Беровски женски манастир “Свети Архангел Михаил” – Берово
14.09.2017 • XVI - XIX век
Година : 1818
Локација: Берово
Улица: „Моша Пијаде и Маршал Тито“
________________________________________________________________________________
Крајот на 18ти и почетокот на 19ти век е период проследен со развој и раст на млада граѓанска класа која инвестира во културниот и уметничкиот елемент во градовите. Обновата на стари и изградба на нови религиозни објекти е само една од последиците на оваа опшествена промена која на територијата на Македонија се изразува со позначајна религиозна градежна дејност. Берово не е исклучок на овие опшествени промени.
Манастирот Свети Архангел Михаил во Берово преставува репрезентативен примериок од сакралната архитектура во источниот дел на Република Македонија. Манастирот е сместен во јужниот крај на градот во близина на реката Брегалница, каде во 1815-1818 година е подигната манастирската црква Св. Архангел Михаил. Манастирските конаци се подигнати околу 1840 година или дваесетина години по подигнувањето на црквата.
Панорама кон Конаците ©МАРХ
Комплексот е сместен на стрмен терен над долината на реката Брегалница. Аголната парцела се наоѓа помеѓу улиците Св. Кирил и Методиј и Маршал Тито и го прати природниот облик на теренот. Манастирската црква е сместена во средината на парцелата вградена во теренот и навидум таинствена и скриена во својата сопствена околина. Денеска камбанаријата е директен знак за присуството на религиозниот комплекс.
Ситуација на манастирот Св. Архангел Михаил ©МАРХ
Опшествениот контекст во кој е самата црква подигната говори за изразот на нејзината архитектура. Легендата која се врзува со градењето на црква ја доопишува состојбата при која биле градени религиозните објекти во почетокот на 19ти век. Со исклчуок на тремот и кровниот венец, архитектурата на манастирот е од исклучително профан карактер. Црквата ја зазима централната положба околу која се ориентирани манастирските конаци. Конаците се распослани на северната, јужната и западната страна со чардак и директен поглед кон внатрешниот двор и имаат 16 соби во кои се сместени калуѓерките.
Поглед кон канбанаријата ©Википедија.мк
Едноставноста и скромноста во архитектурата на црквата е највпечталивиот елемент од манастирскиот комплекс. Композициски основата на црквата е издолжен триброден правоаголник со галериски простор и покриен надворешен трем пред влезот на црквата. Над самите галерии над парапетот изведени се мушарабии исто како и во Соборната Црква Св. Никола во Штип. Фасадата на црквата е од груб камен поставен помеѓу кушаци додека кровот е ќерамиден на четири води.
Северниот ѕид на црквата ©МАРХ
Дрвото и бондручната традиционална конструкција се јавуваат како доминантен израз во тоталната композиција на манастирот. Материјалите користени во внатрешноста на црквата пак заслужуваат посебно внимание. Каменот е користен само за надворешната обивка на црквата, додека дрвото е користено во целосната внатрешна декорација, обликување и структура. Подот е од едноставно лакирано дрво додека таванот целосно е изработен од лакирано дрво на кое е посветено големо внимание и декорација. Меѓукорабната носива конструкција е изведена со дрвени балвани обложени во варов малтер за добивање на “класичен” изглед карактеристичен за црквите во Македонија. Во обликувањето на галериите, тремот како и самата архитектура можеме да ги видиме влијанијата на Отоманското присуство на овие простори. Елементите се само производ на декоративната техника создадена во овој период во профалната и сакралната архитектура.
Влезниот трем на црквата ©МАРХ
Големиот трем со должина околу 9 метри, денеска е декориран со масивни лакирани дабови столбови поврзани со полукружни сводови, но првично како и фасадата бил обработен со бел варов малтер по целосната површина како во внатрешноста на објектите. Во почетокот на 80-тите години Арх. Митко Пренџов ја извршува ревитализацијата и рестарврацијата на манастирскиот комплекс каде го добива денешниот изглед.
Тремот и црквата пред рестарврацијата ©Delcample.net
Денеска манастирот Св. Архангел Михаил има скоро двовековна непрекината традиција и во кој денес има две монахињи кои создаваат икони во византиски стил за иконостаси. Историската вредност на манастирот е од непроценлива вредност, дом е на огромен број икони од 19тиот век и е од огромна важност за градот Берово.
Јужната страна на влезниот конак ©МАРХ
Главниот влез во комплексот ©МАРХ
Јужната фасада на гостинскиот конак ©МАРХ
Материјалот го приложи и обработи: Мартин Ефремовски
* насловната фотографија е преземена од веб страната на Википедија.мк
Автор на статија: Мартин Ефремовски
MARH / XIX век / Берово / Културно наследство / МПЦ / Св. Архангел Михаил