Битола 1913 / Musée Albert-Kahn
08.02.2021 • XVI - XIX век Фотографија
Тема: The Archives of the Planet
Автор: Albert Kahn
Сниматели: Jean Brunhes; Auguste Léon
Година: Maj 1913
Извор: http://collections.albert-kahn.hauts-de-seine.fr/
Со формирањето на Битолскиот Вилает во рамките на Отоманското Царство во 1864-та година, па се до самиот крај на османлиската власт во 1913-та година, градот Битола претставувал главен центар ( по Солун ) во европскиот дел од империјата, каде што се одржувале важни политички, стопански и општествени настани од регионот.
Развиеното занаетчиство, изградбата на железничката врска со Солун и постоењето на голем број на воени и образовни институции овозможиле забрзан развој на градот, како и воспоставување на економско-политички и културни врски со останатите делови од Европа.
Во градот се правеле значајни промени по примерот на европските урбанистички и стилски влијанија. Старата традиционална улична мрежа се оформила во правилна широка улица – „Широк сокак”, која дејствувала како централен мотив и околу која се движел општествениот и политички живот во Битола.
Градската архитектура била збогатена со објекти од „солунскиот тип”, како и многу други јавни згради: конзулати, цркви, џамии, текии, граѓански и воени школи и болници.
Експанзијата од крајот на XIX век и почетокот на XX век траела до 1913-та година, односно до Првата балканска војна, чии операции се одвивале во непосредна близина на градот.
Историски контекст
По битката кај Куманово во октомври 1912-та година, турската Вардарска армија се повлекла во два правци: преку Велес – Прилеп и Тетово – Кичево кон Битола со намера да ги завземе силните стратешки позиции на регионот и да jа обезбеди решавачката „Битолска битка“ која се водела во околината на градот.
Поради силниот воен притисок од две страни, српските сили од север и грчките од југ, како и погрешните проценки на турските офицери Зеки-паша и Џавид-паша, по речиси четиридневни тешки борби, османлиската армија била поразена и целосно протерана од територијата на Вардарска Македонија.
Српските пешадиски сили влегле во Битола и воспоставиле власт на 19 ноември 1912-та година. Според Лондонскиот договор од 1913-та година, градот требало да припадне под бугарска контрола, но поради создавањето на независна албанска држава, на Србија не и е дозволен територијален пристап до Јадранското Море, па таа одбила да го предаде.
Непочитувањето на договорот помеѓу сојузниците, како и игнорирањето на македонските национални интереси, имало катастрофални последици за регионот. Новите воени конфликти кои следувале, ја претвориле Битола и околните села во урнатини.
Aрхитектонско-урбанистички контекст (Битола)
Со поставувањето на новите граници, Битола, како економски центар, изгубил 2/3 од краиштата коишто порано биле под негово стопанско влијание. Леринскиот, Костурскиот и Воденскиот крај во Егејска Македонија, како и албанските области во Корча и Елбасан, кои биле пазари каде што битолските трговци и занаетчии ја пласирале својата стока, засекогаш биле изгубени за чаршијата. Своето влијание, градот го имал само врз непосредната околина, односно бил принуден да се развива во тесно определените граници.
- Урбаната структура и бројот на дуќани во чаршијата останал ист како порано, но нејзината економска моќ значително се намалила. Се забележал благ пораст на трговските активности, додека занаетчиството било постојано во опаѓање
- Во почетокот на XX век, еврејското население во Битола достигнало број од скоро 11.000 жители, но до 1914-та година емиграцијата го намалила бројот на 6.000. Тие одржувале високо традиционален и скромен начин на живот, сконцентриран во некогашниот еврејски кварт на градот. Благодарение на фотографиите од Auguste Léon, делумно може да се доловат карактеристиките на трагично загубената заедница на Битола, како и внатрешноста на некогашната синагога „Ил Кар Арагон“, изградена во XVI век. Во Втората светска војна бугарската војска, синагогата ја претворила во кланица за свињи, а пред крајот на војната, истата ја запалиле.
- На фотографиите, присутни се и значајните монументални архитектонски објекти како Исак-џамија, Јени-џамија и Ајдар-кади џамија. Документирана е и некогашната Скршена џамија, која се наоѓала во јужниот дел на градот, во близина на чаршијата, на улицата која води кон Ленскиот мост. Џамијата била мала со квадратен молитвен простор со основа 7,93 m. Била покриена со плитка купола над пандантиви со пречник од 6 m. Барабанот бил поедноставен со користење на горните агли на пандантивите. Таа била стар и поедноставен вид на рана џамија. Ѕидаријата била клоазоне со наизменични редови камен и четири реда тули. Ѕидовите биле дебели 1 m. Горните делови на градбата биле од кршен камен, покриена со керамиди. Основата на минарето била од камен и тули, додека телото и шерефето биле исцело од тула. На север имало трем со димензии 3,72 x 7,93 m со цилиндричен свод. Градбата била срушена во 1974-та година поради лошата состојба. На нејзино место биле изградени зградите Грозд.
Од 1986-та година, фотографиите од колекцијата на Алберт Кан се чуваат во францускиот национален музеј во Париз, кој го носи името Musée Albert-Kahn. Истите се адаптирани од страна на МАРХ. Оригиналните можете да ги погледнете на линкот во горниот дел од објавата.
Автор на статија: Антонио Грујевски
1913 / Алберт Кан / Балкански војни / Битола / Ориент / отоманска архитектура / Синагога / Скршена џамија / Староградска архитектура / Фотографии