Битолските касарни – Црвена и Бела / 1839

Султан:  Махмуд II (1839) и Абдул Меџит I

Година на градење:  1839 (Црвената касарна)

Година на градење:  1844 (Белата касарна)

Локација:  Градски парк Битола

Во периодот на османлиското владеење, во Македонија биле изградени голем број османлиски касарни – воени објекти што служеле за сместување на војската, одбрана на градовите и контрола на важните патни правци.

Едни од најмонументалните објекти подигнати во овој период биле битолските Црвена и Бела касарна, со импозантни димензии и архитектура, изградени во првата половина на XIX век.

За жал, касарните подоцна биле целосно урнати. Денес тие постојат само во урбаната историја на Битола и на старите фотографии. Од целиот комплекс денес е зачувана само Воената школа, во чии простории е сместен НУ Завод и Музеј Битола.

Изградбата на касарните во Битола произлегла од потребата да се реформира и модернизира османлиската војска, особено по Руско-турската војна од 1828–1829 година и прогласувањето на независноста на Грција во 1830 година.

Техничките подготовки за подигање на касарните започнале во 1836 година, а тие биле завршени околу 1839 и 1844 година. Биле подигнати две касарни со нивните придружни објекти, познати како „Црвената касарна“ и „Белата касарна“.

План на битола 1911 година

Црвената касарна била наменета за пешадијата, додека Белата касарна служела за сместување на коњаницата и артилеријата.

Според своите градежни и просторни карактеристики, касарните претставувале исклучително впечатливи објекти. Тие имале правилна квадратна основа со димензии од 180 × 180 метри. Објектите се состоеле од приземје и кат, а просториите биле организирани околу огромен внатрешен двор. Во дворот се влегувало преку осум влеза, од кои најрепрезентативен бил главниот влез, ориентиран кон исток. Во Белата артилериска касарна влезовите биле приспособени за пристап на коњички единици.

Просторот над главниот влез бил оформен со столбови и богато украсен со архитектонски декоративни елементи, карактеристични за османлиската естетика. На четирите агли на касарната се издигале четири кули, за еден кат повисоки од останатиот дел на објектот.

Фасадното обликување било основата врз која касарните ги добиле своите имиња. Црвената касарна била изградена од црвена тула, со агли нагласени со обработка од бел камен додека белата била обработена од бел камен и варов малтер.

Целокупната организација укажува на внимателно осмислен архитектонски концепт, приспособен на потребите на голема, современо организирана армија. Просторната поставеност овозможувала ред, дисциплина и брзо движење на неколку илјади војници, но истовремено обезбедувала и простории за одмор, дружење и извесна приватност во слободното време.

Не е зачуван пишан документ врз основа на кој со сигурност би можело да се утврди кој бил проектантот или главниот градител на касарните. Дел од проучувачите на градителството во Битола го поврзуваат комплексот со познатиот македонски градител Стојан Везенков.

Завршната градежна инспекција ја извршил Мустафа ефендија, инженер од Цариград, додека Ариф чауш ја надгледувал изградбата на коњушницата и на дел од придружните објекти. Работите ги изведувале организирани групи од десетина до стотина работници, предводени од устабашии.

За снабдување на комплексот со вода бил реализиран сложен инфраструктурен проект, кој ги користел изобилните извори на Неолица.

Кон крајот на Првата светска војна, касарните претрпеле големи оштетувања, како што може да се види на историските фотографии. За жал, подоцна била донесена одлука тие целосно да се урнат.

Извори: Петар Ставрев  „Бабам Битола “