот на Даут пашиниот амам, во тек е ретроперспективната изложба на македонскиот сликар Васко Ташковски.

Роден е во Нижеполе, Битолско, 31 август 1937 година, вистински претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.

 

 

Неговата биографија веќе ја претставивме во посебна објава, притоа спомнувајќи ја врската зошто за нам е значаен неговиот опус. За него се пишувани стотици страници во домашната и странската критика,  како еден од најдобрите во својата генерација .

 

 

Во неговиот футуристички и надреален поглед на светот има посебен простор за македонската традиција, архитектура и пејсажи. Често среќаваме препознатливи мотиви како охридската куќа, средновековните цркви и археолошки локалитети вметнати во неговиот имагинарен свет.  Во сложените сликарски композиции има некоја разумна мисла за копнежот во кој има баланс помеѓу мудроста на древното, природата и биотехнологија која не ги игнорира, туку ги интегрира.

 

Секој што има визија за свет во рамнотежа, често има соочувања со реалноста која ја кочи реализацијата на тој поглед.  Од тие впечатоци ги реализира и делата врзани со загаденоста на планетата и претставата на распетието како метафора на човековото морално пропаѓање.

 

Во овие циклуси за падот се провејува и болката на својот човек – на својот народ. Во неколку слики се забележува обработката на темата за геноцидот врз македонците од Егејска Македонија, како и поделбата на Македонија.

 

 

Флуидната форма или кривата доминира во светот на Ташковски. Таа е природната или линијата на „креаторот“, која е во поголема симбиоза со околината и пејсажот. Од тука се добиваат форми на полукружни потези, топки кои лебдат, лаци и мостови, плоштади, пјацети, атриуми, скалести тераси и што ли уште не?!

 

Васко е сликарски урбанист кој го третира просторот сконцентиран во својата густина и набиеност до спротивноста на слободниот и чист простор.  Но она што секогаш е забележливо е дека големината на природата со ниту една човечка интервенција не е возможно  да се надмине ниту физички ниту мисловно како единствен организам.  Сепак вистинскиот заклучоk е симбиоза на световите кои летаат и  се преплетуваат во правилен распоред на поврзување.

 

 

Во неговите дела, лежи одлична подлога за сценографија на научно фантастичен филм, серијал на 3D анимација, некој македонски Мандолориан или можеби одговор на „Војна на ѕвездите“ со „ Мир помеѓу световите“ на Ташковски!